1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Делење на сиромаштијата во јавното здравство

9 јуни 2023

Министерот за здравство Фатмир Меџити, предизвика бура со изјавата дека граѓаните на Косово и Албанија ќе се лекуваат во Северна Македонија по исти цени како македонските граѓани.

https://p.dw.com/p/4SMkD
Болница Скопје Северна Македонија
Приватните здравствени услуги за странците во јавното здравство ќе бидат исти со оние за македонските граѓани.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Министерот за здравство Фатмир Меџити, кој предизвика реакции во јавноста со донесувањето одлука за разрешување на директорот на Клиниката за кардиохирургија, Сашко Јовев, вчера (8.06) повторно предизвика бура со изјавата дека граѓаните на Косово и Албанија ќе се лекуваат во Северна Македонија по исти цени како македонските граѓани.

„Косовските граѓани плаќаа двојно повисоки цени и тоа само во јавното здравство, а не во приватното. Дадовме наредба од Министерството за здравство ова да се израмни, бидејќи всушност не доаѓаат странци во Македонија, тие се од Косово, особено доаѓаат за здравствени потреби. Презедов мерки и за граѓаните од Албанија кои доаѓаат и ги посетуваат болниците во Охридскиот регион“, изјави министерот Меџити.

По критиките во јавноста дека домашниот здравствен буџет не може да издржи толкав товар, од Министерството за здравство појаснија дека изјавата на Меџити се однесува на изедначување на цените, но за приватно лекување во јавното здравство.

„Во врска со ценовникот за давање на здравствени услуги на странци до сите универзитетски клиники и институти е доставен допис за усогласување на ценовниците за приватни здравствени услуги за странците со оние за македонските граѓани“, изјавија од Министерството за здравство за МИА.

„За овие промени не требаше никакви промени во Законот и дел од клиниките и институтите веќе имаа изедначени ценовници, односно еден ценовник за приватни здравствени услуги. Со оваа промена, на странските државјани им даваме право на избор помеѓу јавните и приватните установи, со тоа што го промовираме јавното здравство како една достапна ефикасна здравствена услуга во нашата држава, конкурентна на пазарот на трудот“, објаснуваат од Министерството за задравство.

Болница Скопје Северна Македонија
Од Министерството за здравство појаснуваат дека изјавата на Меџити се однесува на изедначување на цените, но за приватно лекување во јавното здравствоФотографија: DW/P. Stojanovski

Три причини

Лекари со кои разговараше ДВ велат дека издначување на цените за приватно лекување на странци во јавното здравство не значи и негова конкурентност.

„За да зборуваме за конкурентност, треба да кажеме со какви просторни капацитети и со каква опрема располага јавното здравство, какви се условите во него, и колкав лекарски и медицински кадар го опслужува. По сите три прашања индикаторите се неповолни. Така што, конкурентноста, односно апсорпциската моќ за странски пациенти кои приватно ќе се лекуваат во јавното здравство, повеќе наликува на ‘делење на сиромаштијата’“, вели лекар од Клиничкиот центар.

Проблемот е и во опременоста со современи апарати, но уште повеќе во одливот на кадар, кој не е доволен ни за потребите на домашните граѓани.

За десет 10 години РСМ изгубила 2.000 лекари, а одливот не се намалува, туку се зголемува, и прашање е како ќе се надомести бројот на искусни лекари кои наскоро ќе се пензионираат, бидејќи не постои „контингент“ кој би ги заменил.

Македонските лекари и натаму најчесто заминуваат во Германија, Швајцарија, Словенија, Катар, а истиот проблем се однесува и на медицинските сестри, техничари, акушерки... Генерално има три причини поради кои заминува лекарски и медицински персонал: економски (за повисока плата), политички (незадоволство од партиски влијанија и партиски кадровски политики во здравствената дејност), и од професионални причини (подобри услови за работа и за напредување). За илустрација на еден од посочените аспекти, говори фактот дека по стапувањето на функција на новиот министер за здравство, од март до денес веќе биле разрешени 20 директори.

Болница Скопје Северна Македонија
За десет 10 години РСМ изгубила 2.000 лекариФотографија: DW/P. Stojanovski

Меѓу болен и поболен

Од истите причини, на сцена е голема медицинска миграција и во Косово. Според податоците на СЗО, до 2020 година таму работеле нешто над 4.000 лекари, или 2,3 лекари на 1.000 жители, што е една од најниските стапки на тлото на Европа.

Полоша стапка имала само Албанија (1,2). Северна Македонија варира со стапка од 2,9 до 3, што е под просекот за земјите во здравствена мрежа на Југоисточна Европа, под просекот на земјите во Европскиот регион на СЗО и далеку под просекот на земјите од ЕУ.

Во Косово во просек недостигаат од 800 до 900 лекари за земјата да ги исполни стандардите препорачани од СЗО. Но, во ситуација на постојан одлив, дел од регионални болници веќе морале да затворат одредени одделенија. И во Косово ситуацијата е слична како во РСМ: студенти по медицина и медицински сестри посетуваат јазични школи за да ја напуштат земјата.

Во ситуација кога домашните кадровски ресурси се недоволни (исто како и во Косово и Албанија), изедначениот ценовник за приватно лекување во јавно здравство, според јавни критики, може да заврши со модификација на народната „болен здрав носи“ во „болен болен носи“.

Анализа за ефектите и конкурентноста што се очекуваат од изедначениот ценовник засега нема. Од Министерството за здравство информираат дека започнува и процедура за потпишување на договор за соработка со Грција, со цел на уредувањето на меѓусебните односи во областа на социјалното осигурување, за непречено остварување на правата од социјалното осигурување при движење на нашите граѓани во Грција и преносливост на тие права при нивното движење во рамките на грчката територија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема