1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Уште повеќе доселеници од Балкан?

ЖА /НР
7 јануари 2023

Во иднина годишно во Германија ќе можат да се вработат до 50.000 луѓе од С. Македонија и регионот, дури и ако немаат стручни квалификации. На Германија и` недостига работна сила во речиси сите области.

https://p.dw.com/p/4LqqI
На Германија и` требаат работници од Балкан и без стручни квалификации
На Германија и` требаат работници од Балкан и без стручни квалификацииФотографија: picture-alliance/Sven Simon

Германските власти планираат да ја удвојат квотата за доселување на неквалификувани работници од Северна Македонија и соседството, пишува во предлогот на законот кој го има на увид германската новинска агенција ДПА. Во иднина би требало да има до 50.000 доселеници повеќе.

Станува збор зат.н. „Западнобалканско правило“, кое овозможува повластен пристап до германскиот пазар на труд за државјани од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово.

Според важечките закони, можно е доселување на стручна работна сила од цел свет. Единствено луѓето од Балкан можат да добијат работа и работна виза дури и ако работат вон струката или без стручни квалификации.

Тоа правило беше воведено по првиот бран на бегалската криза во 2015 и 2016 година, бидејќи меѓу барателите на азил во Германија, покрај Сиријци беа и бројни државјани од Србија, БиХ и Косово. Идејата на Берлин беше луѓето од регионот, наместо безизгледно да бараат азил, да се обидат да најдат работа во Германија.

Поени за „картата со шанси за барање работа"

Тоа не е единствена измена во законот кој е во подготовка, со новини се планира спротивставување на „драматичниот недостиг од работна сила во бројни бранши“, оценува ДПА.

Во промените спаѓа и т.н. „карта со шанси за барање работа“, односно можност луѓето едноставно да се доселат во Германија и дури тогаш, на лице место, да бараат работа. За тоа време имаат право да работат со половина работно време вон струката, за да заработат за живот.

„Картата со шанси за барање работа" би требало да се доделува, според нов систем на бодирање, на секој кој ќе собере шест поени.

Четири бода донесува одредена стручна квалификација, три бода носи добро познавање на германскиот јазик или три години работно искуство, два поени се добиваат ако лицето е помладо од 35 години, а еден ако порано барем шест месеци легално престојувало во Германија.

Огромна потреба од работници

Германија ја мачат демографски промени и голем број испразнети работни места. Се смета дека е неопходно доселување на околу 400.000 луѓе годишно за да можат да функционираат економијата, здравството и негата на стари лица.

Притоа постојано со едно око се гледа на Западен Балкан, како и натаму баран резервоар на работна сила. Тоа пак ги продлабочува огромните демографски проблеми на Балкан, што потврдуваат и најновите пописи на населението.