1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повици да се спушти топката меѓу Скопје и Софија

ДТЗ
7 февруари 2023

Во отежнати околности се работи на исполнување на обврската за уставни измени, поради влошување на односите со Бугарија, вели шефот на дипломатијата, Бујар Османи. САД бара деескалација на реториката меѓу двете земји.

https://p.dw.com/p/4NBIh
Бујар Османи
Повици да се спушти топката меѓу Скопје и СофијаФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Расте притисокот и повиците за спуштање на пинг-понг топката меѓу Скопје и Софија, бидејќи караниците се само сопка за уставните измени коишто треба да се спроведат во Северна Македонија. По пораките од американскиот Стејт департмент кој ги поздрави „напорите на лидерите на Бугарија и на Северна Македонија за деескалација на реториката и за тоа што охрабрија достојно чествување во Скопје на денот на раѓањето на Гоце Делчев“, апел да не се потклекнува на провокациите денеска упатија и шефот на македонската и чешката дипломатија, Бујар Османи и Јан Липавски, кој е во официјална посета на земјата.

„Во отежнати околности се работи на исполнување на обврската за уставни измени, поради последните влошувања на односите со Бугарија, а коишто се резултат на провокации предизвикани од лица за кои ова е резервна тема секогаш кога на хоризонтот ќе се појават избори“, вели Османи. Тој упати порака до Софија дека е време да се прекине со тој циклус на лоши односи и пинг-понг дебата меѓу двете земји, да престанат провокациите и „да се вратиме на набиената агенда на патот кон ЕУ“. 

Непредвидливи односи 

Честите избори во Бугарија, каде пет изборни циклуси се на повидок за само две години создаваат една непредвидливост во комуникацијата меѓу двете земји. Османи оценува дека изборните процеси ја вжештуваат комуникацијата, „политичари се фаќаат за резервни теми кои создаваат емоции“, и во тој вител често се вплеткуваат и македонско-бугарските односи.

Оценувајќи дека една „невидлива рака констатно се обидува да создаде тензии во регионот“, Османи вели дека прашањето е дали ќе потклекнеме на таквите провокации или не.

.„Се надевам земјата ќе продолжи со реформите и ќе ги донесе уставните измени“, порача и Липавски во Скопје, кој рече дека треба да продолжи дијалогот во кој ќе се разјаснат сите прашања меѓу двете земји. „Има јасни цели кои треба да се постигнат, задачи кои Северна Македонија треба да ги исполни преку парламентот, но ситуацијата треба да се менаџира на начин со кој ќе се намалат тензиите и ќе се води дијалог во позитивна насока“, додаде Липавски.

Стејт департмент
Од САД стигна порака дека е неопходно да деескалира реториката меѓу Скопје и СофијаФотографија: AFP/Getty Images/J. Richards

Претходно од САД стигна порака дека е неопходно да деескалира реториката меѓу двете земји. На прашање од МИА дали САД сметаат дека бугарската реакција околу нападот во Охрид врз едно лице, како и декларацијата изгласана во Собранието на Бугарија, е преувеличување до невидени размери од страна на официјална Софија, Вашингтон одговори дека Софија и Скопје веќе работат на деескалација на ретороиката и го поздравија мирното чествување на роденденот на Делчев.

„Иднината на Северна Македонија е во ЕУ. САД продолжуваат да ја поддржуваат целосната евроатлантска интеграција на Северна Македонија“, порачува Вашингтон. 

Од Бугарија поинакви тонови 

Додека Македониа тврди дека нема ги почитува правата на сите прпадници на заедниците во земјата, од Бугарија повторно стигнуваат пораки дека обидите за надградување, смирување на односите меѓу земји биле поткопани со „конкретни постапки на властите во Скопје, кои од крајно неубедливи причини, кршејќи ги претходно дадените гаранции, не дозволија да се оддаде почит на Гоце Делчев“. „Во однос на дискриминацијата – секогаш сме чувствувале дека тоа не е само конзуларно прашање. Дискриминацијата е политичко прашање“, изјави вршителот на должноста министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков на денешниот брифинг во бугарското МНР.

Претходно и бугарскиот претседател Румен Радев порача дека „односот на РСМ кон злосторствата од омраза врз македонските Бугари е од клучно значење не само за билатералните односи, туку и за европската перспектива на земјата“.