1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Столтенберг бара брз прием на Шведска и Финска во НАТО

ЕМФ | агенции
4 ноември 2022

Финска и Шведска ги исполниле условите поставени од Турција за приклучување на двете земји во НАТО, смета генералниот секретар на алијансата, Јенс Столтенберг.

https://p.dw.com/p/4J3Ox
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на прес-конференција во Истанбул
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на прес-конференција во ИстанбулФотографија: Cem Ozdel/AA/picture alliance

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, инсистира Шведска и Финска да се приклучат на одбранбениот сојуз што е можно поскоро. „Време е да ги поздравиме Финска и Шведска како полноправни членки на НАТО“, рече Столтенберг на заедничката прес-конференција со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во Истанбул

Пристапувањето на Финска и Шведска ќе го „зајакне НАТО и ќе ја зголеми безбедноста на нашите народи“, рече Столтенберг. Со оглед на загриженоста што ја искажа членката на НАТО, Турција, во врска со пристапувањето на двете северноевропски држави, Столтенберг зборува за напредок. „Ја препознавам Вашата загриженост“, рече Столтенберг обраќајќи му се на Чавушоглу. Според генералниот секретар на НАТО, Финска и Шведска се многу заинтересирани за поблиска соработка со Турција во борбата против „тероризмот“.

Финска и Шведска поднесоа барање за влез во НАТО во мај како резултат на руската агресивна војна против Украина. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган тогаш се закани дека ќе го блокира нивниот прием во НАТО. Анкара ги обвинува двете држави дека обезбедуваат засолниште за курдски борци кои турската влада ги гледа како „терористи“. Во јуни Турција, Шведска и Финска склучија договор кој, меѓу другото, се врти околу екстрадиција и размена на информации меѓу земјите.

До денес, сите земји на НАТО, освен Турција и Унгарија, го ратификуваа приемот на Шведска и Финска во НАТО. За пристапување на нова земја-членка е потребно одобрение од сите членки на алијансата.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу зборуваше за напредок во односите со Шведска. Сепак, „не може да се каже“ дека договорите постигнати со Шведска се целосно спроведени. Анкара не сака да го запре проширувањето на НАТО, но сака да види преземање „конкретни чекори“. Сепак, Чавушоглу во меѓувреме, како што нагласи, има „поголема надеж“ дека новата шведска влада ќе одговори на турската загриженост.