1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиТурција

Зошто Ердоган го фали Хамас

СН | АРД
1 ноември 2023

Првично турскиот претседател се презентираше како посредник во конфликтот на Блискиот Исток. Но, тоа е готово: Ердоган сега го опишува Израел како „воен злосторник“, а терористичката милиција Хамас како „ослободител“.

https://p.dw.com/p/4YGsT
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пропалестински демонстрации во Истанбул
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на пропалестинските демонстрации во Истанбул Фотографија: DHA

Веќе неколку дена на ограда во центарот на Истанбул виси голем транспарент. „Израел - убиец на бебиња“, пишува на плакатот, кој е рачно обоен во црвено. Веднаш до него има палестинско и турско знаме. Тоа е само еден од многуте антиизраелски транспаренти или графити, кои сега сѐ почесто се гледаат во Турција. „Антисемитските ставови се забележуваат во масовни размери од 7 октомври“, вели Ерен Гуверчин од здружението Алхамбра за студиото на германскиот јавен сервис АРД во Истанбул. „Ердоган сега се обидува да го инструментализира ова антиизраелско расположение во своја полза.“

Пофалби за Хамас како „ослободител“

Минатата сабота турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган јасно стави до знаење на чија страна е, во меѓувреме, во конфликтот на Блискиот Исток. Во говорот пред десетици илјади поддржувачи во Истанбул, тој го нарече Израел „воен злосторник“. Ердоган ги обвини западните земји дека не се способни да го спречат Израел, а неколку дена претходно пред парламентарната група на неговата партија АКП кажа дека Хамас „не е терористичка организација“. Наместо тоа, тој ги пофали како „група ослободители“. Неговото планирано патување во Израел беше откажано набрзо потоа.

Во саботата (28 октомври, 2023) во турската метропола Истанбул се одржа голем собир за поддршка на палестинскиот народ во организација на владејачката партија АКП на претседателот Ердоган
Во саботата (28 октомври, 2023) во турската метропола Истанбул се одржа голем собир за поддршка на палестинскиот народ во организација на владејачката партија АКП на претседателот ЕрдоганФотографија: DHA

Израелската влада веднаш реагираше на обвинувањата. Министерството за надворешни работи во Ерусалим минатата сабота ги отповика своите дипломати од Турција. „Со оглед на сериозните изјави од Турција, наредив враќање на дипломатските претставници за да се преиспитаат односите меѓу Израел и Турција“, напиша министерот за надворешни работи Ели Коен на платформата Х (поранешен Твитер).

„Затоа ја менува тактиката“

Притоа, Ердоган долго време беше воздрждан во врска со конфликтот на Блискиот Исток, па дури и понуди да дејствува како посредник. Улога, со која веќе пријави успеси во војната во Украина: тој го спроведе договорот за жито меѓу завојуваните страни. Но, сега, во конфликтот на Блискиот Исток, работите не одат според планираното. Обидите на министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан, да посредува за прекин на огнот очигледно не ги исполнија очекувањата. „Брзо стана јасно дека Израел не сака да преговара со Ердоган. А, Хамас увиде дека нема што да се добие со Ердоган. Така, Ердоган остана со празни раце“, вели Берк Есен, професор по политички науки на Универзитетот Сабанчи во Истанбул. „Со умерен курс Ердоган не можеше да постигне ништо на меѓународно ниво, поради што сега ја менува својата тактика“, вели Есен.

Борба за леб и вода во Појасот Газа

Ердоган знае „откаде дува ветрот“

Притоа Ердоган веројатно реагира и на тоа што расположението во Турција полека се менува. „Кога на почетокот беа убиени 1.400 луѓе во Израел, Ердоган не можеше да го брани Хамас“, вели Омер Таспинар од Институтот Брукингс.. „Но, кога се сменија околностите, кога илјадници загинаа на палестинскиот фронт, позициите на Ердоган и на турската јавност се сменија. Не треба да се заборави дека Ердоган постојано прави анкети. Тој точно знае откаде дува ветрот“, истакна Таспинар.

Пред околу една недела, Институтот за истражување на јавното мислење Метропол праша што мислат Турците за конфликтот на Блискиот Исток. Според ова анкета, 34,5 отсто од испитаниците изјавиле дека би сакале турската влада да се однесува неутрално. Во исто време, 18,1 отсто биле за поддршка на палестинската страна сѐ додека таа се дистанцира од Хамас. Поддршка за Хамас побарале и 11,3 отсто од испитаниците. Само три отсто од анкетираните сакале турската влада да застане зад Израел.

Протести пред израелската амбасада во Истанбул на 18 октомври, 2023 година
Протести пред израелската амбасада во Истанбул на 18 октомври, 2023 годинаФотографија: Emrah Gurel/AP Photo/picture alliance

Претстојат локални избори

Едно е јасно: со својата антиизраелска реторика, Ердоган првенствено ја опслужува сопствената конзервативна исламска гласачка база. Ова може да му користи внатрешнополитички, бидејќи на крајот на март претстојат важни локални избори во Турција. Но, односите на Турција со Хамас не се новина. Во минатото, Ердоган постојано ги пречекуваше претставниците на терористичката организација во неговата претседателска палата - Исмаил Ханије, политичкиот лидер на Хамас, беше официјален гостин во Турција во јули. Пред само две недели, Ердоган повторно разговараше со лидерот на Хамас, Ханије. Тогаш, сè уште во улога на посредник, тој во телефонски разговор побара опции за испорака на помош во Појасот Газаи повика на траен мир во регионот. Но, Ердоган сега тешко ќе може да посредува за вакав траен мир. За него нема назад по неодамнешните обвинувања против Израел, вели политикологот Есен.