1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот умира и емигрира, Германија увезува младост

Немања Рујевиќ
28 ноември 2022

Пописите и проценките на населението на Балканот покажуваат демографски пад. Освен „белата чума“, голем проблем е и иселувањето. Најголема „правосмукалка“ на работна сила е Германија- која исто така увезува и плодност.

https://p.dw.com/p/4Jwgg
Германската амбасада во Белград е најчеста дестинација за многу млади желни да ја напуштат Србија
Германската амбасада во Белград е најчеста дестинација за многу млади желни да ја напуштат СрбијаФотографија: DW/I. Petrovic

Во Србија живеат околу 6,55 милиони луѓе – објави на почетокот на месецот претседателот Александар Вучиќ, навестувајќи дека ги има првите проценки од новиот попис на населението. Во прашање би бил страшен пад во споредба со последниот попис (2011 година), кога во Србија живееле 7,18 милиони луѓе. Дури и таквиот пад Вучиќ го означи како подобар од „очекуваното“.

И пред пописот некои медиуми оценија дека „Србија умира“. Но, како што изгледа, попрецизно би било оти „Србија умира и емигрира“. „Иселувањето досега не беше доминантен фактор, туку негативен природен прираст“, вели Иван Маринковиќ, демограф од белградскиот Институт за општествени науки. „Но, сега и иселувањето е алармантно.“

Ако пописот ја потврди бројката која ја изнесе претседателот, треба да се смета дека има сепак уште помалку луѓе, објаснува Маринковиќ, бидејќи многумина по заминувањето во странство не се одјавуваат, а семејствата ги пријавуваат како да се присутни.

„Врз основа на разликата на бројот починати и родени, ние за време на една деценија загубивме околу 470.000 луѓе. Сега би можело да биде оти на негативно миграторно салдо сме загубиле уште 200.000 или повеќе“, вели тој за ДВ.

Сличен е трендот и во соседството, всушност во цела поранешна Југославија и Албанија, со исклучок на Словенија. Недамнешниот попис во Хрватска покажа дека земјата има околу 400.000 луѓе помалку отколку на претходниот попис, што е 10 отсто од населението.

Во Босна и Херцеговина работите, изгледа, дека се уште поалармантни. Според податоците на Унијата за одржливо враќање и интеграција во БиХ, во периодот од јули 2013 до декември 2021 година, дури 485.000 луѓе ја напуштиле земјата.

Според податоците на Обединетите нации, БиХ е на второ место во светот по Гвајана според уделот на населението што живее во дијаспората (34%), додека Албанија е трета (30,7%). Можеби Косово котира уште повисоко, но податоци постојат само за териториите со седиште во ОН.

Германија како магнет

Одговорот на прашањето каде најмногу луѓе од регионот заминуваат по парче леб одамна е познат. Во прашање е Германија, како најголема европска земја и најголема економија. „Тоа не е новост. Историјата на миграции во Европа е постојана. Луѓето одат онаму каде што има работа и безбедност“, вели за ДВ пратеникот од партијата на Зелените Борис Мијатовиќ. И покрај низата кризи - заклучно со пандемијата и војната во Украина - податоците покажуваат дека германскиот глад за работна сила е ненаситен, и дека Западен Балкан се гледа како еден од базените на новодојденци.

Само годинава во Германија има 853.000 слободни работни места. Најдолго време е потребно да се најдат негуватели за стари лица (239 дена во просек има слободни работни места), тешко се наоѓаат и водоводџии и техничари за греење (224 дена), луѓе во високоградба (221 дена) и медицински сестри (188 дена).

Германските болници полни со медицински сестри од Балканот

„Тоа е само почеток“, напиша неделникот Шпигел летово. Само поради демографскиот развој на Германија до 2035 година би можело да недостасуваат дури 7 милиони работници. Тогаш, имено, и последните „бејбибумери“ заминуваат во пензија. Лекот е, како што наведе германскиот неделник, вселување по 400.000 луѓе секоја година.

„Германија, исто така, има исклучително стара популација, но затоа увезува голем број младо население“, укажува демографот Маринковиќ. „Таа проблемот помалку го решава со популациска политика, која е скапа и тешко дава резултати, а повеќе низ миграција. Тоа е поради економскиот напредок, но, посредно увезува и плодност.“

Балканот е секогаш извор на работна сила

Кога летово германските угостители повторно почнаа да работат со полна пареа по пандемијата, им недостасуваа работници, па нивното здружение апелираше до Владата итно да допушти да дојде работна сила од Западен Балкан.

Слично се случи и со аеродромите кои, по бранот отпуштања за време на локдаунот, итно бараа луѓе - повторно целеа на оние од Турција и од Западен Балкан.

Згора на тоа, Западен Балкан е единствениот регион надвор од ЕУ од кој во Германија луѓето можат да се доселаат да работат иако немаат никакви квалификации. Годишната квота е 25.000 неквалификувани работници, а осмислена е со почетокот на бегалската криза во 2015 година со цел луѓето од Србија, Босна и Херцеговина или Северна Македонија да ги обесхрабри да дојдат залудно во потрага по азил. 

Едно време, Германија потпиша договор наречен Тројна победа со Србија и Босна и Херцеговина (и Тунис и Филипини) за увоз на медицинска работна сила. Во 2019 година, поранешниот министер за здравство Јенс Шпан ги уверуваше новинарите дека Германија носи медицински работници само од земји со вишок персонал и каде населението е „особено младо“.

Тоа никако не важи за споменатите две балкански земји, Србија има дури една од најстарите популации на светот. Според прогнозите на ОН, Србија ќе се најде во тажно друштво на 5 земји кои од денес до 2050 година ќе загубат уште петина од населението. Останатите четири се Бугарија, Украина, Летонија и Литванија.

Квалитетот на животот е пресуден

Дали врбувањето на работна сила од Балканот е етички првилно? „Не мислам дека Германија е целосно одговорна за луѓето што ги напуштаат своите земји“, вели Мијатовиќ, политичар од Зелените. Неговата партија денес е во владата и исто како и другите големи партии, го поддржува доселувањето. 

Борис Мијатовиќ
Германија не е виновна што луѓето ги напуштаат своите земји, вели Борис МијатовиќФотографија: Mehmed Smajic/DW

„Луѓето ја напуштаат земјата, бидеќи таму не гледаат перспектива за себе и за своето семејство“, продолжува Мијатовиќ. „Вредностите на ЕУ се атрактивни - безбедност, мир - за луѓето од Балканот, Молдавија или од Украина. Затоа мораме да ги зајакнуваме овие вредности во регионот.“ Сепак, тој признава дека одливот на мозоци - кои потоа се влеваат во Германија - не се расправа во доволна мерка. „Не во мера која би одговарала на драма каква што на пример се одвива во БиХ. Таму некои зборуваат за над 100.000 луѓе кои наводно минатата година ја напуштиле земјата. Тоа би можело да биде 5 отсто од населението“, додава тој.

„Капитализмот и онака не трпи морализирање. Германците се успешни и тоа е тоа“, вели Маринковиќ на прашањето за етиката на врбување на работна сила. Според неговите сознанија, продолжува, за промена на демографскиот тренд не е доволна популациска политика - бенефиции за мајки и млади семејства, повисоки детски додатоци и слично. „Општиот квалитет на живот е пресуден. Не мора да живееме како Германци, но барем е пристојно. Овде многу луѓе едноставно се принудени да бараат нешто подобро.“

Последните достапни податоци велат дека тоа „подобро“ во моментов во Германија го наоѓаат близу 1,5 милиони луѓе од поранешна Југославија - односно, толку од нив живеат денес во Германија.

Меѓу нив, предничат хрватските граѓани (427.000), потоа следат оние од Србија и од Косово (по 243.000), БиХ (211.000), С. Македонија (121.000), од Албанија (74.000). На тоа треба да се додадат и оние кои се откажале од своето државјанство, бидејќи тоа е услов да добијат германско. Во последните десет години ги има 39.000 од Косово, 28.000 од Србија, речиси 20.000 од БиХ...

Може ли народите да исчезнат?

Притоа, со стареењето и умирањето на регионот, ситуацијата е значително поинаква од, на пример, во 1968 година, кога социјалистичка Југославија склучи договор за „гастарбајтери“ со Германија. Тогаш тоа сè уште беше извоз на невработеност од земја која имаше доволно луѓе. „Денес дури и Србија има недостиг на работна сила бидејќи бејбибумерите се пензионираат“, вели демографот Маринковиќ. „Така пензискиот фонд навлегува во проблем бидејќи тој е дизајниран како програма за меѓугенерациска солидарност.“ 

Од друга страна, дијаспората навистина испраќа девизи дома. Некогаш до степен кој е многу важен за домашната економија, а многу семејства преживуваат благодарение на тоа. На прашањето дали балканските земји со „белата чума“ и толку многу емиграција можат целосно да исчезнат, Маринковиќ вели: „Се разбира, во одреден момент може да се помине прагот кога биолошкото обновување на населението е невозможно без масовна имиграција. Но, промените на населението секогаш се случувале низ историјата“.

„Не треба да лелекаме дека ќе останеме толку само за под една слива. Не, луѓето секогаш ќе живеат овде како што живееле секогаш, бидејќи ова е добро место за живеење“, додава Маринковиќ. „Е, сега дали ќе се вика Србија или некако поинаку...“

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема