1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Диви копачи распродавале артефакти низ светот

ДТЗ
9 јуни 2023

Диви копачи копале на локалитети за кои имале слушнато, се ориентирале и по стари преданија и мапи коишто ги поседувале. Полицијата открила група во која членувале 11-мина на возраст од 28 до 48 години

https://p.dw.com/p/4SNZj
археолошко богатство
Диви копачи расподаваат артефакти низ светотФотографија: DW

Група диви копачи една година пустошеле по археолошките локалитети во северна Македонија, ископувајќи се што е вредно и потоа продавајќи го на црните пазари на артефакти низ светот. Копале на локалитети за кои имале слушнато, се ориентирале и по стари преданија и мапи коишто ги поседувале. Полицијата открила група во која членувале 11-мина на возраст од 28 до 48 години. Против нив е поднесено обвинение за повеќе дела поврзани со прикривање, оштетување или уништување добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости, изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи. Едниот од дивите копачи е во бегство. 

Со карти и преданија до археолошкото богатство

Според досегашните сознанија од истрагата, групата во периодот од 1 декември 2021 до 12 декември 2022 година незаконски вршела пребарување на археолошките локалитети, од каде биле одземани предмети под привремена заштита, користејќи пренесени сознанија, карти и рачно пишани текстови и преданија за ориентација и пронаоѓање на археолошките локалитети.

По пронаоѓање на локалитетите, со користење метал детектори обвинетите извршувале недозволено истражување и ископување на културното наследство. Иако знаеле дека потекнуваат од извршено кривично дело, археолошките добра и историските предмети ги присвојувале и ги прикривале во нивните домови или на непознати локации и неовластено од надлежен орган ги нуделе и продавале на заинтересирани купувачи од земјата и странство. 

црква
Пред неколку години албанската полиција во акцијата „Икона“ заплени 1077 икони, артефакти, и други религиски предмети кои потекнуваат од средниот век.Фотографија: picture-alliance/dpa

Огромна штета

Станува збор за предмети со археолошки, етнолошки, уметнички и историски вредности со непроценлива вредност, односно значајно добро и добро од особено значење сопственост на Република Северна Македонија, со исклучителна вредност. „Со нивно трајно отуѓување, обвинетите сториле трајна штета за археолошкото, историското, музејското и уметничкото истражување на надлежните државни и научни институции и штета на државата“, информираат од обвинителството. 

Проценките на полицијата се дека од земјата се украдени над 1.000 вредни артефакти и икони. Познавачите велат дека бројката е далеку поголема и се движи околу 3.000 предмети - што е доволно да се наполнат неколку музеи. Иако полицијата презема мерки за спречување на криминалните групи и дивите копачи, се чини тие се секогаш неколку чекори пред организираните групи, кои и понатака продолжуваат да копаат по утробата на вредното историско и културно наследство.

Разнебитувањето на културното и историско наследство на земјата трае со децении.  Поединци, но и организирани групи, кои често се поврзуваат со странски канали каде ги продаваат украдените предмети на црните пазари во Европа, се дел од ланецот кој учествува во разграбувањето на македонското културно наследство. Украдените предмети се продаваат на трговци на артефакти од странство, на музеи, приватни колекционери, а  дел завршуваат на продажба во некоја од светски познатите аукциски куќи во Европа и САД. Во последно време се поактуелен станува и црниот пазар на артефакти во Азија, каде можат да се најдат и украдени предмети од Северна Македонија. 

Пред неколку години албанската полиција во акцијата „Икона“ заплени 1077 икони, артефакти, и други религиски предмети кои потекнуваат од средниот век.