1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Зошто Бајден ја презеде стратегијата на Трамп за Балканот

27 април 2023

Логично, мудро и самополезно за Европа би било Брисел да укаже на некомпатибилноста на посттрампистичкиот пристап на Бајден во решавањето на споровите во регионот. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4Qbd7
Арсим Зеколи
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Минатата недела, американскиот аналитичар Јануш Бугајски претстави интересна анализа за премолчената согласност на САД и ЕУ во фаворизирање на Србија, Албанија и Хрватска во прекројувањето на картата на регионот преку неформално исцртување на зони на интереси во соседните држави. Анализата доби на внимание поради звучноста на авторот, иако самите наведени тези веќе од поодамна кружат низ регионалните медиуми и анализи. Според нив, во тек е исцртување на зони на влијание кои речиси се поклопуваат со мапите на Голема Србија (со влијание врз Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија), Голема Хрватска (Босна и Херцеговина), Голема Албанија (Косово, Македонија, Црна Гора). Очекувано, ваквите искази предизвикаа остра полемика околу кредибилноста на оценката, одржливоста на таквите планови и вистинските намери на големите сили.

Навистина, состојбите во земјите кои се граничат со Албанија, Србија, Хрватска одат на рака на тезите на Бугајски. Посебно по неодамнешните потези на Кристијан Шмит во Босна, заканите на Додик за отцепување на Република Српска, изборните резултати во Црна Гора, односите помеѓу Тирана и Приштина, вклучително и тековните инфраструктурно-политички дебати во Македонија за „коридорот Илирида”. Во основа, станува збор за обезбедување контрола врз етничките заедници од страна на националните центри, без оглед дали околу тоа има согласност или опозиција од страна на самите етникуми. Во основа, судејќи според реакциите, се чини дека Загреб, Белград и Тирана споделуваат премолчена согласност за таквиот пристап за кој евидентно ниту Вашингтон ниту Берлин се немаат претргнато од спротивставување или побивање.

Религиско согледување на нештата 

Сепак, таквиот пристап можеби има и една често превидена конотација која недостасува во анализите, особено во отсуство на официјалните ставови на западните фактори. За да се разбере таа превидена нишка и потисната конотација, упатно е да се потсетиме дека тековната политика на Западот кон регионот, особено на САД, не е плод на сегашната либерална Бајден-администрација во Вашингтон, туку на претходникот, конзервативниот Доналд Трамп. Оттаму, прашање е дали евидентнот континуум на пристапот наследен од Трамп, преземен од Бајден е всушност етнонационална распределба на силите базирана врз сосема поинакво, поточно религиско согледување на нештата во регионот.

Колку за брзо потсетување, администрацијата на Трамп беше одбележана со силно влијание на евангелистичките интерпретации на внатрешната и особено надворешната политика. Во што предимство имаше самиот Трамп, но уште повеќе неговиот заменик Мајк Пенс и државниот секретар Мајк Помпео. Притоа, редно е да се потсетиме дека токму Пенс и Помпео беа домаќини на нашата мешовита делегација во Белата куќа, додека пак самиот Помпео ни укажа чест преку посета на регионот.

Оние кои поподробно ја познаваат американската надворешна политика знаат дека нивните погледи врз регионите не се диктирани толку од етнонационалните карактеристики, туку повеќе од религиските доминантни групации. Иако таквиот тренд е присутен и во Европа, сепак континенталните согледувања се сѐ уште претежно определени од етнонационалните карактеристики или државни граници. Пример за таа американската карактеристика се коментарите на Трамп (при средбата Вучиќ-Хоти во Белата куќа) за Косово како „муслиманска држава”, или пак неодамнешните изјави на Габриел Ескобар за „добрите односи помеѓу Албанците и православните”.

Одбојноста кон Европа како фактор на обединување

На таа типично американска потреба за безмалку вулгарно поедноставување на актерите на теренот за полесно да се разберат односите, често шуруваа и домашни актери со цел да се добие некоја наклонетост или демантира одредена предрасуда. Не мал број политичари умееја да ја нагласуваат религиската блискост наспроти „иноверните”, додека другите чинеа сѐ да се претстават како современи борци против фундаментализмот на ривалите. Сепак, добар дел од таквите политичари ниту тогаш ниту денес не разбираа сосема дека нивните зборови или самопретставувања често не само што не го постигнуваа посакуваниот ефект, туку стануваа причина за внимателно дистанцирање поради одреден стратешки интерес на соговорниците.

Дилемата за религиските корени на денешната етнонационална калибрација на „Балканите“ е дополнително оптоварена од сѐ уште не сосема разјаснетата динамика на односите на администрацијата Трамп со Руската Федерација, Република Турција и Саудиска Арабија, кои го сочинуваа трилингот на блиски партнери на претходниот претседател на САД. Она што е евидентно е дека сите три набројани земји ја споделуваат истата матрица на согледување на одоносите во регионот, базирана врз религиско-цивилизациските карактеристики, а не според етнонационалните особености. Без оглед дали станува збор за пансловенство, за постотоманство или калифатство, религијата е диоптерот за нивно идентификување на народите во регионот, согласно империјалните традиции вткаени во нивните надворешни политики. Но тоа не е единствениот заеднички именител на наведените актери, плус администрацијата Трамп. Одбојноста кон Европа како симбол на национал-либерализмот, на современото, на пострелигиозното е исто така фактор на нивно обединување заснована врз некаква нова, посткатоличка форма на длабока недоверба кон националното како ембрион на сите либерални движења и струења во последните два века.

Непознаницата во таа калкулација е како дојде до тоа либералната администрација на Бајден-Блинкен всушност да ја презема и продолжи политичката стратегија на претходната религиско-конзервативна администрација на Пенс-Помпео? Одговорот можеби лежи во војната во Украина и немањето време за исцртување нова стратегија и немање доволен маневарски простор за делување во спротивен правец. Се чини дека администрацијата Бајден-Блинкен беше принудена да отстапи од некаква нова стратегија на опонирање на источните религиско-цивилизациски стратегии преку фаворизирање на граѓанските и национал-либералните сили. И наместо тоа, беше принудена ривалскиот пристап да го замени со парирање на руско-турско-арапските доктрини во преземање на религискиот курс во решавање на проблемите и споровите во регионот.

Национал-империјалните амбиции да се остават дома

Познавајќи ја улогата на Руската православна црква и нејзиното влијание врз Србија и посредно врз Црна Гора, Македонија, Албанија, Босна, познавајќи го влијанието и ривалството на Турција, Саудијците и Иранците во обезбедување поддршка кај муслиманите во регионот, таквиот пристап се чини како логична реакција на САД во состојба на вонредени настани и скусен маневарски простор. Но дали тој пристап може да вроди со поволен епилог како за народите, така и за интересите на САД во регионот? На кратки патеки на обезбедување мирен регион, далеку од воените дејствија во Украина и интригите на Кремљ, одговорот е секако позитивен. Но, на средни – и сигурно на долги – патеки, таквата стратегија ќе произведе состојби поради кои сегашните етнонационалистички триења ќе наликуваат на некаква еци-пеци-пец детска игра. Какви и да се етнонационалните спорови и нервози во регионот, тие се сепак дел од европската традиција на национал-либерални еволуции и како такви препознатливи по тек и предвидливи според исход. Но инситирањето, или пак очекувањата на Вашингтон етнонационалните прашања да се решат според оригионалниот, првичен, конзервативен блу-принт на религиски калифати, неминовно ќе докаже дека САД никогаш немале, и сѐ уште немаат „качик“ за разбирање и справување со византиските интриги помеѓу црквата и рајата.

Логично, мудро и самополезно за Европа би било Брисел да укаже на некомпатибилноста на таквиот посттрампистички пристап на Бајден во решавањето на споровите во регионот. Европа секако не би сакала на сопствена кожа да ги почувствува последиците на неразбирањето на „бизанштината“ од страна на Американците. А сепак, пред да ги посоветува партнерите отаде Атлантикот, самата Европа треба да си пробуричка по сопствените коридори и на некои одредени европски високи дипломатски претставници да им укаже дека национал-империјалните амбиции треба да си ги остават дома, на Пиринеите, на Панонот и во секој случај на безбедна дистанца од интригите на Путин.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема