1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО го тужи Спасовски - издавал документи без „Северна“

ДТЗ
15 февруари 2024

Партијата смета дека Спасовски како поранешен министер за внатрешни работи е одговорен за хаосот со личните документи.

https://p.dw.com/p/4cQwl
ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО го тужи Спасовски затоа што издавал документи без „Северна“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

ВМРО-ДПМНЕ во Јавното обвинителство поднесе кривична пријава против Оливер Спасовски. Партијата смета дека како поранешен министер за внатрешни работи лично и директно е одговорен за хаосот со личните документи.

Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, вели дека кривичната пријава се заснова на прекршување на членовите 353 став 1 и 353-в став 5 од Кривичниот закон.

Според него, Оливер Спасовски во својство на министер за внатрешни работи во период од околу две и пол години издавал лични документи за кои знаел и бил свесен дека нивната важност нема да биде во рок отколку што е ставен во документите, туку тие ќе престанат да важат на 12.02.2024 година. 

Огромна штета 

„Во период од 12.02.2019 се до средината на 2021 година тој свесно и директно раководејќи со МВР, кои што впрочем ги издаваат овие документи нанесува штета на десетици илјади граѓани. И таа штета е и материјална и нематеријална штета. Две и пол години тој ја донесува македонската јавност во заблуда со ова негово постапување. Впрочем тој врши злоупотреба на службената положба и овластувања, и несовесно работење во службата“, изјави Јанушев.

Тој очекува од Јавното обвинителство да ја прифати кривичната пријава поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и да отвори истрага за Оливер Спасовски. Апелираше новоизбраниот јавен обвинител Љупчо Коцевски да покаже дека е професионалец. 

Оливер Спасовски
Спасовски смета дека пријавата е политички мотивирана и нема врска ниту со правото, ниту со процесот, ниту со интересите на граѓанитеФотографија: Innenministerium Nordmazedonien

Политички мотиви 

„Менаџирањето на замената на документите е прашање на институции, а не на поединец“, изјави за ДВ деновиве поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, по најавата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ќе бара кривична одговорност од него за крахот со издавањето нови патни исправи.

Тој смета дека најавата е политички мотивирана и нема врска ниту со правото, ниту со процесот, ниту со интересите на граѓаните.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во средата (14.02) упати апел за менување на рокот и на пасошите, по рпимерот на возачите дозволи, чија важност со законски измени во Собрането се пролонгираше до 31 декември. 

Но, техничкиот премиер Талат Џафери ги повика партиите да не ги доведуваат во заблуда граѓаните со манипулации и невистини. „Прашањето околу употребата на уставното име на државата во патните исправи е регулирано со Уставот и е дел од меѓународен договор. Оттука, несериозен, популистички и исклучиво во партиски интерес е наводниот повик да се поддржи законско решение со коешто би се продолжила важноста на патните исправи, по примерот на решението со возачките дозволи“, е ставот на Џафери.