1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Против АфД: Протести во сенка на големите демонстрации

Петер Хиле
27 јануари 2024

Стотици илјади луѓе во Германија со денови протестираат против делумно десноекстремната АфД. И во општината Ајторф, во близина на Келн, на улица се илјадници луѓе. Таму во мали размери се гледа сликата за цела Германија.

https://p.dw.com/p/4bfoJ
Ајторф демонстрации афд контрадемонстрации
Шарени и гласни: Протест пред граѓанскиот центар во АјторфФотографија: Peter Hille/DW

Пред граѓанскиот центар на општината Ајторф таа вечер можеа да се сретнат: пратеник на АФД во Бундестагот кој сака од Германија да протера милиони лица, контрадемонстранти кои стравуваат од тоа дека фашизмот во Германија, поради делумно десноекстремната АфД, повторно може да земе замав - и Ајфер Евмез. Токму под прозорецот од нејзината канцеларија пратеникот стои очи в очи со демонстрантите. Нејзиниот прозорец е отворен, таа има уредно изложено колач, баклава и бисквити. „За демонстрантите”, вели. 48-годишната жена во Германија е дојдена од Турција уште додека била бебе.

Денес е шефица на служба за нега на стари и изнемоштени лица во околината на Ајторф, гратче со дваесетина илјади жители на западот на земјата. „Имаме 60 вработени од речиси 15 нации“, раскажува таа.

Во граѓанскиот центар пратеници на АфД и околу 90 нивни поддржувачи тој 23 јануари разговараат за т.н. „ремиграција“, односно протерување на милиони луѓе од Германија. Евмез смета дека тоа е тажно и неразумно. „Ние и онака имаме потешкотии да најдеме персонал, а луѓето кои работат во најголем дел имаат миграциска позадина. Без нив целиот систем пропаѓа. Тоа не е добро за нашата земја“, порачува таа и се радува што бројот на демонстранти вечерта расте.

Ајторф АфД демонстрации контрадемонстрации
Ајфер Евмез и нејзиниот сопруг Хајри, од службата за негуватели во Ајторф, од својот прозорец гледаат кон приврзаници на АфДФотографија: Peter Hille/DW

Но, тие не може да допрат до колачињата бидејќи под прозорецот на Евмез околу десет поддржувачи на АфД држат плакат, а пред нив има ланец полицајци со бели шлемови кои се како тампон зона меѓу нив и демонстрантите. Се гледаат синџири од шарени светилки, знамиња од конзервативната ЦДУ, па сѐ до левичарски групации. Маж со побелена брада вее црно знаме. Не сака да каже како се вика, вели доаѓа од делови на земјата каде десницата е многу силна. Го прашуваме зошто е тука, а тој одговара „затоа што сакаме да испратиме многу јасен сигнал против АфД“. Уште во 1990-тите демонстрирал против десноекстремни партии кои тогаш добиле на сила. „Ова за мене не е нов феномен, но имам впечаток дека сега и граѓанските сили сфатија оти мора да се придвижат“, додава тој.

Истражувачот Александер Лајснер од универзитетот во Лајпциг го потврдува ова и телефонски за ДВ вели дека луѓето биле мобилизирани од една страна поради големата поддршка за АфД во анкетите, а од друга страна тие се разбудиле по истражувачката сторија на платформата „Коректив“, која откри средба во Потсдам со идеи за протерување луѓе на политичари од АфД и десни екстремисти. „Со тоа се пречекори точка кога многумина сфатија дека е нужно да се каже ‘ова го сметаме за опасно’”.

Германија Ајторф | протест против АфД
Протест во Ајторф: Градоначалникот Рајнер Фихоф (во жолта јакна) и други демонстранти маршираат против АфДФотографија: Ying Tang/NurPhoto/picture alliance

Откако прво се демонстрираше во големите градови, сега се забележуваат многу демонстрации и во помали места и општини. „Меѓу демонстрантите се многу семејства, многу стари лица, многумина кои велат дека никогаш или одамна не биле на протест”. Лајснер очекува дека за одредено време протестите ќе спласнат, „но се формираат нови граѓански коалиции токму во покраините во кои претстојат избори, како Тирингија”. Како пример тој ги наведува „Бабите против десницата“, групи на постари жени кои се здружуваат токму во помали места.

И во Ајторф има шарен плакат од оваа група. Покрај него минува 63-годишната Криста Куртидис, која веќе 50 години живее во Германија и вели: „Се плашам дека ќе мора да си одиме ако АфД дојде на власт. Ние имаме грчко и германско државјанство и немаме германска позадина. Се ежам при помислата. Грција ми е туѓа, Ајторф е мојата татковина, тука сум си дома”, вели таа.

Ајторф Криста Куртидис
Живее во Ајторф и таму сака и да остане: Криста КуртидисФотографија: Peter Hille/DW

Полицијата проценува дека таа вечер околу 3 илјади демонстранти излегле на демонстрации во Ајторф, на дожд и температура од студени шест степени. Меѓу демонстрантите - и независниот градоначалник Рајнер Фихоф. Тој дал дозвола за настанот на АфД во граѓанскиот центар поради начелото за ист третман на сите политички партии, објаснува тој за ДВ. „Како градоначалник се радувам што Ајторф јасно се позиционира против и што сите овие луѓе се собраа тука за да пратат порака против фашизмот и АфД”, вели тој.

Пратеникот на АфД, Роџер Бекамп, во меѓувреме со мегафон застанува пред демонстрантите и им се обраќа, но тоа што го кажува се губи во гласните извици на толпата.

Келн: Илјадници луѓе протестираа против десничарската АфД

Зад вратите на граѓанскиот центар Бекамп ја претставува својата партија како жртва на медиумите. „Овој инсцениран, искривен медиумски скандал кој моментално го гледаме во врска со приказната од Потсдам секако не е добар, затоа што се претставува еднострано и сите медиуми наседнуваат на тоа”, вели Бекамп. АфД сака да има протерување на милиони луѓе, но не и на луѓе со германски пасоши. „Тоа е тотална глупост, никој не кажал такво нешто”, вели тој, но оценува дека сепак е успех за АфД што поимот „ремиграција” сега е присутен насекаде. „Никогаш немаше да успееме да го наметнеме вака како што се случи благодарение на таа медиумска кампања”, вели пратеникот.

Ајторф АфД Роџер Бекамп
Со мегафон: Роџер Бекамп од АфДФотографија: Peter Hille/DW

Откако приврзаниците на АфД и контрадемонстрантите се повлекоа, Ајфер Евмез со олеснување вели: „Имаше периоди кога ми беше страв, но ми се допадна што толпата беше толку гласна”. Така политичарите на АфД не можеле да ја шират својата порака.

Што уште прави Ајфер Евмез таа вечер? Нејзините вработени сѐ уште се на терен во нивните портокалови возила. „Имаме трета смена. Луѓе треба да бидат сместени во кревет, дијабетичарите да добијат инсулин“, вели Евмез. Таа вели дека е среќна за секој врбаотен што го има, без разлика од каде потекнува.

 

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик