1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Мијалков на чекор да се спаси од одговорност за „Титаник 2“

ДТЗ
30 март 2023

Делото за кое е првостепено осуден ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков за изборни нерегуларности застарува на 7 април. Министерот за правда, Кренар Лога, вели дека ваквите случаи ја поткопуваат довербата во системот

https://p.dw.com/p/4PV4i
Сашо Мијалков
Мијалков на чекор да се спаси од одговорност за „Титаник 2“Фотографија: P.Stojanovski/DW

Поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков е  на чекор да се спаси од судскиот процес за изборните нерегуларности, откако  Апелациониот суд во Скопје денеска го одложи рочиштето за случајот „Титаник 2“ за 13 април. Но, само неколку дена претходно, на 7 април застарува делото за коешто Мијалков се гони - примање награда за противзаконито влијание. Со тоа пропаднаа во вода шансите за второстепениот суд да донесе одлука пред да застари делото.

Министерот за правда, Кренар Лога, по ваквиот развој на настаните, ги повика сите институции итно да преземат мерки за брзи реформи. Преку писмена реакција тој вели дека откако стапил на функцијата, на 14 март испратил допис до Судскиот и до Советот на јавни обвинители, но и до Јавното обвинителство во кое побарал поефикасно и навремено преземање мерки за да се спречи застарување на дела и слични ситуации преку одложување на судските процеси.

„Жалам што се дозволи да застари уште еден предмет, ’Титаник 2‘ и тоа за ист обвинет. И покрај мојата заложба да не се мешам во независноста на судската власт, принуден сум да реагирам, да ги повикам сите институции и организации итно да преземат мерки за брзи реформи“, вели Лога. Ваквите случаи, според него, не му одат во прилог на развојот на општеството туку напротив, со штетата која ќе ја предизвикаат уште повеќе ќе ја поткопаат довербата на граѓаните во целиот систем.

Кренар Лога
Ваквите случаи не му одат во прилог на развојот на општеството туку напротив, со штетата која ќе ја предизвикаат уште повеќе ќе ја поткопаат довербата на граѓаните во целиот систем, вели Кренар ЛогаФотографија: Reg. Nordmazedonien

Зошто се одложи седницата?

Причина за одложувањето на јавната седница на Апелациониот суд беше отсуството на четворицата обвинети меѓу кои Мендух Тачи, Влатко Сајковски, Анета Стефанова и Сашо Срцев, кои не биле уредно поканети. Судијата Ѓоко Ристов, рече дека нема докази дека обвинетите прифатиле редовна покана за седницата. На денешната седница во Апелацискиот суд за жалбите по првостепената пресуда за повторената постапка за случајот „Титаник 2“, присутни беа само Сашо Мијалков и Бедредин Ибраими. Поранешниот член на ДИК, Ибраими, рече дека не добил покана, но слушнал за седницата и одлучил да присуствува на неа. 

Без епилог

Судскиот процес речиси пет години никако да добие епилог. Судењето започна во април 2018 година. Кривичниот суд во Скопје на 8 март 2019 година на обвинетите во случајот „Титаник 2“ им изрече вкупно 19 години и осум месеци казна затвор, но Апелациониот суд Скопје во ноември 2019 година, поради суштествени повреди на постапката, ја укина првостепената пресуда и случајот го врати на повторно одлучување. 

На 23 јануари годинава, Основниот кривичен суд ги прогласи за виновни и им изрече вкупна казна од 12 години затвор на обвинетите во повторената постапка за случајот „Титаник 2“  за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година во Општина Струмица.

Сашо Мијалков
Судските одлуки за Мијалков изминативе месеци ја брануваат јавноста.Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Мијалков за „примање награда за противзаконито влијание“, беше осуден на казна затвор од две години, во која се пресметува и времето поминато во притвор. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи за „повреда на избирачко право“ судот го осуди на казна затвор од две години. На поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, судот за „повреда на избирачко право“ им изрече казна затвор од по две години.

Судските одлуки за Мијалков изминативе месеци ја брануваат јавноста. Апелацискиот суд на 16 декември 2022 година информираше дека е донесено решение за укинување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ и негово враќање на повторно постапување пред Основниот кривичен суд, што предизвика жестоки реакции.  Образложението на Апелацискиот суд  за одлуката беше дека „првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка“. Апелациониот суд потоа ја укина и пресудата за „Трезор“ за набавката на британска опрема за следење на комуникации, каде што Мијалков првостепено беше осуден на осум години затвор, по што почна ново судење. Пред една недела Апелациониот суд донесе пресуда и за „Плацеви на Водно“, со која Сашо Мијалков беше ослободен и доби условна казна. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема