1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мали“ измени во Влада - поголеми раздвижувања во парламент

ДТЗ
3 октомври 2022

Иако во сите партии владее молк дали огнот во ДУИ ќе се прелее и во распоредот на силите во парламентот, во јавноста веќе се споменува можноста тројца пратеници да го разнишаат собранискиот брод

https://p.dw.com/p/4Hh3z
Собрание Димитар Ковачевски
„Мали“ измени во владиниот кабинет и поголемо раздвижување во парламентарното мнозинство е на повидок по последните случувања и фракции во ДУИФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

„Мали“ измени во владиниот кабинет и поголемо раздвижување во парламентарното мнозинство е на повидок по последните случувања и фракции во ДУИ. Иако во сите партии владее молк дали огнот во ДУИ ќе се прелее и во распоредот на силите во парламентот, во јавноста веќе се споменува можноста тројца пратеници да го разнишаат собранискиот брод во пресрет на расправата за важните закони за европската иднина на земјата, за кои на власта и е повеќе од потребен секој пратенички глас. 

Оставка и нов избор 

„Во Владата ќе се менува само министерот за локална самоуправа, но нема да има промени на челните места на други министерства“, вели премиерот Димитар Ковачевски. Тврди дека други планови засега нема. „Сметам дека промените ќе бидат многу мали, со оглед на тоа што Владата функционира во полн капацитет и ги извршува своите обврски и ја реализира Програмата така како што е договорено“, рече премиерот кој присуствуваше на првиот академски час на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје.

До малите промени доаѓа по оставката на министерот за локална самоуправа Горан Милевски, од редовите на ЛДП. Ковачевски е задоволен од кадровското решение кое што го предлага ЛДП за нов министер за локална самоуправа. Вели дека Ристо Пенов, според него, е еден од најдобрите градоначалници не само на Скопје, туку воопшто во државата, „којшто зад себе има голем број успешни проекти на коишто и ден денес сите сме сведоци“. 

Во Собранието се уште не е доставена оставката на Милевски и не се знае кога ќе биде изборот на новиот министер Ристо Пенов. Премиерот вели дека изборот ќе се координира со претседателот на Собранието во однос на закажување на седниците, но не кажа кога Владата ќе ја испрати оставката до парламентот. Од Собранието посочуваат дека доколку оставката биде испратена неделава до нив таа би можела да биде констатирана на новата седница што собранискиот спикер, Талат Џафери ја закажа за 17 октомври. Доколку со оставката пристигне и предлог за избор на нов министер, гласањето би можело да се изврши истиот ден на нова седница. 

Кастриот Реџепи
Независниот Кастриот Реџепи најавува дека до крајот на неделава ќе ги изнесе своите ставови за соработката. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Менување на страните 

И додека во Владата засега не се најавуваат поголеми промени, посериозни турбуленции се на повидок во парламентот, каде „виси“ парламентарното мнозинство. Ако се покажат како точни прогнозите дека станува збор за тројца пратеници, парламентарното мнозинство би можело да се истенчи од 64 на 61 пратеник, што ќе биде сериозна главоболка за владејачката коалиција. „Водата ја матат“ новите прегрупирања во ДУИ, предизвикани по гласното незадоволство на т.н „Огнена група“, кон која сега најавуваат дека ќе се приклучат и независни пратеници. 

Собранискиот спикер, Талат Џафери минатата недела тврдеше дека засега парламентарното мнозинство е стабилно и нема никакви најави од страна на пратениците за можни прегрупирања. Но, ваквите сомнежи се подгреаја откако викендов на социјалните мрежи осамна фотографија на независниот пратеник Кастриот Реџепи со „огнените“ од ДУИ - градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети и пратеникот Иџет Меџити, кои бараат оставка од вицепремиер Артан Груби и промени во партијата. Пратеникот на ДУИ, Изет Меџити, во изјава за ТВ 21 најави дека Реџепи ќе се приклучи на пратеничката група на Демократската унија за интеграција во Собранието.

„Една фотографија е еднаква на 1.000 збора. Пораката е јасна. Да, ќе дејствува со пратеничката група на ДУИ“, рекол меѓу другото Меџити. Независниот Кастриот Реџепи најавува дека до крајот на неделава ќе ги изнесе своите ставови за соработката. 

Реџепи стана познат во јавноста откако лани во ноември не се појави во Собранието и им ги помати плановите на опозициските партии во Собрание, каде се гласаше доверба за Владата на СДСМ и ДУИ. Тој влезе во Собранието како дел од движењето Беса, но потоа беше исклучен и продолжи да дејствува како независен пратеник. 

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема