1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Миграцијата ги зајакнува популистите во ЕУ

Бернд Ригерт
18 јуни 2018

Во повеќе земји на ЕУ, десничарските популисти ги жнеат плодовите на нерешените миграциски проблеми. Европско решение станува сѐ потешко. Трендот е кон национален унилатерализам.

https://p.dw.com/p/2zm87
Spanien «Aquarius»-Migranten in Valencia
Фотографија: Getty Images/AFP/P. Barrena

Во Брисел, каде највисоките тела на ЕУ со години преговараат и се обидуваат да пронајдат европско решение за прием и распределба на барателите на азил и мигрантите, не треба многу долго да се анализира за да се видат ефектите од миграцијата. Белгиското биро за азил на северната железничка станица е само неколку километри оддалечено од централата на ЕУ. Таму постојано има редици мигранти, кои или бараат азил или сакаат што побргу преку Франција да отпатуваат кон Англија. Голем број Африканци, кои преспиваат на железничката станица или во близина на соседниот парк, велат дека доаѓаат од Италија со автобус, автомобил или воз преку Австрија, Германија или Франција до Брисел – спротивно на сите правила од Даблин. Всушност според европските правила тие треба барањето за азил да го поднесат во Италија. Системот, кој ЕУ се обидува да го реформира, не функционира.

Ова одамна го препозна белгискиот министер за внатрешни работи Јан Жамбон од национал- конзервативната партија Н-ВА. Тој сака поостро да се справи со мигрантите кои сакаат нелегално да останат во Белгија. Во мај имаше трагичен настан, кога белгиските полицајци пукаа на возило со илегални мигранти од Ирак и беше убиено едно двегодишно девојче. На последните избори во 2014 година, Н-ВА, која се смета за популистичка партија, доби голема поддршка и за првпат стана дел од владината коалиција.

Голем број партии во ЕУ- критички настроени кон миграција

Белгија е дел од еден тренд во Европа. „Бегалската или миграциската криза" во многу ЕУ земји доведе до силни опозициски десно-популистички партии, како во Франција, Холандија, Данска, Шведска или Германија. Во некои земји десните популисти се и дел од владините коалиции како во Белгија, Финска, Австрија или Грција. Во редица ЕУ земји популистичките партии ја формираа владата, како што е примерот во Полска, Унгарија, Чешка или сега во Италија. За Штефан Лене, експерт за Европа од Карнеги институтот во Брисел, јасно дека миграциската криза е бизнис модел на популистичките партии. „Тие тука си пронајдоа тема, која разгорува емоции и која води кон голема поларизација и тие не одат подалеку од темата" , вели Лене во разговор за Дојче Веле.

Повеќе:

-Рим и Париз во конфликт поради Аквариус

-Скандалот со азилантите ја стигна и Меркел

-Популистите за првпат владеат со една голема ЕУ-држава

Registrierung von Flüchtlingen
Фотографија: Imago/IPON

Шефот на фракцијата на десните популисти во Германија, Александер Гауланд (Алтернатива за Германија), напливот на бегалци кој го достигна врвот во 2015 година, го окарактеризира како „подарок“ за неговата партија. Тие се најголемата опозициска партија во германскиот парламент и во некои источни региони во земјата според анкетите дури се и на прво место.

ЕУ во амбисот"

Потпретседателот на Европската Комисија во Брисел, Франс Тимерманс, е загрижен дека силата на десните популисти и нерешеното миграциско прашање не само што води кон владина криза, туку е загрозена и кохезијата на ЕУ. „Ако се направи анализа на последниве години, тогаш темата миграција е тема која ја турка ЕУ во амбис. Миграцијата игра клучна улога во секоја земја членка, без разлика која е, " рече Тимерманс минатиот вторник во Европскиот парламент. Тој се залага за тоа, државните интереси да се стават на страна и да се практикува повеќе солидарност. „Само на европско ниво може да се најде сеопфатно функционално решение."

Многу од десничарските популистички влади не веруваат веќе во ова, смета политичкиот експерт и поранешен дипломат Штефан Лене од институтот Карнеги. „Неспособноста на ЕУ да се справи со темава водеше кон ре-национализација. Поголемиот дел од популистите и поголемиот дел од партиите кои се против мигранти, се и против ЕУ. Токму поради тоа се повеќе се употребуваат национални мерки во однос на граничните контроли, изградба на огради или други мерки. Обидот да се најде решение на европско ниво во сегашнава политичка констелација е многу тежок." Затоа и надежта на германската канцеларка дека до самитот на ЕУ на крајот на јуни ќе се најде решение, е веројатно илузија. Во една телевизиска дебата таа нагласи: „Ако Европа не успее во ова, тогаш Европа е во опасност."

Критики за Меркел

Ангела Меркел се залага за координирани активности, билатерални договори меѓу земјите членки и на крајот едно европско биро за азил да одлучува за надворешните граници на ЕУ. И покрај силните десно-популистички тенденции ЕУ мора да го одговори следните прашања: „Дали сме доволно силни, да се грижиме за развојот онаму од каде што доаѓаат луѓето, односно од африканскиот континент? Дали сега сме повеќе во ситуација од порано да и ставиме крај на војната во Сирија, од каде што доаѓаат милиони бегалци? Дали можеме повеќе да се грижиме за бегалски кампови во близина на нивните земји? Ниту еден човек не ја напушта својата татковина лесно. И дали ние сме во состојба (на европско ниво) да имаме исти процедури по ова прашање?".

Не само опозицијата во Берлин туку и некои ЕУ држави како Унгарија или Полска, ѝ префрлаат на канцеларката дека направила огромна грешка одобрувајќи едноставен прием на над еден милион белагци во Германија во 2015 година. Последиците се чуствуваат сега изјави во март во Бундестагот, шефот на фракцијата на АФД, Александер Гауланд. „Никој во Европа не сака да ги сноси последиците од ваквата политика. Сосем се во право Полска, Унгарија, Чешка и Словачка кога велат дека ако госпоѓа Меркел ги носи луѓето во Германија, тоа не е наша грижа. Ние не ги поканивме. Овие народи и нивните државници се сосем во право."

Migranten in Bosnien-Herzegowina
Фотографија: DW/Z. Ljubas

Проблем од вчера?

Од 2015 година наваму бројките на луѓето што доаѓаат во Грција, Италија и во Германија е значително намален, за околу 75%. Миграциската политика е исто така променета, но и покрај тоа популистичките партии и владите имаат впечаток дека границата е надмината. Каде лежи причината? Штефан Лене објаснува: „Веројатно е потребно да помине одредено време додека трауматичниот шок како оној во 2015 година да почне да развива политичко влијание. Веројатно треба да поминат месеци и години за да почне да делува. Несигурноста, која произлезе од тоа и која е експлоатирана од разни групи на интерес, продолжува."

Прашањата, за кои сега има расправа во Европа и Германија, делумно веќе подолго време се одговорени. Седум земји, меѓу кои и Германија и Белгија на одредени места веќе воведоа гранични контроли. Протерување и враќање на мигранти веќе подолго време има на француско-италијанската граница, на белгиско-француската и на германско-австриската граница. И покрај намалените апсолутни бројки во јавноста има впечаток дека миграцијата е надвор од контрола, смета Штефан Лене. „Има неверојатна експлоатација на оваа тема. Мислам дека поголемиот дел од луѓето во Австрија и Германија се многу малку директно погодени од присуството на бегалци или мигранти во нивната земја. Но концентрацијата на оваа тема во медиумите ја прави неверојатно присутна во општеството."


 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија