1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во „лов“ на македонските копачи на биткоини

ДТЗ
16 јули 2021

Копаат криптовалути, но и крадат струја. 120 пријави се поднесени од почетокот на годинава, додека лани бројката достигнала до 250 пријави. Струја се крадела насекаде, а најмногу од трагачи по биткоини.

https://p.dw.com/p/3wahc
Goldene Bitcoins
Фотографија: imago/Ikon Images

Улиците „Дижонска“ во Чаир и „Јајце“ во Гази Баба станаа едни од главните локации за копање биткоини во Северна Македонија. Активно се „копа“ и во реонот на селото Љуботен, во општина Арачиново, во населбата Ченто, но и во други делови на главниот град. Покрај скопјани, се поголем е бројот и на тетовци кои се одлучуваат изворот на приходи да го побараат преку интернет, каде надежите се дека може да се оствари огромна заработувачка. И се би поминало така незабележано, доколку ваквите „експерименти“ на копачите на криптовалути не ја преоптоваруваат електродистрибутивната мрежа, оставајќи повеќе корисници и населби во мрак. Во екстремни случаи, преголемото оптоварување на системот за копање биткоини може да доведе и до пожар. 

Чести дефекти ги откриваат копачите

Копањето криптовалути е масовна појава во светот, на која не се имуни ниту македонските граѓани. Иако нема гаранција за фиксна заработка, во повеќето случаи се тврди дека може да биде доста профитабилна работа. Во земјата сè повеќе луѓе почнуваат со „копање“ криптовалути, кое се врши преку компјутерски уреди. За целиот процес е потребна соодветна опрема, моќни процесори, како и напредни графички карти наменети за компјутерски гејминг, со што се повеќе се троши струја од расположливите ресурси. Само за пример, едно истражување направено од научниците во „Кембриџ“, покажа дека ископувањето биткоини троши 121 терават-часови електрична енергија годишно, што всушност претставува количество струја доволно за 700 години работа на универзитетот. 

-повеќе на темата: Десет години биткоин - кој ја создаде криптовалутата?

Преголемото трошење на електрична енергија го зголемува товарот врз системот на пренос на струја. Честите дефекти во електродистрибутивната мрежа најчесто ги откриваат копачите на биткоини, кои често се одлучуваат и на диво да се приклучат и да крадат струја. 

Haiti nach Hurrikan Matthew - Reparatur Strommast
Честите дефекти во електродистрибутивната мрежа најчесто ги откриваат копачите на биткоини.Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Barria

„Откривањето на копачите најчесто е проследено со појава на чести дефекти на местата каде се инсталираат компјутери за таа намена, се лоцираат и преку систем за анализа на потрошувачката, како и со контроли на напојни точки каде енормно се зголемува потрошувачката, а таа не може да се фактурира поради заобиколување на броилата и диво приклучување од страна на копачите“, велат од ЕВН Македонија за ДВ. 

-повеќе на темата: Биткоинот троши повеќе струја од цели држави

Доколку едно домаќинство одлучи да инсталира компјутери за копање на криптовалути, тоа значи дека може да потроши енергија за 20 или за 30 домаќинства, што го нарушува напојувањето на сите соседни корисници на таа напојна точка. Со цел да се избегнат високите сметки, кои за копање криптовалути често се пресметуваат и во стотици евра, сè почесто се прават паралелни диви приклучоци, со паралелни кабли за крадење на струјата.  

Фрчат пријави од граѓани

Доста често пријави до ЕВН има и од корисници кои поради копачите на биткоини, често остануваат без струја. „Тие бараат одредени објекти да бидат целосно исклучени од нисконапонските мрежи, бидејќи го загрозуваат нивното снабдување со електрична енергија“, велат надлежните. 

Дојави и расправии меѓу потрошувачите се забележани и на социјалните мрежи каде се посочуваат поединци и се бара интервенција од надлежни служби да се проверат и да се отстранат компјутерите кои копаат, а кои прават штета на дистрибутивната мрежа. „Имаме дојави дека копачите на биткоини ги сместуваат компјутерите и во напуштени селски куќи каде сметаат дека потешко ќе бидат откриени и нема да ја нарушат стабилноста во снабдувањето во соседството“, вели портпаролката на ЕВН, Вјоса Селими. 

-повеќе на темата: Струјата поскапува, ама намаленото ДДВ ќе го ублажи ударот

Таа додава дека компанијата има сознанија за активно копање биткоини во повеќе градови и селски општини, претежно во Скопје, Тетово, но и во други реони. Најновите забележани случаи се во реонот на селото Љуботен, општината Арачиново, населбата Ченто, улицата „Дижонска“ во Чаир и „Јајце“ во Гази Баба. Последиците од нелегално користење на струја за копање биткоини се огромни и штетни како за компанијата, така и за корисниците, на кои им се нарушува нормалното снабдување, а и во екстремни случаи може да настанат и пожари поради преоптоварување. 

Со цел намалување на загубите компанијата спроведува различни видови на мерки, како технички контроли на мерните места, реконструкција на електродистрибутивната мрежа, системски анализи со цел утврдување на потенцијални кражби на електрична енергија и слично. 

120 пријави за кражба на струја

120 пријави се понесени од почетокот на годинава за кражба на струја во Северна Македонија, додека во текот на минатата година бројката достигнала до 250 пријави за неовластено користење на електричната енергија. Струја се крадела насекаде – како во поголемите, така и во помалите градови и места. Точни проценки за направената штета од ЕВН Македонија велат дека нема. 

„ЕВН постапува според методологија утврдена во мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија. Се прават пресметки за неовластено користење на електрична енергија, меѓутоа финалниот износ сепак се одлучува од страна на надлежниот суд. Тој може да се намали или зголеми и токму затоа, не е возможно прецизно да се дефинира висината на износот на штетата која е направена преку неовластените приклучувања“, вели Селими за ДВ. 

Deutschland Energie Strom Strommast Industrie klagt über unsicherere Stromversorgung
120 пријави се понесени од почетокот на годинава за кражба на струја во Северна Македонија.Фотографија: dapd

Постојат два начини на започнување на постапка при утврдување на неовластено користење на електрична енергија од страна на корисник – или МВР излегува на лице место и директно ја покренува постапката или ЕВН Македонија поднесува пријава до Основно јавно обвинителство.  

Екипите на Електродистрибуција се соочуваат и со проблеми кога работат на терен со цел спроведување технички контроли или реализација на проекти за реконструкција на дистрибутивната мрежа. Се случува локалното население воопшто не им дозволи да работат, физички да ги нападнат или усно да ги навредуваат. 

Кражбите на струја се проблем и во земјите од соседството. Деновиве беше објавено дека вкупно 86 милиони киловат часови неовластено користена електрична енергија во вредност од 8,7 милиони евра е евидентирана во Црна Гора од 2016 година. Од вкупната сума Црногорскиот систем за дистрибуција на електрична енергија (ЦЕДИС), успеал да собере околу 70 проценти или шест милиони евра.