1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одјавна шпица на националните телевизии

22 февруари 2024

Ние, евидентно, имаме проблем со профилот на политичарите. Но, уште поевидентно, имаме далеку поголем проблем со новинарството и медиумите. Пишува Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/4cixI
Новинарите и медиумите сакаат да прашуваат политичари во име на измислената „јавност”, но не сакаат да одговараат на прашања поставени од политичари, гледачи или читатели.
Новинарите и медиумите сакаат да прашуваат политичари во име на измислената „јавност”, но не сакаат да одговараат на прашања поставени од политичари, гледачи или читатели.Фотографија: Daniel Karmann/dpa/picture alliance

По препорака од многу познаници од типот „види што Боби му направи на Оли”, направив исклучок од игнорирање тв-дебати и одгледав (дел) од гостувањето  во Телма на екс-министерот полициски. Навистина, дуелот беше интересен. Но не на начин на кој очекуваа моите познаници, со споделена сласт и страст од черечењето на Спасовски пред тв камерите. Впечатокот, спротивен на очекувањата и скраја крајно негативната појава на Спасовски, беше на штета на новинарот и медиумот, не на гостинот.

Сѐ ќе беше во ред доколку таквата острина на новинарот и на медиумот се демонстрираше додека гостинот сѐ уште ќе беше in officio, наместо да се причека на неговата демисија за демонстрирање на „е сега ќе види!” фронтален напад. Кој иако задоцнето заслужен, беше подеднакво недостоен колку и претходното бесрамно „меко” интервју со новиот в.д. прв полицаец пред новинар и неговите „центаршут” прашања. Во двете интервјуа, нарачаниот фокус беше врз гостите, но темната страна на интервјуата беа самите новинари и медиуми.

Веќе се имаме навиканто како гледачи да ја гледаме таа претстава во која истите медиуми и истите новинари кон новоинсталираните функционери и политичари се однесуваат како до уши заљубени растреперени, разнежени бубуљичави спонзоруша-тинејџерки. За да на крај на нивниот мандат се превртат во раскостени, раскосени, накострешени, наакани, погани Баба Роги без исаф во дерење на живи кожи. Требаше да бидеш маж, мажиште, машко, мачо, манга за да во првата година на Груевски барем се приближиш – камо ли да изустиш – со критична мисла кон „надежниот млад технократ”. Требаше да бидеш уште појунак, фраер и камиказа за деценија подоцна пред истите медиуми и новинари да пробаш  барем да изустиш некоја бласфемија дека „вината не е само на Груевски”. 

Профилот на просечен новинар

Ноќта кога Заев ги покани уредниците, глодурите и новинарите на заедничка вечера, низ Скопје не можеше да купиш сако и машна, ниту да најдеш такси. Сѐ беше распродадено и сѐ беше зафатено од масовната помама во трчање, тепачка, коси кубење, удирање лактови, ставање сопки, парфемирање под мишки за тоа кој од глодурите и новинарите ќе се намести како полнет фазан поблиску до „храбриот реформист од Муртино”. Минаа години, па истите фазани медиумски не можеше да ги натераш да се напијат вода среде олимписката трка, помама во плукање и кошули кинење во откажување од „измамникот од Муртино”. Едно време, новинарските пера не се воздржуваа од плукање по Села како националист и фалење на Таравари како „граѓанче наше”, за потоа си свртат капата и го величат Зијадин како разумен „иако жртва на националистите” и сотрување на Таравари како „огоречен националист”. Уф, што туку да се каже за Али Ахмети и сите валкања и хемиски чистења кои ги поминато низ нашите новинарски ќумури и медиумски садопери? 

Еве и деновиве. Оној Ковачевски изјавил нешто дека „медиумите ќе квицкаат” и пред да трепнеш со очиња, ете ги нежните глодурски, новинарски бардовчани свиткани од страв и ужас дека Таќето им се заканувало. Да се извини! повикуваат глодурите кои во „квицкањето” препознаа закана, наведена неколку сантиметри над објавените плуканици за што ќе им се случи на овие или оние или тие или таквите кои не се дел од нарачаната, претплатената пизма или пофалба.  

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски деновиве ги обвини медиумите дека се ставиле на страна на една политичка партија. „Уште сега се продаваат. И ова морав да го кажам, па утре нека се лутат“, рече тој. 
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски деновиве ги обвини медиумите дека се ставиле на страна на една политичка партија. „Уште сега се продаваат. И ова морав да го кажам, па утре нека се лутат“, рече тој. Фотографија: Government of North Macedonia

Ние, евидентно, имаме проблем со профилот на политичарите. Но, уште поевидентно, имаме далеку поголем проблем со новинарството, медиумството и бардовството кое тивко, нечујно еволуираа од „тука сме, убијте не” до новата неказнива, корумпирана фаза на „тука сме, сериски ќе ве утепуваме”. Како што профилот на просечен политичар во земјата стануваше со посвесен за силата на неизмерениот збор, така профилот на просечен новинар дегенерираше во пијанство на неказнива подлост, корумпираност, рекет и проституција. Што не доведе до оваа состојба во која повеќе разум ќе најдете дури и во најзабеганиот политичар отколку кај суријата самоназначени новинарски „пазачи и војаери” со дурбини чекајќи на „аха, така ли рече, сега ќе му ...”

Новинарите и медиумите сакаат да прашуваат политичари во име на измислената „јавност”, но не сакаат да одговараат на прашања поставени од политичари, гледачи или читатели. Доколку се обидете, на врат ќе ви се качат ЗНМ, МАН, онаа федерација, ова здружение, онаа фела, оваа беља. Иако, во основа, вината на медиумите и новинарите за оваа состојба не е баш толку помала од политичарите и функционерите. Бидејќи оној кој на почетокот на воздигнувањето на некој политичар чини сѐ да се спречи неговото соочување со непријатни прашања, ја сноси истата одговорност во часот кога тој ист политичар е во надолна фаза на пад од височините. Поради редица недостојности благодарение на однапред загарантираната, некритичка доверба овозможена од корумпираното новинарство. 

Отворена рана на општеството

Нашите медиуми, мејнстримски, не сакаат да бидат распрашувани зошто се случува овој егзодус на новинари, ова бегство од мејнстримот кон подкастите. Зошто „слабиот интерес” на гледачите на Телма, Канал5, Сител, МТВ, Клан, 21Тв е париран со растечкиот интерес за независни продукции? Зошто некоја таму ИРЛ произведува сопствено истражувачко новинарство со неколку емисии годишно колку што сите славни ТВ куќи не смеат ни да помислат во нивните јубиларни, повеќедецениско глумење „во служба на граѓаните”? Обидете се, но нема да најдете глодур кој ќе ви објасни какво е тоа новинарство сведено на репетитивно, банално „добра вечер, во денешната дебата” и редовните „што велите вие за ова, а што ќе кажете вие за тоа, имате ли став за кажаното, а ти што мислиш”. И сето проследено - за да не се удавиме во здодевноста - со драматично тресење на глави, психоделичен ентериер и дарио-арџенто гримасење на водителот.

Профилот на просечен новинар во Македонија дегенерираше
Профилот на просечен новинар во Македонија дегенерирашеФотографија: Fotolia/THPStock

Процесот на отуѓување на политиката од општеството е одамна констатиран феномен. За разлика од паралелниот процес на отуѓување на медиумите и новинарите, особено оние со телевизиите со национални фреквенции. Доколку некогаш телевизиите не потресуваа за тешките судбини на сиромавите, денеска отуѓувањето резултира во наметнување на потресување за клетите судбини на Сашо, на Пуцко, на Орце, на Кочо и кој друг олигархијски светец-хранител на директорот, глодурот или новинарот од платниот список. Причински последично, додека медиумите не убедуваат дека оној или овој олигархиски измамник е „неправедно изложен на шиканирање”, гледачите низ кафулиња си коментираат „аха, значи треснала кешарица на сметка на овој или оној од таа телевизија”. 

Доколу појавите на „инстант весници” во времето на Груевски беше најава за крахот на печатот, сегашниот подем на подкасти е најава за неминовниот крах на мејнстрим телевизијата. Која започна со срамната и мизерна епизода наречена 1ТВ. И тогаш и сега популарната мантра е дека „власта или политиката” се причината за дебаклот. Нонсенс. Вината е во неатрактивноста, блуткавоста, примитивноста на самите медиуми чиј интелект тоне во очите на гледачите. Телевизиите веќе не нудат престиж на квалитет, на содржајност, на квалитет и веродостојност, ниту пак тоа можат да го затскријат зад „уредувачки политики и редакции”. Подкастите се пример за тоа, како индивидуален предизвик за популарноста карши псевдо-институционалноста на телевизијското, демек сериозно уредништво. Прераснати во обични инструменти на смислено вбризгување вештачки (не)популарности, измислени или предимензионирани наративи, гнојна омраза или лигава љубов, телевизиите – а не политичките партии – се најголемите отворени, загноени, за око и нос непријатни рани на политичкото општество. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач