1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Турција: Финалниот дуел е закажан за 2028!

5 април 2024

Турција на домашен план има две поделени политички опции, но една на надворешен план. Две души во едно тело, поделени околу правата и слободите, но обединети во империјализмот насочен кон светот. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4eSCY
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со сопругата
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со сопругата Фотографија: Emin Sansar/Anadolu/picture alliance

Неделава бевме сведоци на драматична политичка промена во Турција: Владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) претрпе убедлив пораз на локалните избори што го сигнализира почетокот на крајот на нејзиниот дводецениски монопол на власта и сериозно ги поткопува темелите на авторитарното владеење на  претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Водечката опозициска Народна републиканска партија  (ЦХП) ја постигна својата прва победа  од 1977 година и не само што повторно ги освои петте најголеми градови – Истанбул, Анкара, Измир, Анталија и Бурса – туку на национално ниво освои близу 38 отсто од гласовите, речиси процентни три поени повеќе од ривалите кои паднаа под 36 отсто првпат по општите избори во 2002 година.

Интересното е што победата паѓа директно во рацете на десетина млади политичари, од 30 години нагоре, нешто што многумина веќе го нарекуваат: „Пролетта на градоначалниците-момчиња!“ Една нова генерација политичари научени низ годините на хегемонијата на Ердоган да го освојуваат консензусот на улица и меѓу луѓето.

За волја на вистината никој во Турција немаше преголеми очекувања или ентузијазам: владееше апатија и разочараност, особено по минатогодишниот тесен успех на Ердоган на парламентарните избори. Но, изненадувачки, иако со помала излезност, 76% наспроти рекордот од ланските 85%, луѓето излегоа и гласаа за ЦХП. Главниот мотив за поразот на Ердоган се секако економската криза и евентуално одговорот на неговиот авторитаризам, но искрено, верувам дека клучниот аспект е структурирањето на опозицијата на национално ниво. Победата на Екрем Имамоглу во Истанбул, кој освои речиси половина од сите гласови, и сите слични на него млади политичари, не се само локални победи, туку победи и на ниво на целата земја.

Екрем Имамоглу
Екрем Имамоглу убедливо победи во ИстанбулФотографија: ANKA

Имамоглу лично се претвори во природен противник или контрапункт на Ердоган, како што и опозициската партија во својата целина веќе претставува алтернативна реалност на АКП. Големите градови, и повеќе од само одново освоените Истанбул, Анкара, Измир, Анталија и Бурса од страна на опозицијата, кажуваат дека Ердоган ја изгуби цела западна Турција. Републиканската партија ќе победи дури и во делови од тврдината на Ердоган на југо-истокот како  Адијаман, срушена од катастрофалниот земјотрес  во февруари 2023-та. Очигледно и ефектите од земјотресот кои не се манифестираа на општите избори, сега се покажаа.

Тука следува и еден комплимент за Ердоган, без разлика што сосема заслужено е критикуван за авторитарното владеење. За разлика од еден Путин, Ердоган верува во слободни избори. Сега прашањето е дали навистина верува и во почетокот на крајот на својата политичка кариера. Според законот, ова се  последните избори за „султанот",  нешто што и тој самиот ќе го изјави пред изборите, но праксата е нешто друго и никој докрај не знае дали Ердоган навистина навестува повлекување од политиката. Тоа што е сигурно е дека после поразот, сите негови евентуални калкулации за уставни реформи кои би му дозволиле уште еден мандат, стануваат покомплицирани. Позитивно е што по прв пат неговиот постизборен говор беше помирувачки и во духот на лидер кој ја разбира тежината на поразот. Оттука, би било трагично за Турција доколку Ердоган инсистира по секоја цена да не дозволи политичко-демократска транзиција и како последица на поразот го продлабочи авторитарниот притисок врз земјата.

Меѓудругото и затоа што ништо не е изгубено во некои порази. Лидершипот на АКП и на Ердоган не се доведени во прашање. Следните претседателски и парламентарни избори се дури во 2028 година. Ердоган веројатно е пресреќен што успеа на ланските избори - што поради забраната за Имамоглу да настапи, што поради изборот на опозицијата да предложи безличен кандидат како Кемал Киличдароглу - да си купи барем уште 4 години релативен мир и владеење.

„Две Турции"

Сепак, заклучокот и главната лекција од овие избори е дека поделбата помеѓу „двете Турции“ од денес е многу појасна и посилна. Едната е длабоката и исламска Турција, верна на Ердоган и неговата партија, додека другата е западна, крајбрежна, лаичка и либерална Турција, многу позаинтересирана за правата и слободите на жените и малцинствата и желна за еден поотворен стил на живот.

Разликата помеѓу ланскиот пораз на опозицијата и денешната победа во најголем дел е производ на самата фигура на Ердоган, кој се уште е популарен, и тогашниот непопуларен противкандидат, кој беше жива инкарнација на роден губитник. Но, на локалните избори, секогаш помалку се гласа за политичката фигура, а повеќе за целосниот продукт, каде притоа АКП е далеку помалку популарна и привлечна од нејзиниот лидер. Ослабеноста на раководната структура на АКП, последица и на доминацијата на Ердоган, е потврдена и од фактот што сите водечки министерства се предводени од технички министри.

Турција
„Двете Турции“ - едната е длабоката и исламска Турција, верна на Ердоган и неговата партија, другата е западна, лаичка и либерална ТурцијаФотографија: Yagiz Gurtug/Middle East Images/picture alliance

Многу важен фактор во дебаклот на Ердоган е и успехот на партијата Исламски нов просперитет (ИРП), која и` одзеде голем број гласови на владејачката партија во досегашните конзервативни упоришта во Анадолија. Партијата е предводена од Фатих Ербакан, син на политичкиот ментор на Ердоган и првиот исламистички премиер на Турција, Неџметин Ербакан соборен од војската во 1997. Само во однос на овие порадикални исламисти предводени од Ербакан јуниор, Ердоган ќе изгуби 6,2% од гласовите на национално ниво.

Империјализмот на Турција

Гледано малку пошироко, резултатите од овие избори отвараат една фаза на несигурност во оваа клучна држава во потрага по својата империјална димензија и афирмација. Кога станува збор за Турција секогаш сакам да нагласам дека зборуваме за една регионална сила од средна пропорција, која на неверојатен начин успева да има и поголемо влијание од својата реална моќ, огромна уценувачка моќ кон суперсилите, сфера на влијание од централна Азија до Јадранот, од источното Средоземје до Африка и низ целиот Блиски Исток.Опозицијата и Имамоглу можеби го пронајдоа решението за домашната политика, се разбира доколку го поразат Еродоган или некој негов наследник во 2028, но, останува прашањето околу геополитичкиот профил на земјата и нивната надворешна политика. Секако, тоа не е приоритет за еден градоначалник или за полетните и млади градоначалници од опозицијата. Но, доколку аспирираат навистина да владејат со сила како Турција, ќе мораат мошне набрзо да изградат сеопфатна национална стратегија за надворешната постура на државата. Тоа особено се однесува на евентуалните промени или задржувањето на курсот во однос на двете војни кои ја допираат Турција од северот (Украина) и југот (Израел против Хамас).

Лично мислам дека надворешно-политичката траекторија на Ердоган е тешко надминлива. На Ердоган му останува опцијата мудро да ја изменаџира финалната фаза на својата политичка парабола, на начин кој би му дозволил да замине во историјата како успешен султан, можеби и споредлив со гигантите на империјалната ера, но нешто потешко и со Ататурк.

Четири години се вечност според актуелното темпо на историјата, која се уште не знаеме кон што точно галопира. Останува длабокото чувство, дека кој и да дојде утре на власт во Турција, ниту ќе сака, ниту ќе може премногу да ја промени актуелната стратегија. Едноставно, националниот консензус за враќањето на Турција во рангот на големите сили, процес кој веќе е започнат, делува пресилен и преодлучен. Идејата за империјална Турција, останува како доминантна кај корпусот на нацијата и кај самите државни апарати, и тоа не само воените. 

Клучните прашања како возобновеното откривање на туркоманските и муслимански корени во зоната на пост-советска и туркофонска Азија,  судирот со Грција  или пенетрацијата во Сирија, Ирак, па сѐ до кинески Туркистан (Ксинџијанг), можеби и можат да се променат во тонот и формата, но не и во суштината на турската надворешна проекција и амбиција.

Со други зборови, Турција можеби на домашен план има две кристално поделени политички опции, но само една и единствена на надворешен план. Две души во едно тело, поделени околу правата и слободите, но обединети во империјализмот насочен кон светот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи