1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога ќе стивнат заканите со бомби?

ДТЗ
30 март 2023

Аналитичарот Владимир Пивоваров проценува дека заканите со бомби ќе траат уште долго. Министерот Оливер Спасовски најавува дека влегле во трага на кластер заканувачи кои веќе се повикуваат во полиција

https://p.dw.com/p/4PQS0
закани со бомби училишта Скопје
Кога ќе стивнат заканите со бомби?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Пет месеци лажните закани со бомби внесуваат немир во регионот и во Северна Македонија. Од претпоставки за хибридна војна, странски сили, тинејџери кои сакаат да избегаат од часови, па се до кластер на заканувачи на кои полицијата им влегла во траг. Ова се само дел од сценаријата коишто беа рагледувани од страна на институциите. Граѓаните ги мачи дилемата кога ќе стивнат заканите со бомби. 

„Ќе траат уште долго, не само кај нас, туку и во другите земји во регионот и светот. Ќе се смени само методологијата. Но, мора да сме психички подготвени за тоа, да се преземат мерки за учениците да не губат настава, но и да се намали тензијата кај родителите и граѓаните. Затоа е важно да се утврди изворот од каде доаѓаат овие закани“, вели за ДВ, Владимир Пивоваров, експерт и поранешен шеф на военото разузнавање. 

Кој се крие зад заканите? 

Заканите започнаа на 26 октомври 2022 година. Мета беа пред се училиштата, каде речиси секојдневно пристигнуваа дојави за поставени бомби. Тензијата започна во Скопје, но набргу се прошири и во останатите градови. Алармот се вклучи и во државните институции, аеродромот, железничката станица, трговските центри, медиумите кои исто така се најдоа на мета на лажните дојави.

Пивоваров вели дека заканите со лажни бомби започнаа во периодот кога шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пристигна во Северна Македонија на крајот на октомври минатата година, што укажува дека зад овие обиди за заплашување се крие некоја заднинска намера.

Во јавноста се вртеа бројни претпоставки кој стои зад нив - се појавија тези за хибридна војна, моќни центри однадвор, беа лоцирани и неколкумина средношколци, а последната најава на полицијата е дека преку опсежни истраги  е откриен кластер на лица кои учествувале во лажните дојави за бомби. 

„Веќе се повикуваат на разговори во полициски станици, одземени се нивни телефони и продолжуваме кон обезбедување на сите докази“, рече Спасовски во гостување на утринската програма на националната телевизија. Тој е дециден дека со преземање на низа активности во рамките на институциите не дозволиле ни во еден момент да се наруши безбедноста на институциите. 

Оливер Спасовски
Лоциран е кластер на лица кои учествувале во лажните дојави за бомби, вели министерот Оливер Спасовски. Фотографија: Regierung Nordmazedoniens

Пивоваров анализира дека изворот на заканите е перманентен и доаѓа од различни страни и ИП адреси. „Секој нов напад се случува од нови адреси“, вели тој. Токму тоа и ја забавува истрагата. Со ваквите напади, нашиот соговорник вели дека тешко се справуваат и многу поразвиените земји во Европа. Проблемот е уште покомплексен бидејќи на факторите од надвор, често се „прилепуваат“ и внатрешни фактори, кои на овој начин се обидуваат да остварат некоја своја цел.

„Во пракса јас не сум сретнал досега дека вистински експлодирала некоја бомба за која што претходно имало дојава“, вели Пивоваров, кој смета дека целта на ваквите групи е да предизвикаат страв, тензија и немир во општеството. 

Но, ваквите активности нанесуваат голема штета на земјата, исцрпување на ресурсите на полицијата и нејзино дефокусирање од други важни прашања, а не се за занемарување и финансиските реперкусии коишто се огромни.  

Штетите се огромни 

Само за три месеци беа регистрирани над 100 дојави, кои сите се покажаа како лажни. „Од октомври до март, поради дојави за бомби биле проверени 862 локации во Скопје, ангажирани над две и пол илјади полициски службеници и потрошени над 5 милиони денари“, изјави неодамна во интервју за ДВ, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.  

Анализите во сите земји кои се жртви на хибридни закани укажуваат дека станува збор за организиран чин, кој е комбинација од домашни и странски актери во меѓусебна координација, или создаден од домашни актери кои користат странски канали и алатки како помош, чија цел е да се создаде паника, хаос, недоверба во системот и нефункционалност на секојдневниот живот. 

дојави за бомби
Од октомври до март, поради дојави за бомби биле проверени 862 локации во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Станува збор за различни мотиви од страна на „испраќачите“. Анализата на регионалните збиднувања говори за геостратешки и политички мотиви, преку организиран модел, иако постојат и т.н. „имитатори“ чии мотиви не се политички, туку тоа го прават поради лични интереси. Полицијата досега поднесе неколку кривични пријави - на 5, 23 и 28 декември 2022 против двајца малолетници од Скопје и Кавадарци, но и за 63-годишник од Тетово. Спасовски вели дека последната кривична пријава во врска со овие лажни пријави е поднесена на 22 март 2023 година, против еден малолетник, како и тоа дека навлезено е во една група лица коишто учествувале во испраќањето на лажните пријави.

За направените проверки вкупно биле ангажирани над 2.500 полициски службеници и инспектори, за што од буџетот на МВР е реализирана исплата на над пет милиони денари.

Во справувањето со сајбер заканите, експерти во Оперативниот тим за сајбер безбедност и хибридни закани имаат помош и поддршка од меѓународните партнери во долгорочното градење на отпорност. Заканите во регионот започнаа по почетокот на војната во Украина, најпрво во Србија, па во Црна Гора, Хрватска и БиХ. Лажни дојави за бомби има и во Албанија, Бугарија и во други европски земји.