1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ескалира судирот меѓу двете крила во Алијанса за Албанците

ДТЗ
5 февруари 2024

Полицијата истражува два инциденти - куршумот пред вратата на Арбен Таравари и нападот на Дритон Небиу. Додека Алијанса за Албанците се дели на два табора, се нижат апели да се смират тензиите.

https://p.dw.com/p/4c3Df
Зијадин Села и Арбен Таравари
Додека Алијанса за Албанците се дели на два табора, се нижат апели да се смират тензиитеФотографија: DW/P. Stojanovski

Ескалира судирот меѓу двете крила во Алијанса за Албанците - едното коешто бара приклучување кон албанската опозиција предводено од Арбен Таравари, и другото коешто смета дека партијата треба да оди самостојно на избори, а зад кое цврсто застана Зијадин Села и неговите приврзаници. 

„Куршум пред вратата на Таравари - закани за Небиу“ 

Градоначалникот на Гостивар и претседател на политичката партија Алијанса за Албанците, Арбен Таравари во понеделникот (05.02) алармираше дека неиспукан куршум бил оставен пред вратата на домот во кој живее. Случајот е пријавен во полиција. Куршумот го пронашол Таравари кога утрото околу 8 часот тргнал за на работа. 

Ваквиот развој на настаните следи откако директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу, во СВР Тетово пријавил физички напад кој се случил во угостителски објект каде отишол заедно со членови на партијата Алијанса за Албанците по завршување на партиската прес-конференција во неделата. СВР Тетово потврди дека е пријавен случајот во неделата во 19:40 часот и најави дека се работи на негово расчистување.

„По завршување на партиските активности заминавме во угостителскиот објект Седра да вечераме заедно со сопартијците. Во еден момент едно лице кое не го познавав дојде до масата и ме нападна и со зборовите што ни ги кажа ми се закани по животот, ми рече кој си ти да се занимаваш со ВМРО? Потоа добив информација дека се вика Кренар Османи. Верувам во институциите дека ќе преземат мерки“, изјави Небиу по пријавувањето на инцидентот.

„Можеш да ме убиеш, но не и да ме исплашиш“, порача подоцна тој на социјалните мрежи. 

Осуда на нападот 

Алијанса за Албанците најостро го осуди физичкиот напад врз Дритон Небиу. „Ги повикуваме органите на прогонот да го расветлат и случајот да добие соодветен правен заклучок. Ваквите настани се неподносливи и имаат за цел оцрнување на единствениот политички субјект што се познава за традицијата на демократските и институционалните вредности“, порачаа од партијата. Тие апелираа до „достојните членови на Алијансата за Албанците“ да се воздржат во овие одлучувачки денови и да не подлегнат на луѓе кои сакаат да им наштетат.

Членови на партијата се обидуваат да ги смират тензиите. Министерот за правда Кренат Лога, кој е генерален секретар на Алијанса за Албанците, порача дека насилството не е решение. „Денес можеме да имаме недоразбирања и несогласувања но воопшто не треба да се одалечиме еден од друг, од нашата заедничка куќа. Додека сите заедно се трудиме да го изнајдеме правиот и вистинскиот пат, повикуваме на самоконтрола и смиреност. Сме поминале многу настани заедно, како радосни така и тажни. Заради тоа апелираме и да ни се разделат нашите патишта, ова да го направиме како цивилизирани и семејни луѓе“, вели Лога.

Реагираше и претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој при посетата на градинката „Пролет“, порача дека МВР треба да интервенира и да ги расветли инцидентите. На новинарско прашање дали по турбуленциите во Алијанса за Албанците викендов, смета дека оваа партија е поблиску или подалеку од Европскиот фронт, Ковачевски одговори дека секоја политичка партија одлучува во рамки на своите органи за тоа како ќе се постави во политичкиот простор. Според него, останува на Алијанса за Албанците да одлучи дали ќе е за ЕУ или за „некакви недефинирани алтернативи“. 

Два табори 

Се започна по прес-конференцијата во Тетово на поранешниот лидер и актуелен претседателот на Централното собрание на Алијанса за Албанците, Зијадин Села кој објави дека е против одлуката на партискиот претседател Арбен Таравари АА да се приклучи на албанскиот опозициски фронт на претстојните избори.

Села смета дека партијата треба да оди самостојно на избори, а конечната одлука да ја донесат партиските тела. Тој најави дека ќе свика седница на Централното собрание за в сабота (10.02) на која ќе се бара одговорност за претседателот на партијата Арбен Таравари за непочитување на партискиот статут. 

Со овој повик партијата буквално се подели на два табора. Небиу ја поддржа иницијативата на Зијадин Села, контра повикот на Таравари да се оди на парламентарните избори во коалиција со албанскиот опозициски блок. 

По средбата на лидерите на опозицискиот албански блок - Европскиот сојуз за промени, Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши, како и претседателот на АА, Арбен Таравари со премиерот на Косово, Албин Куртикоја што се одржа неодамна во Приштина, името на Таравари се најде во вителот на партиски комбинаторики за претседател на државата. Иако тој ваквата можност ја отфрли во изјава за агенцијата МИА, сепак, преку социјалните мрежи деновиве порача дека „граѓанинот бара промена“, а „народот бара политички систем ослободен од корупциската епидемија, која стана најголема пречка за благосостојбата и развојот на Албанците во Северна Македонија“.