1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зеленски во Давос: Помала помош значи подолга војна

Давид Ел
17 јануари 2024

Како гостин говорник на Светскиот економски форум, украинскиот претседател апелираше за поодлучна западна поддршка, за Украина да може да се одбрани од руските напади. Зеленски најави одржување на мировна коференција.

https://p.dw.com/p/4bLez
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Светскиот економски форум во Давос
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Светскиот економски форум во ДавосФотографија: Denis Balibouse/REUTERS

„Мораме да го обезбедиме воздушниот суверенитет на Украина. Тоа можеме да го направиме, исто како што успеавме да постигнеме превласт во Црното Море. Партнерите знаат што и колку ни е потребно,“ изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на  Светскиот економски форум во Давос, апелирајќи на западна поддршка заради спротиставување на руските напади.

„Сите кои мислат дека во прашање е само Украина, фундаментално греши. Можните цели, па дури и временските рокови за нова нова руска агресија настрана од Украина стануваат сѐ појасни“, изјави Зеленски.

„Путин е грабливец кој не се заситува со замрзната храна"

Истовремено, тој му префрли на Западот за предолгите колебања во минатото.Целта постојано беше да не се дозволи ескалација на конфликтот со Русија за време на претседател Владимир Путин. Во тој контекст украинскиот претседател постести на анексијата на полуостровот Крим во 2014 година, учеството на Русија во граѓанската војна во Сирија, како и руските активности во африканските земји.

„По 2014 година имаше обиди за замрзнување на војната во Донбас. Но, Путин е грабливо животно, кој не се задоволува со замрзната храна“, изјави Зеленски.

Тој истакна дека принципот да не се ескалира продолжуваше дури и по руската инвазија во 2022 година. ЕУ донесе одлука против сакнции за стоките кои што минуваат низ руската енклава Калининград.

Ништо повеќе не ја оштети коалицијата на поддржувачи од овој принцип, рече Зеленски. Поради оваа неескалација, загинаа украински војници, а можностите беа изгубени.

„Путин ја отелотворува војната“, рече Зеленски. „Тој нема да се промени... ние мора да се промениме - да се осигураме дека лудилото во неговата глава или во главата на кој било друг агресор нема да надвладее."

Зеленски се заблагодари за досегашните испораки на оружје за украинската армија и повика на дополнителна поддршка. „Секое намалување  ја продолжува војната,  додека секоја инвестиција во бранителот ја скратува. Војната ќе заврши со праведен и стабилен мир.“ Претседателот порача дека би сакал присутните да бидат дел од овој пат кон мирот што сега започнува.

Зеленски се жали на нецелосни санкции

Зеленски изрази благодарност за западните санкции против Русија, но инсистираше на нивна стопроцентна ефективност.

„Секоја руска ракета сè уште содржи критични компоненти од западните земји," рече Зеленски. Како грешка на Западот го наведе тоа што руската нуклеарна индустрија сè уште функционира - иако Русија е единствената земја во светот што зеде нуклеарна централа како заложник.

Ова се однесува на најголемата нуклеарна централа во Европа, во Запорожје, која беше преземена од руските војници набргу по почетокот на војната, а сега се вели дека е дури и минирана.

Најголемата нуклеарна централа во Европа, во Запорожје
Најголемата нуклеарна централа во Европа, во Запорожје, е под контрола на руските војнициФотографија: Andrey Borodulin/AFP

Зеленски се повика на силата на Украина и потсети дека економијата порасна во 2023 година и покрај војната. Неговата земја, исто така, ги направи првите чекори кон пристапување во ЕУ.

„Само нашите луѓе и вашите инвестиции можат дополнително да ја зајакнат економијата“, им рече тој на претставниците на западните компании присутни во Давос. „Ни требаат нормални инвестиции од предвидливи, транспарентни компании. Зајакнете ја нашата економија а ние ќе ја зајакнеме вашата безбедност."

Во понеделникот, Зеленски се сретна со претседателката Виола Амхерд во швајцарскиот главен град Берн. Двајцата се согласија да организираат „мировен самит“. Во Давос, рече Зеленски, секој лидер кој го почитува меѓународното право треба да се приклучи. „Мирот мора да биде одговорот.

Ронлива поддршка

Украинската војска во последните месеци сѐ повеќе е во дефанзива во борбата против руската инвазија. Главниот проблем е недостатокот на муниција и противракети, како и дотраена опрема.

Хотел Харков руски напад
Овој хотел во Харков минатата недела беше погоден од руска ракетаФотографија: State Emergency Service of Ukraine/REUTERS

Испораките на оружје од Запад  се сметаат за сè позагрозени: На помалку од една година пред изборите во САД, претседателот Џо Бајден влезе во клинч со Претставничкиот дом во кој доминираат републиканците, кој  не сака да одобри натамошна воена помош.  Министерот за надворешни работи Ентони Блинкен му вети на Зеленски продолжување на помошта во Давос и блиска соработка со американскиот Конгрес.

Поддршката, исто така, се распаѓа и во Европа по изборот на популистот Роберт Фицо, пријателски настроен кон Русија, за премиер на Словачка во октомври. Неговиот унгарски колега Виктор Орбан, кој исто така е пријателски настроен кон Русија, блокираше милијарди евра помош од ЕУ во декември.

Спротивно на тоа, Германија, најважниот европски донатор,  ги удвои своите обврски за 2024 година на осум милијарди евра. Сепак, канцеларот Олаф Шолц беше критикуван од делови на коалицијата и опозицијата затоа што со месеци ја блокираше постојано бараната испорака на крстосувачки ракети „Таурус“. Најголемата опозициска партија, конзервативната Унија (ЦДУ/ЦСУ), сега сака да го зголеми притисокот со предлог за резолуција во Бундестагот.

Велика Британија неодамна објави пакет помош вреден милијарди. За време на посетата на Киев, премиерот Риши Сунак вети и безбедносни гаранции додека Украина не биде примена во НАТО, како што веќе беше најавено од Г7.