1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џафери мандатар, Митрески претседател на Собрание

ДТЗ
26 јануари 2024

Џафери вети дека врз основа на законите и Уставот, преговорите за состав на преодната Влада ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата

https://p.dw.com/p/4bhoM
Талат Џафери, Стево Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски му го врачи мандатот на Талат Џафери, за состав на преодна ВладаФотографија: Petr Stojanovski

Претседателот Стево Пендаровски му го врачи мандатот на Талат Џафери, за состав на преодна Влада за спроведување на избори на пратеници. Со тоа тој стана прв премиер Албанец којшто ќе биде на чело на преодната влада 100 дена пред изборите коишто треба да се одржат на 8 мај.

Џафери вети дека врз основа на законите и Уставот, преговорите за состав на преодната Влада ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата. „Со задоволство и потполна одговорност го примам мандатот од претседателот на државата, со ветување дека совесно и врз основа на законите и Уставот, составот на Владата и преговорите за составот на Владата ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата“, рече Џафери.

Талат Џафери
Џафери вети дека врз основа на законите и Уставот, преговорите за состав на преодната Влада ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата.Фотографија: Petr Stojanovski

Собранието доби претседател од СДСМ 

Претходно Собранието ги констатираше оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на Талат Џафери, по што со 64 гласови „за“ и 40 „против“ го избра новиот собраниски спикер, Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ. 

„Како секој пратеник, така и за мене изборот за претседател е голема чест, но пред се одговорноста е уште поголема. Во таа насока ве уверувам дека со посилен интензитет ќе продолжам да работам во интерес на функционалноста и ефикасноста на Собранието, секако во согласност со Уставот, со Деловникот, со законската регулатива, но пред се во интерес на граѓаните и државата“, рече Митрески.

ВМРО-ДПМНЕ не гласаше Јован Митрески од СДСМ да биде претседател на Собранието до одржувањето на изборите. Координаторот на опозициската партија Никола Мицевски соопшти дека Митрески не може да го поправи она што се случувало во изминатите шест години во законодавниот дом затоа што и тој, како што рече, директно или индиректно бил учесник во процесите и настаните во кои наместо интересите на граѓаните, во прв план биле личните интереси и партиските пазари.  

Пратениците од Европскиот сојуз на промени не присуствуваа на седницата за избор поради бојкот. 

Јован Митрески
Пратениците го избраа Јован Митрески од СДСМ за собраниски спикер , Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Избор на преодна влада 

Седницата за избор на преодната Влада треба да се одржи в недела на 28 јануари. 

Прв вицепремиер во техничката влада ќе биде Бојан Маричиќ, кој ќе биде задолжен за европските прашања, додека Артан Груби останува вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

Ротацијата на Груби и Маричиќ следи по одлуката за технички премиер да биде поставен кадар на ДУИ, со што министер од редовите на СДСМ доаѓа на местото на прв вицепремиер.

Измени ќе има и на раководните позиции во МВР и Министерството за труд и социјална политика, кои треба да добијат министри од редовите на опозицијата. 

ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи го предложи Панче Тошковски, актуелен претседател на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ и долгогодишен адвокат. Ѓоко Велковски е нов предлог за кандидат за министер за труд и социјална политика.

Кадрите на опозицијата коишто ќе учествуваат во техничката влада денеска на дебата ги презентираа своите приоритети.Партискиот лидер, Христијан Мицкоски порача дека следните 100 дена се суштински за да има кредибилен изборен процес.

„На секој човек му е јасно дека на следните избори ќе победи ВМРО ДПМНЕ. Целта ни е да освоиме 61 пратеник за да се овозможи целосна трансформација на Македонија“, порача Мицкоски на дебатата „Важно е“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема