1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ и Курти во Брисел: Продолжение на одолговлекувањето?

Идро Сефери
2 мај 2023

Очекувањата од новиот состанок на врвот не се големи. Средбата е закажана во време на тензии по бојкотот на изборите на северот на Косово.

https://p.dw.com/p/4Qk9p
Косово Србија
Тешко дека ќе има епохални промени во БриселФотографија: Bojan Slavkovic/AP/dpa/picture alliance

Делегациите на Белград и Приштина денеска (2 мај) во Брисел треба да разговараат за натамошното спроведување на мартовскиот договор од Охрид. Европската унија соопшти дека по одредени недоумици, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти го потврдиле пристигнувањето.

Состанокот доаѓа во време на нови тензии по локалните избори во четири општини во северно Косово, кои беа бојкотирани од страна на Србите. Српската страна вели дека не очекува ништо, а косовската страна се надева дека тема ќе биде судбината на исчезнатите. Сепак, најголем спор останува Заедницата на српски општини (ЗСО).

„Секоја страна треба да направи нешто за да добие нешто“, изјави портпаролот на ЕУ, Петер Стано, најавувајќи ја средбата.

Успех само под притисок?

Сепак, сè уште не е јасно што може да се очекува од средбата, особено што и Вучиќ и Курти продолжија да демонстрираат непопустливост пред домашната јавност.

Бојан Елек, од белградскиот Центар за безбедносна политика, вели дека политичка промена во Белград и Приштина е забележлива, но само за меѓународната заедница.

„На домашната јавност ѝ се сугерира дека немало откажување од максималистичките барања, а на меѓународната заедница ѝ се покажува конструктивната страна и се гарантира целосна имплементација на договорот“, вели Елек за ДВ. Тој смета дека договорот на крајот ќе се спроведе.

„Охридскиот договор важи во целост, а клучот за неговата имплементација е што поскоро формирање на ЗСО. По огромниот притисок од меѓународната заедница, и тоа што ЗСО ќе биде тема на овој следен состанок, се чини дека наскоро може да очекуваме нејзино формирање“, додава Елек.

Алeскандар Вучиќ Албин Курти Жозеп Борел Мирослав Лајчак
Средба на Курти (л.) и Вучиќ (д.) во Охрид, 18.03.2023Фотографија: EU/ROBERT ATANASOVSKI

Сличен став има и приштинскиот социолог и аналитичар Артам Мухаџири. Тој вели дека е вообичаено ваквите средби да доаѓаат „под тензија, со многу спротивставени ставови“. „Успехот ќе биде можен само под огромен меѓународен притисок“, убеден е тој.

Мухаџири во интервју за ДВ забележува дека работите се придвижуваат и во Косово, кое доби визна либерализација и членство во Советот на Европа. „Охридскиот договор ја сврте политиката на премиерот Курти за 180 степени кога станува збор за ЗСО. Затоа Косово веднаш напредуваше“.

Предигра на состанокот

Премиерот Курти при неодамнешната посета на споменикот на исчезнатите лица пред парламентот на Косово рече дека се надева оти на средбата во вторник ќе се разговара и на темата за исчезнатите. Косово и Србија се усогласија околу една декларација на почетокот на април, кога делегациите се состанаа за последен пат.

„Очекувам дека на 2 мај итно ќе се постапи по прашањето на исчезнатите лица, бидејќи тука жртви се не само исчезнатите и нивните семејства, туку целиот наш народ“, рече Курти на Националниот ден на исчезнатите во Косово, кој беше одбележан на 27 април.

Меѓутоа, Приштина претходно организираше избори во четири општини на северот на Косово, каде гласаа само три отсто од граѓаните, а за градоначалници беа избрани етнички Албанци.

Ваквите избори, како и тоа што меѓународната заедница начелно ги прифати, го изнервира претседателот на Србија, Александар Вучиќ. На новинарско прашање што очекува во Брисел во таква атмосфера, тој кусо рече: „Не очекувам ништо од средбата на 2 мај“.

Аелскандар Вучиќ Албин Курти Жозеп Борел Мирослав Лајчак
Вучиќ и Курти на состанок во Брисел во февруари 2023 годинаФотографија: Virginia Mayo/AP/picture-alliance

Курти не може вечно да ја избегнува ЗСО

За Србија и косовските Срби, формирањето на ЗСО останува услов над сите услови - дури потоа, велат, ќе можат да се вратат во институциите.

„За да функционира ЗСО, потребно е учество на српската заедница на Косово. По локалните избори на северот, нема услови за тоа и ќе треба да се најде решение“, вели Бојан Елек.

„Доколку ЗСО се договори сега во Брисел, тоа може да биде поттик што ќе придонесе за враќање на Србите во косовските институции“, смета Елек.

Артан Мухаџири смета дека Курти не може да го избегне формирањето на ЗСО. „Ќе биде губитник за домашната јавност. Но, во спротивно, тоа би испратило сигнал до меѓународната заедница дека не е стабилен партнер за големи геополитички проекти“.

Мухаџири додава дека оваа недела во Брисел тешко дека ќе има епохални промени. Тој вели дека двете страни играат на одолговлекување. „Моделот на награди и казни од страна на ЕУ е единствениот можен мотив за страните во дијалогот да го забрзаат процесот и на крајот да постигнат конечен договор.“

Како можен рок се наметнува донаторска конференција за Србија и Косово, која би можела да се одржи во средината на август.

„Политичките лидери се свесни дека до донаторската конференција предвидена со договорот целото внимание ќе биде насочено кон нивните чекори и кон тоа колку работат на спроведување на договореното“, уверен е Бојан Елек.