1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избегнат колапс во Скопје - одобрени субвенциите за ЈСП

ДТЗ
22 јануари 2024

Во последен миг, Град Скопје по две вонредни седници донесе одлуката за доделување субвенции на ЈСП од 11 милиони евра, со што се спречи блокадата на јавниот превоз.

https://p.dw.com/p/4bWy6
автобуси ЈСП протест
Кој е виновен за хаосот во Скопје? Протест на ЈСП во 2022 година (архивска снимка)Фотографија: picture alliance/dpa

За влакно е избегнат колапс на јавниот превоз во Скопје, откако Советот на Град Скопје по две вонредни седници, сепак донесе одлука за доделување субвенции за Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ во висина од 11 милиони евра, со коишто ќе се покријат платите коишто доцнат два месеци. Барањето за доделување субвенции на втората вонредна седница го поддржаа 25 члена на Советот на Град Скопје. 

Првиот обид да се најде решение за јавниот превоз во главниот град падна во вода откако на седница на Град Скопје  „за“ гласаа 22 советници, додека 11 беа воздржани, со што фалеше само еден глас од советниците на ВМРО-ДПМНЕ за да помине одлуката. 

„Скандалозно и нечовечки“

Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска ги обвинија советниците на ВМРО-ДПМНЕ дека тераат инает, поради што ги оставија вработените во ЈСП Скопје без плата, а граѓаните на градот Скопје без превоз. „ВМРО-ДПМНЕ во градот Скопје се изживува со луѓето без грам совест и без грам одговорност. Ова е скандалозно, непринципиелно и нечовечки“, порачаа од Град Скопје.

Данела Арсовска
Град Скопје и Данела Арсовска вината за лоцираат кај советниците на ВМРО-ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski/DW

Вонредната седница ја одбележаа препукувања меѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека нема да гласаат за буџетот, бидејќи не може Градот постојано да му дава милионски суми на ЈСП, со кое лошо се менаџира. 

Додека траеше расправата, десетици вработени во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, на минусни температури ја чекаа одлуката на улица. Тие изутрината паркираа неколку автобуси пред Град Скопје, а останатите ги вратија во базата, најавувајќи нова блокада на јавниот сообраќај во градот, доколку не се обезбедат средства за нормално функционирање на јавното претпријатие.

Или плата или колапс на јавниот превоз

Јавниот градски превоз функционираше нормално од 4.30 до 09.00 часот,  по што автобусите на ЈСП Скопје беа повлечени во базите, поради неисплатената плата за минатиот месец. Членовите на Синдикатот на вработените во ЈСП пред просториите на град Скопје го чекаат исходот од вонредната седница на Советот на град Скопје за исплата на субвенциите на ЈСП, во висина од 11 милиони евра.

Синдикатот е дециден - кога на сметките на вработените ќе се префрли декемвриската плата, автобусите ќе продолжат да возат. Тие се надеваат дека ќе се изнајде решение со цел да престане малтретирањето на граѓаните на Скопје, кои не е првпат да останат без јавен превоз, поради финансиските проблеми со кои се соочува ова јавно претпријатие. 

блокади приватни превозници Скопје
Проблемите во ЈСП ескалираа и во ноември 2022 година, кога Скопје за првпат остана без јавен превоз - хосот кулминираше со протести на приватните превозници (архивска фотографија)Фотографија: Petr Stojanovski

Поддршка и од приватните превозници

Претседателот на Синдикатот, Миќо Стојановски, претходно во изјава за медиумите информираше дека сообраќањето на нивните автобуси ќе зависи од одлуката на советниците на Град Скопје. Вели дека имаат поддршка и од приватните автобуски превозници кои им се приклучиле во знак на солидарност. 

Проблемите во ЈСП ескалираа и во ноември 2022 година, кога Скопје за првпат остана без јавен превоз. И тогаш причина за незадоволството беа неисплатените плати и долгови на претпријатието. Хаосот кулминираше со протести на приватните превозници. Откако Советот на Градот Скопје префрли пари на сметката на ЈСП, автобусите повторно се вратија на скопските улици. Локалната и централната власт меѓусебно се обвинуваа кој е виновен за состојбите и долгот во ЈСП. 

Обвинувања

Партиите меѓусебно се обвинуваат и сега, при последните блокади на јавниот сообраќај. Според СДСМ, локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје за две години го уништила јавниот градски превоз. Според нив, советниците од ДПМНЕ, кои го имаат мнозинство во Советот и се локална власт, се противea на одлуката за субвенционирање на ЈСП и намерно, поради лични хирови на Мицкоски, дополнително го заглавија претпријатието.

И Нова алтернатива, на чие чело неодамна застана скопската градоначалничка, Данела Арсовска, порача дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски ја блокираат и опструираат нормалната работа на јавните претпријатија во Градот Скопје.

„По вторпат Мицкоски се обидува да предизвика хаос со градскиот превоз во главниот град, на штета на скопјани“, се вели во соопштението на Нова Алтернатива.

Според партијата, советниците на ВМРО-ДПМНЕ одбиваат да ги гласат програмите на јавните претпријатија, меѓу кои и онаа на ЈСП, со што директно ја блокираат нормалната работа на претпријатието и редовната исплата на плати кон вработените. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ заедно со управниот одбор на претпријатието се директно одговорни за доцнењето на платите на вработените во ЈСП“, порачаа од партијата.