1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меџити го кани разрешениот директор да му биде советник

ДТЗ
7 јуни 2023

Министерот за здравство Фатмир Меџити е дециден дека хирургот му е пријател и дека нема никаква политичка или друга позадина за неговото разрешување. Заклучокот е дека Јовев ќе продолжи да биде вработен во Клиниката

https://p.dw.com/p/4SI9j
Сашко Јовев протест
Меџити го кани разрешениот директор да му биде советникФотографија: Petr Stojanovski/DW

Два дена по одлуката за кадровски промени на Клиниката за кардиохирургија и по бројните реакции во јавноста, министерот за здравство, Фатмир Меџити упати повик до разрешениот директор, реномираниот хирург Сашко Јовев да биде негов национален советник за кардиохирургија. Ваквиот повик следи откако Јовев ги повика надлежните да ја преиспитаат одлуката за негова смена, тврдејќи дека нема никакви неправилности во работењето на клиниката. Надлежните, пак, во завиена форма изминативе денови посочуваа дека во заднината на случајот би можеле да се кријат некакви злоупотреби. Иако беше најавен брифинг за да се расветли случајот, во јавноста остануваат  многу дилеми зошто Јовев заминува од директорската позиција. 

Политичка или друга заднина? 

Реномираниот доктор, кој го предводеше тимот којшто ги изврши првите трансплантации на срце во земјата, во вторникот (07.06) на прес- конференција рече дека последниот период бил изложен на големи притисоци и дека причината за неговото разрешување, како што е наведено во решението, се две дежурства во 2022 година за кои не добил согласност од тогашниот министер за здравство.

Министерот за здравство, пак, Фатмир Меџити тврди дека нема политика во разрешувањето, туку индиции за направени злоупотреби. „Секаде каде што ќе има злоупотреби, со мене како министер, ќе има и санкции“, рече Меџити при посетата на Клиниката за ендокринологија. 

На денешниот брифинг со новинарите, стручни лица разјаснуваа дилеми околу разрешувањето на Јовев, што предизвика реакции во јавноста. Според информациите на Комисијата за стручен надзор, причината за разрешувањето е што немало согласност за дежурства во текот на 2022 година. Станува збор за посебен член од Законот за здравствена заштита утврден од  комисијата која е формирана во Министерството за здравство на 26 мај годинава. 

Сашко Јовев
„Не знам дали е партиско пресметување мојата смена но едно знам, јас сум колатерална штета“, вели разрешениот докторФотографија: Petr Stojanovski/DW

Разрешување за „негово добро“ 

Министерот за здравство е дециден дека хирургот Јовев му е пријател и дека нема никаква политичка или друга позадина за неговото разрешување. Заклучокот е дека Јовев ќе продолжи да биде вработен во Клиниката и ќе ја има поддршката на надлежните во понатамошното работење.

„Професорот ќе продолжи со работа како здравствен работник и ќе биде послободен од административни обврски, ќе има повеќе време за пациентите. Разрешувањето е во правец на подобрување на здравствените услуги“, вели Меџити.

Јовев не е единствениот разрешен директор, откога Меџити е на функција министер. „Имаше промени во многу други здравствени установи, на медицински директори, организациски, некои си поднесоа самите оставка, а други беа разрешени“, додаде Меџити, истакнувајќи дека и во иднина секаде ќе има инспекции и ќе се постапува според закон. 

Колатерална штета 

Докторот Јовев во изјава за Слободна ТВ вели дека не му е лут на министерот, смета дека ова е недоразбирање кое ќе се исправи. 

„Не знам дали е партиско пресметување мојата смена но едно знам, јас сум колатерална штета. Не сакам да сум жртва на партиски пресметки, но на крајот така излегува. Знам дека на многу колеги им е понудено моето место, но сите колеги имаат одбиено, со одговор дека тоа е наш професор и ние не можеме да го замениме“, вели Јовев.

Најавува тужба, но ќе почека разврска на случајот. „Што и да се случи јас ќе продолжам да работам, пациентите ќе бидат оперирани, се додека има материјали. Но со оглед на тоа дека не можам да потпишувам, во одреден момент ќе останеме и без материјали. Но се додека има материјали ќе има и операции- вели Јовев.