1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Што ѝ прават на Русија украинските напади со дронови

Лилија Ржеутска | Марина Барановска | Марина Иванова | Дмитро Каниевски
16 март 2024

Дали украинската армија навистина може да ја запре руската офанзива во Донбас? Зошто Украина ги зголемува нападите со дронови врз Русија? Еве како руски, украински и западни воени експерти ја оценуваат ситуацијата.

https://p.dw.com/p/4dbJX
Русија пожар во рафинеријата во Рјазањ
Пожар во рафинеријата во Рјазањ, Русија, по напад на украински дронФотографија: Video Obtained By Reuters/via REUTERS

Украина во последно време ги зголеми нападите со беспилотни летала врз Русија - повеќе руски региони беа погодени од десетици беспилотни летала. На пример, во Рјазањ дрон удри во рафинерија, а во Белгород беспилотно летало  удри во зграда на разузнавачката служба ФСБ. Руското Министерство за одбрана извести дека само на 13 март биле пресретнати 65 дронови.

Неколку дена претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека украинските вооружени сили успеале да го запрат напредувањето на руските трупи на истокот од земјата.

„На Русите им снемува опции“

Руската армија веќе ги нема силите што ги имаше до пред две недели за да продолжи со нападите во источна Украина. Ова е заклучокот до кој доаѓа независниот руски воен аналитичар Јан Матвејев. „Руската војска постигнува сѐ помалку успеси. Во текот на изминатата недела тие не успеаја ниту да ја преземат контролата врз селата на чиишто периферии се наоѓаа. Затоа, навистина може да се каже дека руската офанзива е запрена“, вели експертот.

Според него, ова е „логичен развој што беше апсолутно предвидлив“. На Русите „едноставно им снемува опции“. „Не може да се оди бескрајно во таква тешка офанзива, како што направи руската армија. Единиците се истрошија, трпат големи загуби, мора да се повлечат, прегрупираат и да се снабдат со нова муниција“, објаснува експертот во интервју за ДВ. Се разбира, ниту украинската армија не губеше време. Таа се обиде да се одбрани и да ги сведе сопствените загуби на минимум, што ѝ успеа, вели Матвејев. 

Извидувачки дрон на украинските вооружени сили
Извидувачки дрон на украинските вооружени сили (архивска фотографија)Фотографија: Sofiia Gatilova/REUTERS

Сепак, украинскиот воен експерт Костјантин Машовец од Центарот за воено-политички истражувања во Киев укажува дека сѐ уште е рано да се зборува за стабилизација на линијата на фронтот. Од негова гледна точка, нема пресудни знаци за такво нешто. Но, генерално, Украина ја промени својата воена стратегија: „Сега се нанесува штета на далечни објекти и цели кои го сочинуваат стратешкиот потенцијал на непријателот“, нагласува тој. Според Машовец, тоа среднорочно ќе доведе до значително слабеење на воените капацитети на руската армија.

Киев е насочен кон руските рафинерии 

Еден од знаците дека вооружените сили на Украина следат нова тактика се зголемените напади на украинските беспилотни летала на руска територија, особено на рафинерии. „Производството во рафинериите го одредува количеството на гориво што руските трупи можат да го потрошат на територијата на Украина“, потенцира Машовец. „Затоа, намалувањето на количината има директно влијание врз бројот на акции на руската армија. Колку помалку рафинериите произведуваат, толку помалку ќе има напади врз украинските вооружени сили“.

Според украинскиот воен експерт, нападите врз рафинериите имаат и друга цел: на овој начин би се намалиле можностите на руската економија да тргува со нафтени деривати, кои се еден од главните извори на приходи за рускиот буџет. 

Мислењето на Машовец го дели и рускиот воен експерт Јан Матвејев. „Нападите на украинските беспилотни летала врз рафинериите и нафтените магацини во Русија влијаат на извозните можности на режимот на Владимир Путин во однос на продажбата на гориво. И тоа има директно влијание врз текот на војната“, нагласува тој.

Технологијата ѝ помага на Украина во војната против Русија

Психолошки ефекти и вистинска штета 

Јан Матвеев не ја исклучува можноста Киев наскоро да ги прошири своите напади со беспилотни летала, кои имаат и важни психолошки ефекти. „Украинската војска сака да покаже дека Путин не може да ја заштити Русија и нејзината инфраструктура од украинските беспилотни летала“, оценува експертот.

Освен тоа, тој не ја исклучува можноста Украина повторно да се обиде да го погоди Кремљ во Москва со беспилотни летала за да изврши психолошки притисок: „Воено, тоа нема да биде од корист. Но, од психолошка гледна точка, тоа е сериозна работа. „Ако на вестите вечерта на 17 март се информира колку брилијантно победил Владимир Путин на изборите, а потоа мал дрон експлодира над куполата на Кремљ, тоа би бил прилично силен сигнал“.

Марина Мирон, воена експертка од Кралскиот колеџ во Лондон, за ДВ оценува дека нападите со беспилотни летала врз руски цели се „интересно асиметрично средство за нанесување штета на Русија без да се направат големи инвестиции“. Дроновите се евтини, но можат да предизвикаат и голема штета, а не само да создаваат психолошки ефекти. „Жителите на пограничните региони, па дури и до Санкт Петербург, мора да бидат подготвени и да очекуваат напади. Тоа за Кремљ е нешто што го намалува моралот“, нагласува Мирон. Според експертката, малку е веројатно дека украинските напади ќе предизвикаат доволно штета за да предизвикаат колапс на руската воена машина. „Но, тоа сепак е демонстрација на украинската волја“, вели таа.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи