1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од бомбардирање до членство во НАТО

Јелена Кулиџан/ Александра Трајковска26 март 2014

Пред 15 години НАТО ја бомбардираше СР Југославија. Денес Србија и Црна Гора се одвоени држави, а Црна Гора е на пат кон членство во НАТО, но е длабоко поделена...

https://p.dw.com/p/1BVYF
Фотографија: picture-alliance/dpa

Најновите истражувања на агенцијата „Ипсос стратеџик маркетинг“ покажаа дека повеќето од жителите на Црна Гора го поддржуваат членството во НАТО. Разликата е меѓутоа само еден процент, 42 проценти „за“ и 41 процент „против“.

Марко Уљаревиќ од оваа агенција за ДВ објаснува дека разликата е незначајна и не може да се предвиди дали поддршката ќе продолжи да расте или не: „Граѓаните на Црна Гора имаат поделено мислење за пристапувањето во НАТО. Во последните месеци воочен е значаен пораст на бројот на оние кои на евентуален референдум би го поддржале НАТО, но за да можеме да говориме за позитивен тренд е потребно да се сочекаат резултатите од уште неколку истражувања на таа тема“.

Украина и емоции

До порастот на поддршката дојде како резултат на интензивната кампања на владата, како и отворено залагање на владејачките структури и еден дел од опозициските партии во земјата. Интеграцијата во НАТО стана позастапена и во медиумите во Црна Гора, појаснува Уљаревиќ. Но, на резултатите на идните истражувања би можеле да влијаат и случувањата во Украина, која доведе до затегнување на односите меѓу членките на НАТО и Русија. Додека црногорската влада отворено застана на страната на прозападните сили, јавноста не е имуна на пораката од Москва.

Ненад Копривица, извршен директор на Центарот за демократија и човекови права во Подгорица, кој исто така се занимава со истражување на јавното мислење, вели дека трендот на растот на поддршката зависи од повеќе фактори: „Убиството на премиерот на Србија Зоран Ѓинѓиќ влијаеше на пораст на поддршката на јавното мислење во Словенија за членство во НАТО, бидејќи тоа беше сфатено како потенцијална опасност од нова дестабилизација на Балканот“, потсетува Копривица и дополнува: „Во наредниот период ќе видиме како кризата во Украина, односно заострувањето на односите ЕУ/ НАТО и Русија ќе влијаат врз поддршката на јавното мислење во Црна Гора“.

Со ова се согласува и Милица Ковачевиќ од невладината организација Центар за демократска транзиција, и го истакнува и емотивниот фактор: „Истражувањата континуирано покажува дека постои значаен број на граѓани кои имаат силни чувства против зачленувањето на Црна Гора во НАТО, токму поради бомбардирањето во 1999. година. Со тоа искуство не се воодушевени ниту оние кои го поддржуваат членството во НАТО и тоа најчесто го наведуваат како најголема забелешка на сојузот. Емотивните аргументи се многу моќни, а дали ќе влијаат на крајната одлука за членство, зависи колку ќе бидат користени во кампањата“.

Мурино - црногорско огледало на НАТО?!

НАТО бомбардирањето на Црна Гора однесе седум животи. Уште првиот ден од операцијата, на 24. март 1999 година во Даниловград загина еден војник, а еден месец подоцна НАТО го бомбардираше селото Мурино, при што смртно настрадаа шест цивили, меѓу нив и три деца.

Bildergalerie Kosovo Krieg 15 Jahre Tomahawk Rakete
Бомбардирањето на СРЈ траеше 78 денаФотографија: U.S. Navy/Getty Images

Милан Мирковиќ од „Здружението на жртвите од воздушните напади на НАТО 1999. година - Мурино“ вели: „Триесетти април буди сеќавања на еден немил настан кој со ништо не беше предизвикан од страна на Црна Гора, а ниту од ова место, бидејќи тука немаше никакви воени објекти, кои, според кажувањата на НАТО би биле легитимни воени цели. Колку се искрени и колкави 'демократи' се најдобро покажуваат срушените мостови, станбените згради, железничките пруги, разорените патишта и илјадници загинати цивили во СРЈ, меѓу кои и осумдесет и седум деца“.

Жителите на Мурино тогаш не беа предупредени од опасноста, сирените не беа вклучени. Семејствата на загинатите ја тужеа државата Црна Гора и бараа отштета за душевна болка и трошоци за изградба на споменици. Сите, поради застареност се одбиени, бидејќи до судот се обратија три години по немилиот настан. Нивниот правен застапник Велија Муриќ вели дека државата не сторила ништо да им помогне на погодените семејства. Иако владата последните месеци води интензивна кампања за членство на Црна Гора во НАТО, во Мурино никој не дошол, наведува Муриќ. „Колку што мене ми е познато ништо не е сторено од државата во смисла на разговор со тие семејства, во смисла на сатисфакција, подигање на спомен обележје. Мислам дека владата, независно од судските постапки, би требало да направи човечки гест, а за тоа никогаш не е доцна“.

Прва бомбардирана членка на НАТО?

Во случај владата да успее во својата намера, Црна Гора би била првата членка на НАТО која била бомбардирана од тој сојуз. До сега се нема случено земја која била мета на Алијансата, подоцна да биде дел од неа. Затоа во Подгорица е формирано мировно движење „Не во војна, не во НАТО“. Претседателот на движењето Гојко Раичевиќ во разговор за ДВ истакнува: „На народот кој 'плодовите' од тој воен апарат можеше да ги почувствува од најлична перспектива, е непристојно е сега да му се натура ѓаволот и да се убедува дека е во прашање лик на анѓелот. НАТО е синоним за несреќа, асоцира на окупација, ропство, војна, невини жртви и се противи на здравиот разум секоја помисла и акција за приближување кон тој воен сојуз“.

Das Parlamentsgebäude in Podgorica, Montenegro
Дали за примеот во НАТО же се одлуќува во Собранието или на референдум?Фотографија: AP

Заговорниците на идејата за членство, НАТО го доживуваат токму спротивно. Ненад Копривица наведува: „Судбината на мала држава на Балканот е да биде членка на систем на колективна сигурност кој ќе и ја гарантира безбедноста и територијалниот интегритет за да може да се посвети на подинамичен општествено-еконосмки развој“.

Засега не е сосема јасно како НАТО би можел да влија врз црногорскиот економски развој. Нема ни информации колку Црна Гора би ја чинело членството. Освен тоа засега не е утвредено ниту како Црна Гора ќе донесе одлука за влез во НАТО. Во опција се референдум, каде би одлучувал народот или гласање во Собранието, каде би одлучиле пратениците. Владата во Подгорица се залага за втората опција. „Референдумот е комплициран и скап процес. Зошто да трошиме пари во време на криза, кога одлуката можеме да ја донесеме во Собранието, каде веќе сега имаме две трети пратници кои го поддржуваат НАТО“, изјави потпретседателот на владата Душко Марковиќ во обраќање пред студентите во Подгорица.

Затоа може да се каже дека Црна Гора веќе ја донесе одлуката. Сепак земјата сѐ уште е далеку до Северноатлантскиот сојуз. Официјална Подгорица прво би требало да добие повик за членство, што би можело да се случи на самитот на Алијансата во септември.