1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите се растрчаа - се бара решение за возачките дозволи

ДТЗ
12 февруари 2024

Техничкиот премиер Талат Џафер порача дека на средба во Собранието ќе се разгледаат сите опции како да се надминат проблемите. Рокот за употреба на документите истекува на полноќ.

https://p.dw.com/p/4cI6D
НМК налепница возила
Од утре возилата мора да имаат налепници НМКФотографија: Petr Stojanovski/DW

Партиите се растрчаа во барање решение за надминување на проблемите со употребата на возачките дозволи и на пасошите, откако истекува рокот за замена на старите документи согласно Преспанскиот договор. Тие најавија законски измени и побараа поддршка од сите пратеници за пролонгирање на важноста на документите за внатрешна употреба. Техничкиот премиер Талат Џафер од тетовско Селце порача дека ќе оди во Собранието и ќе се разгледаат сите опции како да се надминат проблемите. Рокот за употреба на документите истекува на полноќ.  

Рокот истекува - проблемите остануваат 

Џафери вели дека е можно некаде да се интервенира со законска измена, а некаде со одлука на Владата.

„Ќе имаме заедничка средба со пратениците и евентуалните решенија ќе ги дефинираме како закон, а другиот дел од можните решенија ќе оди преку одлука на Влада. Работиме на тоа и ќе има соодветна одлука и решение за прашањето коешто е актуелно“, рече Џафери одговарајќи на новинарски прашања. 

Талат Џафери
Техничкиот премиер Талат Џафер порача дека ќе се разгледаат сите опции како да се надминат проблемитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Револт, нервози и обвинувања предизвика истекот на рокот со кој граѓаните се обврзани согласно Преспанскиот договор да ги заменат личните и патните документи со нови на коишто ќе стои официјалното име на државата Република Северна Македонија. Повеќето коментираат дека се заробеници во сопствената држава, откако МВР им порача да не се обидуваат да ја напуштат земјата без важечки документи. Паника создаде и веста дека треба да се заменат и сите возачки дозволи, за што граѓаните велат дека не биле навремено информирани. 

Со цел да се избегнат нервозите, поради најавените казни за непоседување на валидни документи, преку законски измени ќе се бара спас од незавидната ситуација во која што се најдоа повеќето македонски граѓани. Пратеничката група на СДСМ најави дека ќе поднесе предлог за законски измени со кои на возачките дозволи, сообраќајните дозволи, осигурителните полиси и сообраќајните книшки ќе им биде продолжена важноста. 

Пратениците од опозицијата бараат итна седница со цел продолжување на рокот за важност на пасошите и возачките дозволи. „Ова лудило во кое нѐ втурнаа неспособните мора да запре“, порача на социјалните мрежи Љупчо Пренџов, пратеник од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Законски измени за документите 

СДСМ бара со измени на законите граѓаните и понатаму да може да ги користат документите на територијата на државата. „Во меѓувреме граѓаните не смее да се казнуваат, никој не смее да биде казнет за учество во сообраќајот. Ова е соодветно решение, возачките се за домашна употреба и мора да важат и понатаму“, порачаа од СДСМ. Тие очекуваат поддршка од сите пратенички групи во македонското Собрание за законските измени.

гужви пасоши МВР
Гужви пред пунктовите на МВРФотографија: Petr Stojanovski/DW

Закон за изменување и дополнување на законот за патните исправи и законот за безбедност во сообраќајот се подготвени и од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и ќе бидат итно доставени до Владата. „Ова е единствено решение на моменталната криза во која се доведени граѓаните коишто по 13 февруари ќе останат заробени во државата“, изјави министерот Тошковски во гостување во вестите на Канал 5 телевизија. 

Она што Тошковски го предлага и за што бара политичка волја од сите политички субјекти во Владата, вели дека е согласно сите меѓународни акти коишто гарантираат основни човекови права, а веќе се донесени неколку одлуки од Стразбур за кршење на основните човекови права од страна на државата. За што ќе мора да исплаќа и отштетно побарување. 

Проблем и со обрасците 

Во моментот државата има само 5.000 македонски и 10.000 албански обрасци за печатење пасоши. „Тие се за некои итни ситуации, како на луѓе со здравствени проблеми ќе мора им се излезе во пресрет“, вели Тошковски, кој оценува дека ситуацијата е алармантна, а решение нема. 
 
Заклучно со Законот за патни исправи којшто е важечки, од 13 февруари, патните исправи коишто се со старото име нема да важат. Согласно законот за безбедност во сообраќајот, возачките дозволи коишто се со старото име веќе нема да важат, ниту за внатрешна ниту за надворешна употреба. Македонските граѓани, пак, коишто имаат двојно државјанство, со истите ќе можат да патуваат и да прават влез и излез од земјата.  

Трка за налепници 

Хаосот настана откако стана јасно дека многумина не ќе можат да ги заменат личните карти и пасошите во предвидениот законски рок - 12 февруари. Поради тоа надлежните најавија дека личните карти ќе продолжат да важат за домашна употреба и по 13 јануари, додека за пасошите нема отстапување. Станува збор за меѓународен документ, и само оние коишто поседуваат валиден пасош ќе може да ја напуштат земјата. За оние што се затекнале надвор, со патен лист ќе им биде овозможено да се вратат дома. 

Како што објави македонската амбасада во Берлин, за патниот лист кој се вади без термин треба да се плати такса од 30 евра, а ќе важи 30 дена од денот на издавање и служи само за враќање во државата. При издавањето на патните листови пасошите со старото уставно име „Република Македонија“ не смеат да бидат поништувани. 

Но, уште поголеми главоболки за граѓаните предизвика најавата дека ќе следат казни за возачите кои не ги замениле возачките дозволи. Граѓаните тврдат дека ги регистрирале неодамна возилата, но никој не им кажал дека треба да ја сменат и сообраќајната дозвола. Изминатите месеци се водеше полемика само околу промената на регистарските таблички, што е голем трошок за граѓаните, по што МВР попушти и најави дека ќе биде потребно само да се стави налепница НМК на возилото. Но, да биде маката уште поголема, и до налепници тешко се доаѓа. Граѓаните шетаат од еден до друг центар за технички преглед за да набават налепници. 

налепници НМК
Граѓаните шетаат од еден до друг центар за технички преглед за да набават налепнициФотографија: Petr Stojanovski/DW

Одговорност

Граѓаните се револтирани. Најавуваат тужби, па и граѓански отпор и непослушност односно масовно неплаќање на казни. Прашуваат како е можно да им се дозволи да гласаат со стари лични карти на следните избори, а да не можат да возат низ земјата со старите возачки дозволи?

Се бара и одговорност од МВР, коешто изминативе пет години издавало документи со старото име на државата и не набавило навреме обрасци со новото име. Доколку МВР навреме ги известело граѓаните и им го впишале крајот рок за замена во документите, дел од адвокатите сметаат дека ќе се избегнела сегашната состојба. 

Иако рокот за замена на документите трае од пред пет години, пред помалку од три години државата започна со промена на дел од документите. За тоа било неопходно да бидат донесени повеќе законски измени, набавка на софтвер и смена на обрасците на сите јазици коишто се во употреба во земјата. Во меѓувреме граѓаните ги менуваат истечените документи, но и понатаму им беа издавани документи со старото име со образложение дека нема нови обрасци. Со тоа тие беа принудени да плаќаат дупло за замената на документите.   


Џафери: Не сме решиле што со патните исправи по 12 февруари