1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Банди напаѓале странци во Келн

Б. Георгиевски/дпа/ртр/афп11 јануари 2016

Голема група хулигани напаѓале странци во центарот на Келн во неделата. Сомнежи дека нападите се одмазда за сексуалните напади на новогодишната ноќ, кои според полицијата ги вршеле странци.

https://p.dw.com/p/1HbF7
Фотографија: picture alliance/dpa/O. Berg

Група Пакистанци и Сиријци биле нападнати во неделата во Келн, инциденти во кои многумина гледаат продолжение на тензиите поради нападите врз жени за време на новогодишната прослава од страна на странски државјани.

Шест пакистански државјани биле нападнати во неделата од група од околу 20 луѓе, по што двајца од нив морале да бидат хоспитализирани, соопшти полицијата. Непосредно по тој напад, група од пет лица нападнале и еден сиријски државјанин во центарот на Келн. Тој минал со полесни повреди.

Полицијата соопшти дека добила дојава за групи луѓе кои сакале „да провоцираат“, но се уште се истражува дали неделните напади имале расистички мотиви и дали биле поврзани со новогодишните сексуални напади.

Напаѓачите биле група од „рокери, хулигани и обезбедувачи“ кои се организирале преку Фејсбук, тврди регионалниот весник „Келнер Експрес“. Затворена група на Фејсбук ги повикувала своите членови во „лов на луѓе“ по новогодишните напади за кои полицијата смета дека се одговорни баратели на азил.

Полицијата запрела и испрашувала преку 100 луѓе во неделата за кои се сомневала дека се припадници на десно-екстремното милје, каде веќе се формираат одмазднички групи со цел да патролираат низ улиците.

Во саботата, полицијата во Келн со водени топови разби протест на околу 1,700 десни екстремисти кои протестираа против прифаќањето на бегалците во Германија.

Сите напаѓачи со мигрантско потекло

Според полициските извештаи и тврдењата на сведоците, напаѓачите од новогодишната ноќ во Келн биле претежно Арапи или лица со потекло од Северна Африка. Досега се поднесени 516 поплаки од граѓани во врска со нападите таа ноќ. Околу 40 проценти од нив се поплави за сексуални напади.

Deutschland Ralf Jäger Innenausschuss NRW-Landtag
Министерот за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија, Ралф ЈегерФотографија: Reuters/I. Fassbender

Министерот за внатрешни работи на покраината Северна Рајна Вестфалија, Ралф Јегер во денешното (11.01) сведочење пред специјалната парламентарна комисија потврди дека „речиси сите“ лица кои извршиле сексуални напади и кражби во Келн на новогодишната ноќ биле странци.

„Сите информации наведуваат дека се работело за луѓе од Северна Африка или арапскиот свет“, рече Јегер.

Во меѓувреме излегуваат и нови информации за околностите на она што се случувало на 31 декември во Келн, а кои на сослушување во покраинскиот парламент во Диселдорф ги изнесе полицискиот инспектор Бернд Хајнен. Полицијата во Келн уште во 9 часот ноќта кон Нова година имала информации за присуство на околу 500 алкохолизирани луѓе со мигрантско потекло во околината на железничката станица. Кога групата околу 11 часот нараснала на околу илјада луѓе, полицијата имала потреба од засилување, но тоа било одбиено. Одлуката ја донел раководителот на смена во полицискиот президиум на Келн, кој одбил засилување иако на располагање биле ставени резервни полициски сили и од околните градови.

Сојузниот министер за правда Хајко Мас оцени дека насилството во Келн било претходно организирано.
„За таква група на луѓе да се собере и да изврши такви криминали, тоа мора да било некаде испланирано. Никој не може да ме убеди дека ова не било координирано или планирано“, вели Мас. Според доверливи полициски извештаи кои се појавија во германскиот печат, некои северноафриканци испраќале повици преку социјални мрежи за масовен собир во Келн на новогодишната ноќ.