1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Украина купени, на Украина донирани

30 март 2023

Хеликоптерите „ми-24“, кои повеќе од 8 години не се во функција, ќе „полетаат“ кон Киев со одлука на македонската влада да ги донира на украинското Министерство за одбрана.

https://p.dw.com/p/4PTox
Hubschrauber Mil Mi-24D
Фотографија: Grzegorz Polak

Македонија ги набави во 2001 година од Украина, а 22 години подоцна истите ќе се вратат во Украина како донација од Македонија.Хеликоптерите „ми-24“, кои овде повеќе години не се во функција, кон Киев ќе „полетаат“ врз основа на одлуката што синоќа ја усвои македонската влада, за донација на воздухоплови (хеликоптери) на Министерството за одбрана на Украина.

Во соопштението од Владата не се посочува бројката на донирани воздухоплови, но извесно е дека станува збор за 12 хеликоптери од руско производство, кои во РСМ повеќе не се во употреба. Произведени се пред речиси четири децении (1984 г.), а поради истечени ресурси, најголем дел од нив не се користат уште од 2015 година. Кажано со речникот на одбраната - „согласно со Стратешкиот одбранбен преглед, не се предвидени во формацијата на Армијата“.

Се смета дека истите Украина може брзо да ги стави во функција за потребите на украинската армија и одбраната на земјата, бидејќи нејзините пилоти се добро обучени за тој вид на руски летала.

Ова не е прва донација за Украина. Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, неодамна изјави дека донациите се состојат и во пешадиско вооружување и муниција, артилериска опрема, тенкови, воздухоплови, средства и опрема за водење противоклопна борба, опрема за противвоздушна одбрана, опрема и муниција на военото воздухопловство и интендантски средства.

Во план 8 нови хеликоптери

Според безбедносни експерти, добро што се донира, но капацитетот што се губи со соодветната донацијата мора да биде брзо и соодветно заменет. А според министерката за одбрана, со донираната опрема не се нарушува борбената готовност.

„Таа не претставува дел од формацијата на Армијата, односно не придонесува за гарантирање за борбената готовност на нашата Армија. Односно, со донираната опрема не се нарушува борбената готовност на нашата Армија. Тоа е она што е важно при носењето на секоја таква одлука“, истакна Петровска.

Во моментов течат процеси за опремување и за модернизација на Армијата, за што е предвидена една третина (33%) или 88,7 милиони евра од вкупниот буџет за одбраната за 2023 година. Покрај набавка на оклопни транспортери и други специјализирани возила, системи за противвоздушна одбрана и опрема за сајбер-одбрана, во план е и набавка на нови хеликоптери. Во завршна фаза е деталната евалуација на пет пристигнати понуди за набавка на хеликоптери и анализа - дали тие се во согласност со домашните барања и потреби. Не станува збор за еднократна, туку за повеќегодишна набавка, на 8 повеќенаменски хеликоптери.

Македонија планира набавка на 8 повеќенаменски хеликоптери
Македонија планира набавка на 8 повеќенаменски хеликоптериФотографија: Verteidigungsministerium Mazedonien

Минатата недела Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги повика земјите-членки да го забрзаат зголемувањето на трошоците за одбрана, бидејќи новите бројки покажуваат дека помалку од една четвртина од нив ја исполнуваат целта на Алијансата. Уште на самитот во Велс во 2014 година, членките на НАТО се согласија со насоките да се движат кон трошење на најмалку 2 отсто од нивниот БДП за одбрана, во рок од една деценија.

Според извештајот на Столтенберг, во 2022 година само седум од 30-те земји членки на НАТО ја исполниле целта да потрошат 2 отсто од нивниот БДП за одбрана. РСМ со издвојување 1,85% од БДП за одбрана, е блиску до проектираните 2%, или за споредба, многу поблиску од Белгија, Шпанија и Луксембург, кои за одбрана издвојувале под 1,2% од нивниот БДП.

Зголемување на расходите за одбраната најверојатно ќе биде нова цел за која лидерите на НАТО ќе разговараат на јулскиот самит во Вилнус, Литванија.

Новата четворка

Руската агресија во Украина не го зголеми само бројот на земји кои и` даваат помош на Украина, туку и ги збива редовите околу Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) на ЕУ.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заедно со министерката за надворешни работи на Албанија, Ољта Џачка, заменик-министерот за надворешни работи и дијаспора на Косово, Крешник Ахмети и советникот за надворешна политика на премиерот на Црна Гора, Ѓорѓе Радуловиќ, вчера во Скопје лансираше нова платформа „Западен Балкан КВАД - 100% усогласеност со надворешната политика на ЕУ“.

„По агресијата на Руската Федерација врз Украина, усогласувањето со ЗНБП, но уште пошироко со позициите и вредностите на демократскиот свет, се претвори во еден од најважните приоритети на земјите аспиранти за членство во ЕУ, но и како јасна порака каде овие земји припаѓаат“, порача Османи по вчерашното воспоставување на неформалниот форум QUAD/КВАД.

Беше потенцирано дека секоја од четирите земји поединечно, се покажала како доверлив партнер на НАТО и ЕУ, со усогласување со режимот на санкции на ЕУ и САД, но и преку конкретна хуманитарна и друга техничка помош за Украина.

Веста за новата платформа на оваа западно балканска четворка, предизвика интерес во регионот, но и бројни коментари околу мотивите.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи