1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Намалена скепсата на Германците кон доселениците

Фолкер Витинг | Лиза Хенел
16 февруари 2022

Културата на добредојде кон бегалците и мигрантите е подобра во споредба со 2015 година, кога јавно се дискутираше за смислата за примање на голем број бегалци. Сепак, воздржаноста уште е присутна, покажува истражување.

https://p.dw.com/p/476Uh
Deutschland Geflüchtete in München 2015
Фотографија: Joerg Koch/AA/picture alliance

Кристијан Остерхаус многу добро знае што е култура на добредојде. Кога во 2015 година во Германија стигнаа илјадници бегалци, бил еден од првите кои организирале помош.

„Не сакавме да ги повторуваме грешките од минатото“, вели тој и објаснува дека со добредојдето кон бегалците сакале да покажат желба да не ги маргинализираат. Со уште 30 волонтери, Остерхаус се ангажирал од есента  2015. година  во Бон. Групата интензивно се посветила на  бегалците,  стигнати главно од Сирија, секогаш ги имало 40 до 50. 

Слично на Остерхаус, во  Германија помагаа стотици илјади луѓе. „Сакавме на бегалците да им пружиме дел татковина“, вели Остерхаус, присетувајќи се на тоа време.

Таквото ангажирање на луѓето влезе во историјата на  Германија  како „култура на добредојде“. Но тогаш, во 2015. и 2016. година, имаше и луѓе со малку разбирање за таквиот став, кои не сакаа да примат бегалци и  мигранти.

Bürgschaften für Flüchtlinge
Кристијан Остерхаус волонтерски им помага на бегалцитеФотографија: DW/Oliver Pieper

Повеќе луѓе ги гледаат предностите кои ги носи миграцијата

Во репрезентативната студија  „Културата на добредојде  меѓу стабилност и пробив“, фондацијата Бертелсман ги истражувала промените на културата на добредојде. Истражувањето констатирало дека Германците гледаат со поголем оптимизам на миграциите и  доселувањето  отколку пред неколку години.

„Во суштина, нашата анкета покажува дека скептичниот став кон доселувањето во Германија навистина уште е раширен, но во последните години се намалува“, вели Улрике Виланд, коавтор на истражувањето на Бертелсман. „Истовремено, денес повеќе луѓе ги увидуваат можностите призлезени од  миграциите,  првенствено за економијата. А што се однесува на ставот за интеграција, се покажува дека повеќе анкетирани отколку во изминатите години ги посматраат нееднаквите шанси и дискриминацијата како препреки.“

Оваа фондација од 2012. година спроведува репрезентативни истражувања заради појасно воочување на општествените трендови. На почетокот истражувачите на јавното мислење сакаа да го дознаат мислењето на Германците за доаѓање странски стручњаци. По дебатата за бегалскиот бран од 2015/2016. година, целта беше да се констатира што мислат Германците за  бегалците и мигрантите.

Во однос на миграцијата, позитивните и негативните проценки се отприлика еднакво застапени. Но, кривата покажува дека ставовите од избивањето на дискусијата полека се менуваат во позитивна насока.

Денес многумина доселувањето го гледаат како шанса за надминување на демографските и економски проблеми на Германија. Две третини од испитаниците сметаат дека ќе се забави стареењето на населението, повеќе од половина сметаат дека со доселувањето ќе се ублажи недостигот од стручна работна сила, а скоро секој втор анкетиран смета дека пензиските фондови ќе имаат дополнителен приход поради доселувањето.

Анкетираните покажале и скепса кон доселувањето. Голем број смета дека доселувањето дополнително ќе ја оптовари социјалната држава (67%), многумина се плашат од конфликти меѓу „домицилите“ и доселениците (66%).

Освен тоа, многумина гледаат можни проблеми во училиштата. Притоа, мигрантите кои имаат за цел наоѓање работа или студирање се прифатени во поголем процент (71%) од луѓето кои бараат заштита бегајќи од својата земја (59%).

Dr. Ulrike Wieland
Улрике Виланд, коавтор на истражувањето на фондацијата БертелсманФотографија: Kai Uwe Oesterhelweg/Bertelsmann Stiftung

Повеќе од една третина Германци не сакаат дополнителни бегалци

Истражувањето на фондацијата Бертелсман сепак јасно покажува дека голем број луѓе во Германија уште се скептични кон бегалците.

Во бонската иницијатива на Кристијан Остерхаус неколкумина волонтери престанале со работа поради одбивањето на дел од општеството да прифати бегалци. „Додека на почетокот бевме дел од општественото движење, чувствувајќи поддршка, сега веќе со години работиме спротивно на општествениот мејнстрим“, истакнува Остерхаус.

Страв од криминалот

Иако толеранцијата кон луѓето кои ја напуштиле својата земја во последните години во Германија е зголемена, сѐуште една третина испитаници (36%) смета дека Германија не треба да прими дополнителни бегалци. Во 2017. година таков став застапувале 54 % анкетирани. Една петтина од испитаниците бегалците ги гледа како „привремени гости“ кои не мора да се интегрираат.

Улрике Виланд за тоа вели: „Резултатите на анкетата би можеле да се протолкуваат дека петтина од населението генерално има одбивен или скептичен став, а изгледа дека нивниот светоглед вклучува поприлична изолација на општеството во однос на миграцијата.“

Јазикот останува клуч

Актуелната студија покажува дека, кога станува збор за пречките за интеграција, основна тема секогаш ќе биде  јазикот како клуч  за вклучување во општеството. Луѓето со мигранстко потекло уште се ретки во  политиката,  раководства на фирми и во медиумите. Но, студијата покажува дека за подобра интеграција се неопходни и подобри закони. Бројни испитаници веруваат дека само така можат да бидат отстранети препреките на кои наидуваат луѓето со странско потекло при барањето стан, на шалтерите на институциите и во училиштата. 

Новата коалициска влада предводена од Социјалдемократите, а во која се и Зелените и Либералите, веќе постави смерници за поголема култура на добредојде. На пример, луѓето на кои им е одбиено барањето за политички азил, добиваат можност да останат во Германија ако сами заработуваат за живот и учат германски. Спојување, односно доведување на семејствата во земјата би требало да се прошири и на бегалците, а и патот до  добивање државјанство  би требало да се олесни.

Улрике Виланд во тоа гледа принципиелно исправен пат: „Но важно е општеството само себе си позитивно да се сфати како доселеничко. Тоа е заедничка задача за политиката и цивилното општество. Тие мораат активно да го обликуваат натамошното сраснување во разноликост."

Човекот кој со години практично го работи тоа, помагајќи им на бегалците, Кристијан Остерхаус, целата работа вака ја гледа: „Тогаш навистина имав впечаток дека германското општество се отвори и промени и дека навистина многу научило.“ За него најбитни се личниот однос и пријателствата.