1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Засилени напади врз Харков: Зеленски бара поголема помош

СН/агенции
8 април 2024

Повеќе луѓе загинаа во руските напади врз Харков за време на викендот. Претседателот на Украина сега повторно апелира за испорака на дополнителни системи за противвоздушна одбрана.

https://p.dw.com/p/4eWdc
Украинскиот претседател предупреди дека неговата земја ќе ја изгуби војната во очекување на пакетот помош од САД
Украинскиот претседател предупреди дека неговата земја ќе ја изгуби војната во очекување на пакетот помош од САДФотографија: Vadim Ghirda/picture alliance / ASSOCIATED PRESS

Со оглед на постојаните руски воздушни напади врз вториот град по големина во Украина, Харков, украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од меѓународните сојузници итно да ги испорачаат неопходните системи за противвоздушна одбрана.

„Сосема е очигледно дека капацитетите за воздушна одбрана кои ги имаме во Украина не се доволни - и тоа им е јасно на сите наши партнери“, рече Зеленски во вечерната видео порака во неделата, 7 април, 2024.

„Бараме начини да му обезбедиме на Харков повеќе воздушна одбрана“, рече тој, повикувајќи ги сите украински дипломати и меѓународни преговарачи да бараат договори за нови испораки.

Зеленски долго време бара дополнителни системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ од американско производство, а претходно во телевизиско интервју изјави дека на неговата земја ѝ се потребни најмалку 25 такви системи за да се одбрани од руските напади.

Сцена од бомбардираниот Харков во саботата на 6 април 2024: Русија во последните недели ги засили нападите врз станбени населби во украинските градови
Сцена од бомбардираниот Харков во саботата на 6 април 2024: Русија во последните недели ги засили нападите врз станбени населби во украинските градовиФотографија: Alex Babenko/AP/picture alliance

Украина, која повеќе од две години се брани од руската инвазија во големи размери, повторно забележа зголемено руско воено фокусирање на Харков, во моментов повеќе од кој било друг град.

Зеленски предупредува на губење на војната со Русија

Со оглед на ваквата тешка ситуација во источна Украина, претседателот  Зеленски предупреди на пораз на неговата земја. Во однос на недостигот на натамошна воена помош од САД, Зеленски на видео-конференција организирана од Јунајтед24, владина иницијатива за собирање средства, рече: „Ако Конгресот не и помогне на Украина, Украина ќе ја изгуби војната“.

Според локалното обвинителство, две руски бомби паднале во неделата напладне во Харков, при што биле повредени пет лица, додека 13 станбени згради и други објекти се оштетени. Во петокот вечерта во руски водушен напад загинаа шест лица , а 11 беа повредени.

Итните повици на Зеленски следеа кога Москва, исто така, ги засили нападите врз градот Часив Јар на првата линија на фронтот, а украинската војска ги опиша борбите како „тешки“ и „напнати“. Градот е важен железнички и логистички центар за украинската војска.