1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рамазанско осветлување во Франкфурт

ЖА /АРД
9 март 2024

Во центарот на Франкфурт на Мајна првпат е поставено специјално осветлување по повод исламскиот месец на постот, Рамазан. На крајот на неделава тоа би требало да биде вклучено – како знак на мирен соживот.

https://p.dw.com/p/4dDsj
Ramadan-Beleuchtung in Frankfurt
Фотографија: Boris Roessler/dpa/picture alliance

Градот Франкфурт првпат дел од својот јавен простор го кити со осветлување по повод исламскиот месец на постот, Рамазан. Од недела (10. март), големата улица Бокенхајмер во центарот на градот, ќе биде осветлена со декорации во форма на полумесечина, ѕвезди и лампиони со натписи  „Среќен Рамазан“.

Пример за овој потег на градските власти бил Лондон, каде лани по повод Рамазан почнала пракса на китење и осветлување на јавниот простор во близина на плоштадот Пикадили. Според информации на весникот „Билд“, Франкфурт ќе биде прв германски град со ваков потег.

Одлуката е донесена лани

Градскиот парламент на Франкфурт на Мајна минатата година донесол одлука за  поставување на осветлување. Барање поднесле пратеничките групи на градската влада, Зелените, СПД, ФДП и Волт. Во образложението се наведува дека во Франкфурт живеат меѓу 100.000 и 150.000 муслимани, што е речиси 15 проценти од вкупното население. Рамазан годинава ќе трае до 9 април.

Претседателката на Градското собрание Хилиме Арсланер (Зелени) појасни дека во текот на Рамазан луѓето се потсетуваат и размислуваат за важните работи во животот. „Тоа се темелни столбови на човечкиот соживот, на кои подучуваат сите религии. Се радувам што овие знаци на Рамазански мир се видливи и што заживеаја во нашиот Франкфурт“, изјави Арсланер.

Градоначалничката: Знак на мирен соживот

Осветлувањето претставува „знак на мирниот соживот на сите луѓе во Франкфурт“, истакна градоначалничката Наргес Ескандари-Гринберг (Зелени). „Тоа се светла на соживот, против предрасуди, против дискриминација, против  антимуслимански расизам,  но и  против антисемитизам. Во време на кризи и војни, осветлувањето е зрак надеж за сите луѓе и ја јакне нашата општествена кохезија во плуралистичкото општество“, истакна таа.

ЦДУ: Пари треба да се даваат за сите верски заедници

Трошоците за осветлувањето, како што изјави портпаролот на градоначалничката на Франкфурт, изнесуваат околу 75.000 евра.

Јаник Швандер, заменик претседател на  пратеничката група на ЦДУ  во градското собрание, изјави: „Ние сметаме дека пари од буџетот треба да има за сите верски заедници во Франкфурт“. Тој укажа дека божиќното осветлување, на пример, се финансира со „пари на здруженија и донации", а не со градски пари.

Портпаролот на Ескандари-Гринберг противречи на ова тврдење: за божиќно осветлување градот обезбедува многу повеќе пари отколку за Рамазанското осветлување.

Муслиманите ја поздравуваат одлуката на градските власти

Муслиманите во Франкфурт на Мајна позитивно реагираат на планираното осветлување и китење на градски површини. „Мислам дека е тоа добар потфат и може да служи за пример“, изјави претседателот и директор на исламската заедница во Франкфурт, Мохамед Седади. Потегот е значен за муслиманите и се вклопува во „мултикултурниот град“, смета тој.

И портпаролот на германската Ахмадија-заедница, Навид Ахмад ги пофали градските власти: „Многу ме радува овој знак на признавање за муслиманите". Улицата Бокенхајмер исто така е накитена и осветлена и во текот на  Божиќ и еврејскиот празник Ханука. Поради тоа, овој потег во пресрет на Рамазан, како што истакна тој, е знак на иста почит кон религиите.