1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ТЕЦ Битола е најголемиот загадувач во Западен Балкан

ДТЗ
28 јуни 2023

Електраната испушта сулфур диоксид и честички прашина. Емисиите од оџаците на ТЕЦ Битола се скоро дуплирани од 2021 година и се 17 пати поголеми од дозволеното, се наведува во извештајот на CEE Bankwatch Network

https://p.dw.com/p/4T9MM
ТЕЦ Битола
ТЕЦ Битола е најголемиот загадувач во Западен БалканФотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Термоелектричната централа Битола лани била најголемиот загадувач со сулфур диоксид и честички прашина на целиот Западен Балкан. Емисиите од оџаците на ТЕЦ Битола се скоро дуплирани споредено со 2021 година, иако поради пожарот на трансформаторот во третиот блок тој беше вон употреба цела година и електраната работеше со намален капацитет.

Според новиот извештај од CEE Bankwatch Network, „Усогласи или затвори - 2023“, битолската термоелектрана е убедливо најзагадувачки индустриски капацитет во земјите од Западен Балкан. Активистите за заштита на животната средина со години наназад алармираат дека Западен Балкан живее во отровен облак.Последиците од ваквото загадување ќе бидат големи и за Битолскиот Регион, но и за целата земја и пошироко. 

Аларм 

Со само првиот и вториот блок активни во текот на 2022 година, електраната емитувала 111.408 тони сулфур диоксид во воздухот. Ова е количина што е 17 пати поголема од таа што е дозволена со Националниот план за намалување на емисиите, а истовремено и е повеќе од вкупните емисии што се дозволени за сите термоелектрани на јаглен во Западен Балкан. Емисиите на прашина исто така алармантно се зголемени и достигнале 3.899 тони, повеќе од три и пол пати од дозволеното за првиот и вториот блок на електраната. Ова е и најголемата количина на прашина емитувана од еден оџак на целиот Западен Балкан.

Пет години откако правилата за контрола на загадувањето влегоа во сила преку Спогодбата за Енергетската заедница, македонските електрани спротивно на обврските ги зголемуваат место да ги намалуваат емисиите. Секретаријатот на Енергетската заедница веќе има отворено случај против Северна Македонија поради непочитување на одредбите за намалување на емисиите. 

загадување
Балканот живее во отворен облакФотографија: Jim West/imageBROKER/picture alliance

„Со енергетската криза што донесе активирање на ТЕЦ Неготино и нетранспарентни набавки на јаглен со сомнителен квалитет, земјата се движи во обратна насока и само продолжува сериозно да ја загадува животната средина и да го загрозува здравјето на граѓаните“, се наведува во анализата.

Неконтролирано загадување

Според Давор Пехчевски од CEE Bankwatch Network, „целиот регион е загрозен од неконтролирано загадување од електраните што работат на јаглен. „ Секоја година гледаме како големите електрани во Србија и Босна и Херцеговина рушат рекорди. Но, ваков огромен скок во емисиите како што има ТЕЦ Битола во 2022 година не сме забележале до сега. Последиците од ваквото загадување ќе бидат големи и за Битолскиот Регион, но и за целата земја и пошироко“, посочува Пехчевски. 

Елена Николовска од Еко-свест  вели дека македонската Влада усвои амбициозни климатски и енергетски цели со кои се предвиде затворање на капацитетите на јаглен до 2027 година.

„Потребно е да се одржат роковите за исполнување на овие цели за да се испрати јасна порака до енергетскиот сектор, индустријата и граѓаните дека земјата доследно се придржува кон напуштање на фосилните горива, праведна транзиција кон обновливи извори и чисти технологии и грижа за здравјето на граѓаните“, укажува таа.  

Стандарди 

На крајот на 2022 година се навршија пет години откако стапија на сила новите стандарди за загадување на воздухот во Западен Балкан.,  Сепак, смртоносното загадување на воздухот од претежно застарените електрани на јаглен речиси воопшто не е намалено. Всушност, во 2022 година е зголемено во однос на 2021 година и тоа на сите три загадувачи - сулфур диоксид, прашина и азотни оксиди.