1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со безбедносни сертификати до договорот со „Бехтел и Енка“

ДТЗ
19 април 2023

Превирањата околу изградбата на коридорите 8 и 10д не стивнуваат. Деветмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои поседуваат безбедносни сертификати, бараат да им биде доставен договорот.

https://p.dw.com/p/4QIFf
договор Бехтел и Енка коридори
Ќе го отворат ли безбедносните сертификати патот до „тајниот“ договор со „Бехтел и Енка“?Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Превирањата околу изградбата на коридорите 8 и 10д не стивнуваат. Додека Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) на оглас бара работници за спроведување на проектот за изградба на четирите автопати на коридорите 8 и 10-д кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, деветмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои поседуваат безбедносни сертификати упатија писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски да им го достави договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10д. 

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиумите рече дека тие како претставници на граѓаните бараат во најкус можен рок да им биде доставен договорот врз основа на чл. 68 од Уставот (Собранието врши контрола над Владата), членот 122 од Деловникот на Собранието и Законот за класифицирани информации, кој е заснован на принципот „потребно е да се знае“, кој ја утврдува потребата за пристап до класифицирани информации заради извршување на функцијата. Ваквото барање е упатено откако Ковачевски информираше дека договорот има одреден степен на доверливост. 

Штетни клаузули

„Во договорот има штетни клаузули коишто прават буџетски штети, а се во корист на приватната фирма, особено по лиферувањето на делови од овој договор дека Владата се обврзала да ја продолжи работната недела од 40 на 60 работни часа, што е спротивно на Законот за работни односи и е спротивно на одлуката на Уставниот суд која што би требало да е конечна. Ваквото продолжување во самиот законодавен дом би значело прекршување на одлуката на Уставниот суд, што е кривично дело“, вели Милошоски. 

Кога станува збор за буџетските трошења, тој смета дека договорот треба да биде јавно достапен за јавноста и таа да биде сигурна дека овој проект е од јавен интерес, а не од интерес на поединци, кои би имале одреден процент или провизија. 

„Не сакаме во Собранието да играме мачка во вреќа, односно да гласаат за измена на закони кои се однесуваат на Договорот, а Договорот да се држи во тајност“, рече пратеникот Милошоски, додавајќи дека за измена на осум закони потребно е пратениците да го знаат самиот договор. 

Димитар Ковачевски
Деветмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои поседуваат безбедносни сертификати, бараат од премиерот да им биде доставен договорот Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Договор на 400 страници

Со изведувачот „Бехтел и Енка“ е потпишан Договор на 400 страници, во кој се дефинирани сите обврски на двете страни,  вели премиерот Димитар Ковачевски. „Одговорноста е на страните да изградат автопат - четири делници, 110 километри, најголема инвестиција во историјата на државата, поголема инвестиција не сме имале“, рече премиерот.

Договорот со „Бехтел и Енка“, според него, не се објавува, бидејќи како комерцијален договор, содржи делови со назнака на доверливост, кои компанијата сака да ги заштити од конкуренцијата. Во однос на полемиката за работните часови на работниците кои ќе бидат ангажирани на коридорите, Ковачевски вели дека согласно сегашните законски решенија во земјата, и во моментов може да се работи повеќе од 40 часа, односно 50 часа.

Според договорот, 51 отсто од работите треба да ги изведат македонски подизведувачи, а другиот дел се странски. Ковачевски е дециден дека коридорите ќе почнат да се градат и ќе бидат изградени.

За таа цел во Собранието се предлог измени на осум закони со кои треба да се забрза изградбата на стратешкиот проект. Собраниската Комисија за економски прашања денеска ја продолжи работата по измените на Законот за минерални суровини, по скратена постапка, еден од осумте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д. Во име на предлагачите на законот пратеничката Рина Ајдари го отфрли првиот амандман на ВМРО-ДПМНЕ, со којшто се бараше бришење на членот 10, односно да остане постојното законско решение за издавање дозволи за ископување.