1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сонот за сопствени четири ѕида останува само сон

Миша Ерхард
12 ноември 2022

Цените на недвижностите во Германија дивеат со години. Поскапуваат и кредитите и градежните материјали. За многумина тоа е крај на сонот за купување куќа или стан, а плаќањето на киријата веќе е проблем.

https://p.dw.com/p/4IHYb
станови зграда
Растат и кредитите и градежните материјали.За многумина тоа е крај на сонот за купување куќа или стан, а плаќањето на киријата веќе е проблем.Фотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopress/picture alliance

Повисоки каматни стапки, вртоглаво зголемени трошоци за енергија и изградба: Многу станбени проекти во моментов се откажани, бидејќи купувачите повеќе не можат да ги финансираат. Банките кои нудат кредити за градежништво се жалат на наглиот пад на побарувачката и откажување на договорите.

Расте бранот откажувања на договори во градежната индустрија. Според истражувањето на минхенскиот институт Ифо, речиси 17 отсто од компаниите изјавуваат дека се погодени од тоа. 

„Поради астрономските цени на материјалите и енергијата и постојано зголемувањето на каматните стапки на кредитите, нема повеќе сигурност во областа на планирањето и изградбата на станови“, вели истражувачот од институтот Ифо, Феликс Лајс. 

Сè поголем број луѓе се соочуваат со пропаѓање на сонот за сопствените четири ѕида. Тоа го забележуваат во Шпаркасе банка. „Побарувачката падна преку ноќ. Многу проекти во фазата на планирање се откажуваат“, рече шефот на банката, Хелмут Шлевеис, за весникот Ханделсблат. 

Кредитите стануваат се поскапи 

Сепак, градежните компании имаат уште многу работа, бидејќи претходно добиваа голем број нарачки. „Но, загриженоста за иднината ретко била толку голема. Очекувањата се на најниско ниво од почетокот на истражувањето во 1991 година“, вели Феликс Лајс од Институтот Ифо.

Третина од градежните компании се жалат на недостиг на материјали и високи цени. Исходот ќе биде зголемување на цените за градба, но тоа не е единствениот камен околу вратот за купувачите на имот - и кредитите стануваат поскапи.

Каматните стапки на заемите за изградба и финансирање на недвижен имот, со десетгодишни услови, изнесуваа речиси четири отсто оваа недела, според Интерхап, голем германски посредник за кредити. Лани каматите беа четири пати помали. 

Причина за поскапувањето на кредитите е зголемувањето на каматните стапки на Европската централна банка. Годинава во два големи чекори ги подигна каматните стапки на 1,25 отсто, истовремено најавувајќи нови зголемувања, бидејќи мора да се бори против високата инфлација.

Брзиот раст на цените ја намалува вкупната куповна моќ. И тогаш тоа е еден маѓепсан круг, кој повторно ги одложува плановите на граѓаните за сопствен дом. 

Државата треба да направи нешто 

Затоа Хелмут Шлевајс, шеф на Шпаркасе банките, смета дека политиката мора да направи нешто. „Не смееме да прифатиме дека е невозможно за едно младо семејство со две просечни плати да земе кредит и да си дозволи стан или куќа“.

Шлевајс се залага за намалување на даноците на недвижности и за нови програми за помош на државната Кредитна банка за обнова (KfW). 

Последиците од кризата на пазарот на недвижности ги чувствуваат и станарите кои живеат под кирија. Студијата, неодамна објавена од Институтот за германска економија, покажува дека во три четвртини од областите во Германија, способноста за финансирање на изнајмени станови, односно за плаќање кирија е намалена. Овој тренд во моментов се интензивира поради зголемените трошоци за струја, вода, парно и комуналии. 

„Политичарите треба внимателно да ги разгледаат резултатите од истражувањето“, предупредува авторот на студијата и економист за недвижнини Мајкл Фојгтлендер. „Многу луѓе повеќе нема да можат да се преселат поради финансиски причини, особено младите работници, студенти и семејства со мали деца“.

„Многумина мора да се подготват за фактот дека во иднина повеќе нема да можат да го остварат својот сон да живеат во сопствена куќа или простран стан“, заклучува тој.

 

Германија: Купување стан - за младите речиси недостижно