1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Нови обвиненија против Трамп

Кристијан Валц
9 јуни 2023

Специјален иследник со месеци истражува како поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, постапувал со тајни документи. Сега е веројатно собран доволно инкриминирачки материјал.

https://p.dw.com/p/4SMU4
Доналд Трамп
Против Доналд Трамп има повеќе обвиненијаФотографија: Charlie Neibergall/AP/picture alliance

Доналд Трамп, според неговите сопствени изјави, повторно е обвинет од американското правосудство. Неговите адвокати биле информирани за процес, кој очигледно има врска со аферата со тајни документи, објасни Трамп на својата онлајн платформа „Truth Social". Тој наведува дека има покана од судот во Мајами за следниот вторник. „Никогаш не би поверувал дека вакво нешто може да му се случи на поранешен претседател на САД“, напиша Трамп. Тој додава: „ЈАС СУМ НЕВИН ЧОВЕК!“, и оценува дека е тоа „црн ден“ за САД.

Приватен имот наместо национален архив

Во август минатата година, федералната полиција ФБИ во текот на рација во приватниот дом на Трамп, Мар-а-Лаго, во сојузната држава Флорида, заплени околу 11.000 документи, вклучително и многу со ниво на тајност. Трамп ги однел документите од Белата куќа во Мар-а-Лаго на крајот на својот мандат, во јануари 2021 година.

Според прописите, американските претседатели мора да ги предадат официјалните документи на Националниот архив. Покрај тоа, постојат строги правни правила за постапување со тајни документи, вклучувајќи го и законот за шпионажа. Во ноември 2022 година, министерот за правда Мерик Гарланд го назначи Џек Смит за специјален иследник кој треба да ја истражи аферата. Смит истражува и кривична одговорност наДоналд Трамп во врска со упадот во Капитол на 6 јануари 2021 година.

„Мешање во изборите на највисоко ниво“

Трамп ги опиша дејствијата на американското правосудство како „мешање во изборите на највисоко ниво“. Во видео, тој уште еднаш го обвини својот наследник Џо Бајден и неговите демократи дека воделе политички мотивиран лов на вештерки против него. „Тие се обидуваат да ни го уништат угледот“, тврди Трамп.

Републиканецот Трамп сака повторно да се всели во Белата куќа по претседателските избори во 2024 година. Седумдесет и шестгодишникот официјално ја објави својата кандидатура во ноември. Засега тој води во анкетите меѓу симпатизерите на Републиканската партија.

Против Трамп во тек се и други истраги. Последно, сите очи беа вперени кон случај во Њујорк, кој доведе до прво кривично обвинение за поранешен претседател во историјата на САД. Стануваше збор за исплати на порно ѕвезда во замена за нејзин молк пред претседателските избори во 2016 година. Трамп и во овој случај се изјасни како „невин“.