1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Како експертите ги оценуваат нападите со дронови врз Москва

Марина Барановска
8 август 2023

Зошто руската воздушна одбрана не успева да пресретне беспилотни летала пред Москва? Ќе се интензивираат ли нападите врз Русија? Зошто владата во Кремљ првично се обиде да прикрие дека главниот град е нападнат?

https://p.dw.com/p/4Uqfn
Зграда во деловниот центар на Москва оштетена од дрон
Зграда во деловниот центар на Москва оштетена од дронФотографија: Mikhail Tereshchenko/ITAR-TASS/IMAGO

За краток временски период, високите згради во деловниот центар на Москва повеќепати беа цел на напади со беспилотни летала. Ноќта на 30 јули, беспилотни летала удрија во две згради во кои се сместени канцелариите на Министерството за индустрија и трговија, Министерството за економски развој и Министерството за комуникации. И ноќта на 1 август, дрон повторно удри во фасадата на една од кулите во Москва. Според изјавите на градоначалникот Сергеј Собјанин, ноќта на 30 јули бил погоден 21-виот кат. Уништени се 150 метри квадратни стаклена површина.

Како Киев реагира на беспилотните летала во Москва

Руската државна новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на висок извор, јави дека беспилотните летала што се урнаа во облакодерот во Москва ноќта на 1 август долетале од Украина. Меѓутоа, Киев не ја презеде одговорноста за нападот. Михаило Подољак, советник во кабинетот на претседателот на Украина, на социјалните мрежи напиша: „Москва сега брзо се навикнува на сеопфатна војна, која наскоро конечно ќе се спушти на територијата на 'почетоците на војната' за да се наплатат сите долгови од нив... Сѐ што ќе се случи сега во Русија е објективен историски процес. Ќе има повеќе неидентификувани беспилотни летала, повеќе уништувања, повеќе граѓански судири и повеќе војна“.

Министерството за одбрана на Руската Федерација, пак, оценува дека станува збор за „напади на режимот во Киев“. Министерството соопшти дека некои од беспилотните летала биле оневозможени поради 'електронско попречување' и оти удриле во згради. Други беспилотни летала, како што тврди Министерството, биле соборени од противвоздушната одбрана пред Москва.

Кулата на Кремљ а во заднината е деловниот центар на Москва со високикатници
Кулата на Кремљ а во заднината е деловниот центар на Москва со високикатнициФотографија: Marina Lystseva/TASS/picture alliance

„Неутрализација на проектили со згради“

Сергеј Мигдал, поранешен израелски полицаец, а сега експерт за безбедност, вака гледа на изјавите на руското Министерство за одбрана. „Израел е многу добро запознаен со таквите извештаи на сириската противвоздушна одбрана за 'соборување на сите проектили', додека во исто време Сиријците снимаат магацини и аеродроми во пламен. Ние тоа го нарекуваме 'неутрализирање на израелски ракети со згради'“, ироничен е Мигдал.

Според него, руската армија „сѐ уште не го решила проблемот со пресретнување на украинските беспилотни летала и проектили во областите поблиску до украинската граница или на линијата на контакт“. Целиот товар на руската противвоздушна одбрана во овој случај го носи противвоздушниот ракетен систем Панцир-С1, кој е наменет за заштита на важна цивилна и воена инфраструктура, објаснува експертот. Според него, тој систем е многу добар, но се активира дури во последната секунда пред да ја погоди целта. „Тоа е лотарија. Ниту еден систем не нуди 100 процентна заштита. Веројатноста Панцир да не го пресретне дронот е многу голема, во некои случаи барем 50 отсто“, вели Мигдал.

Тој е скептичен за соопштението на руското Министерство за одбрана и поради друга причина. Според неговото мислење, нема смисла да се елиминираат беспилотните летала кога тие веќе го поминале надворешниот одбранбен појас и веќе се над градот. „Тогаш е подобро да се соборат беспилотните летала. Кога ќе се собори, постои голема веројатност боевата глава да експлодира во воздух, а само остатоци да паднат на земја и на згради. Грдо е, но подобро отколку дронот да скршне од својот тек и да удри во друга зграда каде што може да има луѓе, па тие да загинат или да бидат повредени“, вели експертот.

Според Мигдал, електронските уреди за попречување може да се користат во пустинските области, но „дроновите над градот мора брутално да бидат соборени пред боевата глава да стигне до зграда“. Тој вели дека е сигурен оти целта на беспилотните летала бил токму тој облакодер во Москва и дека е чиста среќа што во тој напад немало повредени.

Молкот како стратегија на Кремљ

Израелскиот експерт обрнува внимание и на фактот што руските медиуми практично го игнорираа првиот напад со беспилотни летала врз деловниот центар на Москва. Главната вест утрото на 30 јули била парадата за Денот на морнарицата во Санкт Петербург, на која присуствуваше и претседателот Владимир Путин. Според Мигдал, Министерството за одбрана и руското раководство се обидуваат да не се забележи дека се лути.

Ова, според политикологот Абас Гаљамов, човек кој порано му пишувал говори на претседателот Путин, а сега е слободен аналитичар и консултант, е долгорочната стратегија на Кремљ од раните 2000-ти години, сè со цел да ја задржи контролата врз медиумите. Основата на таа стратегија, вели тој, е да се игнорира она што не им се допаѓа на властите.

„Тоа го минимизира она што се случува и вели дека тоа не е важен настан, туку споредна приказна која не заслужува внимание. За настанот се зборува само кога ќе стане масовен и едноставно не можете повеќе да го премолчите“, објаснува Гаљамов. Тој го опишува ова однесување како „стратегија на задржување, а не на ширење“. Таа стратегија, вели, дека таргетира делови од населението кои се наклонети на властите. „Кога секој ден се објавуваат лоши вести, луѓето креваат глава и велат: „Кај нас сè е лошо“. Тогаш тие се целосно изгубени. Затоа се однесувате како ништо да не се случило“, вели политикологот. Сепак, тој смета дека оваа стратегија е осудена на неуспех. „Кај луѓето се создава јаз меѓу реалноста и пропагандата. Потоа бараат алтернативни извори на информации, им се намалува довербата во пропагандата на Кремљ, а со тоа се намалува и бројот на лојални граѓани“, вели Гаљамов.

Градски службеници ги разгледуваат штети настанати на облакодер во Москва по нападот со дрон
Градски службеници ги разгледуваат штети настанати на облакодер во Москва по нападот со дронФотографија: EVGENIA NOVOZHENINA/REUTERS

„Нападите врз Русија ќе зачестат“

Меѓутоа, вториот напад со беспилотно летало врз Москва го принуди Кремљ да го прекине вообичаениот молк. На 31 јули, Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател, ги опиша нападите како „чин на очај поради неуспехот на режимот во Киев“ и увери дека засега терористичката закана за Москва и за регионот нема да се зголеми. Но, веќе на 1 август, портпаролот на Кремљ зборуваше со новинарите за повторениот напад и потоа изјави: „Опасноста навистина постои, тоа е очигледно. И се преземаат мерки“.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги спореди нападите во центарот на Москва со терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година.

Израелскиот експерт за безбедност Сергеј Мигдал не ја исклучува можноста Украина да стои зад нападот со беспилотни летала врз Москва. И тој е сигурен дека нападите врз Русија ќе бидат засилени. „Украина сè уште нема толку многу можности, но очигледно тоа е една од нејзините цели. Многу украински институти и фабрики сега работат на тоа“, вели експертот. Украинците, додава тој, се обидуваат - дури и под руски гранати - да ги обноват и зголемат капацитетите на одбранбената индустрија, кои беа пропаднати во последните 30 години.

„Сето тоа мора да го прават полутајно и постојано да го поместуваат производството. Знам дека има инженери и програмери кои не работат во институти познати на руската тајна служба, туку во приватни станови, за да не бидат изложени на ракетни напади“, вели Мигдал и заклучува: „Украинците сакаат колку што е можно да му стават до знаење на рускиот народдека поддршката за Путин и за руската војна има своја цена“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема