1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
НаукаГлобално

Како вештачката интелигенција ќе го промени работењето?

Ралф Келбел | АРД
18 мај 2023

Вештачката интелигенција (ВИ) го менува светот. Таа за кратко време пишува реферати, текстови за реклами или генерира компјутерски кодови. Многумина стравуваат дека ВИ може да им ја преземе работата. Дали е тоа реално?

https://p.dw.com/p/4Qn9i
Хуманоиден робот
Хуманоиден робот Фотографија: AA/picture alliance

Вештачката интелигенција бележи голем напредок во последниве години. ЧетГПТ (ChatGPT) и другите апликации можат за неколку секунди да завршат задачи  што ние со нашата ефикасност веројатно не би можеле да ги направиме за толку кратко време. Дали многу работни места ќе бидат укинати во иднина затоа што машините можат побрзо да ја завршат работата? Дали сè уште ни се потребни адвокати, даночни службеници, новинари, автомеханичари или месари?

ВИ може да олесни многу работни процеси

Во интервју за радио телевизија СВР, економистот Јенс Зидекум не гледа опасност од евентуална масовна невработеност поради натамошното ширење на вештачката интелигенција. Дефинитивно ќе има промени, бидејќи вештачката интелигенција може да се користи нашироко. Некои професии всушност се карактеризираат со активности кои лесно можат да се заменат со технологии. Според Зидекум, во ваквите активности се вбројуваат „рутински административни активности, како што се пополнување датотеки на Ексел, но и пишување стандардни текстови кои сѐ повеќе се повторуваат, како и истражување и собирање информации." Сето ова се работи што вештачката интелигенција на крајот би можела да ги направи поефикасно. Но, додава Зидекум, тоа не значи дека луѓето кои сега ги извршуваат овие задачи ќе останат без работа, туку во иднина вработените ќе бидат ослободени од заморните задачи и ќе имаат повеќе време за активности кои ги прават луѓето незаменливи.

Вештачка интелигенција
Некои професии се карактеризираат со активности кои лесно можат да се заменат со технологииФотографија: CLEMENT MAHOUDEAU/AFP/Getty Images

Индекс на ризик за одредени професионални групи

Тим на истражувачи од Швајцарија, предводени од експертот за вештачка интелигенција Дарио Флореано, истражува кои професии се особено изложени на ризик од вештачката интелигенција. Машините веќе поседуваат рачна умешност и физичка сила - но изненадувачки тие се и свесни за проблеми, бидејќи препознаваат кога нешто не оди според планот.

Она што им недостига на машините е оригиналност, координација или способност за решавање проблеми. Врз основа на ваквото сознание, истражувачите пресметале индекс на ризик за автоматизација за секое занимање.

Најзагрозена е месарската професија

Професијата месар има индекс на ризик за автоматизација од 78 проценти. Тоа значи дека роботите веќе имаат 78 отсто од потребните вештини за месар.

На другиот крај од спектарот се физичарите. Нивниот индекс на ризик е 43 проценти. Значи, денес машините веќе располагаат со речиси половина од вештините што мора да се имаат за да се извршува веројатно најбезбедната професија.

месар кланица
Професијата месар има индекс на ризик за автоматизација од 78 процентиФотографија: Imago Images/Westend61

Инженерите, хирурзите и пилотите се релативно безбедни

Според индексот на ризик, работните места на инженерите, пилотите, контролорите на летање и повеќето медицински професии се безбедни. Исклучок се специјалистите по радиологија. Тие се веќе во средината, бидејќи вештачката интелигенција може да заврши дел од работата во дијагностиката. Сепак, тука станува очигледна слабоста на студијата: базата на податоци наведува 18 неопходни вештини за општите лекари - меѓу нив не е емпатијата. Истражувачот Рафаел Лаливе за СВР вели дека тие се концентрирале на основните физички и ментални вештини. Со тоа не ја доловиле целосната реалност на професијата, но сепак многу голем дел од неа.

Моделите би можеле да се соочат со проблеми

Во долната средина на табелата се шанкерите и работниците за лична нега. Уште понесигурни се работите на касиерите, мијачите на садови, таксистите или моделите, кои во меѓувреме веќе можат да се заменат со виртуелни фигури (аватари).

Вештачка интелигенција
Дигитални модели се иднината?Фотографија: Courtesy of Balmain

Од друга страна, истражувачите од старт-ап компанијата ОпенАИ (програмерите на ЧетГПТ) на Универзитетот во Пенсилванија, делумно доаѓаат до различни прогнози од истражувачите од Швајцарија. Според нивната студија, луѓето од следните професии треба да бидат подготвени за фактот дека вештачката интелигенција може да преземе барем некои од нивните досегашни задачи: програмери, математичари, сметководители, толкувачи, писатели, новинари.

Вештачката интелигенција дава и погрешни податоци

Иако системите за вештачка интелигенција моментално во своите одговори „халуцинираат“ односно даваат и неточни податоци, тие веќе бележат извонредни резултати во задачи како што се превод, класификација, креативно пишување и генерирање на компјутерски кодови. Но, токму на полето на новинарството, не треба сите активности да се препуштат целосно на вештачката интелигенција, бидејќи таа нема способност да проценува информации и податоци.

Американските истражувачи претпоставуваат дека повеќето работни места на некој начин ќе бидат променети со говорни модели на вештачката интелигенција. Околу 80 отсто од работниците во САД се на работни места каде што барем една задача може побрзо да се заврши со генеративна вештачка интелигенција. Но, има и професии во кои вештачката интелигенција ќе има само подредена улога. Тука се вбројуваат, на пример, готвачи, автомеханичари и работни места во шумарството и земјоделството.

Вештачка интелигенција
Системите за вештачка интелигенција моментално во своите одговори „халуцинираат“ односно даваат и неточни податоциФотографија: JOSEP LAGO/AFP/Getty Images

ВИ ослободува од секојдневните задачи

Според Зидекум, дури и адвокатите спаѓаат во групата на загрозени професии, бидејќи некои од овие активности во принцип можат да се автоматизираат. „Дали тоа сега значи дека сите адвокати ќе станат невработени? Не, веројатно не. Но, тоа значи дека професијата веројатно би можела малку да се промени во иднина“, вели економистот Зидекум. Според него, ако адвокатите сакаат паметно да ги искористат новите технолошки можности, тие би можеле да се концентрираат на навистина креативни работи и работа со клиенти. Така на крајот може да се добие многу подобар производ. Истото важи и за другите професии.

Многу професии ќе се променат

Економистот истакнува дека една професија обично се состои од цел пакет задачи. Некои од нив се лесно заменливи, други не се. Ако технологијата преземе дел од задачите на професијата, луѓето можат да се фокусираат на другиот дел, кој што не може така лесно да се автоматизира: „Значи, сè што првенствено е поврзано со човечката интеракција, со комуникацијата, креативноста, стратешкото и долгорочното планирање.“

Во принцип, тоа ја зголемува и продуктивноста на работното место, бидејќи едноставно можете да се направи многу подобар целокупен пакет, составен од човек и машина, вели Зидекум. Меѓутоа, ако сѐ повеќе луѓе користат вештачка интелигенција, тоа може да стане вистински проблем. Имено, она што не треба да се игнорира во дискусијата е фактот дека за вештачката интелигенција сè уште треба многу компјутерска моќ. Ова бара огромни серверски паркови со компјутери кои трошат многу електрична енергија. Според новите информации, работењето на ЧетГПТ предизвикува дневни трошоци од над 700.000 долари.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема