1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КултураГерманија

Имануел Кант: „Имај храброст да го користиш својот разум“

Штефан Деге
22 април 2024

На 22 април се навршуваат 300 години од раѓањето на германскиот филозоф Имануел Кант. Што има да ни каже денес човекот кој рече: „Имај храброст да го користиш својот разум“?

https://p.dw.com/p/4f2kr
Портрет и ракопис на Имануел Кант (1724 - 1804)
Портрет и ракопис на Имануел Кант (1724 - 1804)Фотографија: Heinz-Dieter Falkenstein/imageBROKER/picture alliance

Германскиот филозоф Имануел Кант е еден од најважните мислители на сите времиња. Некои од неговите мисли ги знаат дури и оние кои никогаш не студирале филозофија или не ги читале неговите дела. Од него доаѓа и мислата: „Не му го прави никому она што не сакаш да ти го прават тебе“. Едноставно, но Кант дошол до такви бисери размислувајќи за универзумот и човечкото постоење во потрага по одговор на суштинското прашање“. :

„Што е човекот“?

Тој го разложил на три основни прашања на филозофијата и одговорил на нив во неговите три клучни дела:

Што можам да знам? - „Критика на чистиот ум“, 1781 година.

Што треба да направам? - „Критика на практичниот ум“, 1788 година.

На што можам да се надевам? - „Критика на моќта на судењето“, 1790 година.

Кант зад себе остави сеопфатна работа не само за филозофски прашања , туку и за проблемите на астрономијата, физиката, географијата и образованието.

Учењата и списите на Имануел Кант ги поставија темелите за нов начин на размислување. Тој ја направи старолатинската поговорка „Sapere aude“ што значи „Осмели се да бидеш мудар“ позната во толкувањето „Имај храброст да го користиш својот разум“ и таа стана мисла водилка на движењето на просветителството.

Млечниот пат и светилникот на северот на Европа
Млечниот пат и светилникот на северот на ЕвропаФотографија: Owen Humphreys/PA Wire/picture alliance

„Ѕвезденото небо над мене и моралниот закон во мене“

За разлика од многу филозофи пред него, тој верува дека човечкиот ум не може да одговори на прашања како што се постоењето на Бог, душата или почетокот на светот. Човек тоа едноставно мора да го издржи. Кант верувал дека човекот е способен да преземе одговорност - за себе и за светот - и во своите дела ги повикувал луѓето да се ослободат од какви било упатства за животот (како Божјите заповеди). Тој верувал дека човекот треба да живее воден од разумот и за тоа го формулирал основното правило:

„Постапувајте така што максимата на вашата волја може секогаш да важи како принцип на општото законодавство“ Тој го нарече ова „категоричен императив“ или „морален императив“.  Денеска би можеле тоа да го толкувамевака: „Прави го само она што е за доброто на сите“.  

Во своето дело „Критика на практичниот ум“, објавено кога имал 64 години, тој напишал:

„Две работи секогаш ме исполнуваат со ново и растечко восхитување и стравопочит, што почесто и подолго размислувам за нив: ѕвезденото небо над мене и моралниот закон во мене“.

Ова ги сумира прашањата што доминираат во размислувањето на Кант: убавината на природата и нејзиниот ред и почитување на моралниот закон во кој се покажува слободата на чистата волја.

За вечниот мир

Според Кант, политичкото дејствување мора да биде фундаментално водено од законот на моралот. Кант не ги заснова човечкото достоинство и човековите права на религијата, на Бога, туку филозофски - на разумот.

Во своето дело „За вечниот мир“ во 1795 година, Кант ја препорача „Лигата на народите“ како федерална заедница на републикански држави. Неговото дело беше клучната идеја зад основањето на Лигата на народите по Првата светска војна (1914-1918), претходник на Обединетите нации, во чија повелба за човекови права остави свој белег.

Покрај меѓународното право, Кант го развил и космополитското право. Притоа, тој ги отфрла колонијализмот и империјализмот и формулира идеи за хуман третман на бегалците: Според овој филозоф, секој човек има право да ја посети секоја земја, но не мора да има право на гостопримство.

Кант и Кенигсберг

Името на Кант е нераскинливо поврзано со Кенигсберг, тогашен главен град на Источна Прусија. Кенигсберг (кралскиот рид) е основан во 1255 година од страна на тевтонските витези во чест на тевтонскиот крал Отокар II од Бохемија.

Во тоа важно балтичко пристаниште и жив трговски град, кој во негово време се нарекуваше Венеција на северот, Кант е роден во релативно сиромашно лутеранско семејство, неговиот татко бил самарџија. Но, на 16 години почнал да студира и добил повисок статус - академски граѓанин. Како студент заработувал играјќи билијард и карти. По смртта на неговите родители, тој морал да се грижи за своите сестри и осум години работел како приватен учител. Тогаш за прв и единствен пат оди малку подалеку од Кенигсберг.

Потоа се вратил и со години работел како доцент. Универзитетот во Кенигсберг му обезбедил просторија и програма за работа, но не и платата: доцентите ги плаќале студентите, кои можелр да избираат меѓу неколку предавачи. Кант бил популарен и секогаш имал доволно студенти, односно од тоа можел добро да живее. На 46-годишна возраст конечно ја исполнил својата желба и станал професор по метафизика и логика на универзитетот во неговиот роден град.

Легендарни ручеци и прошетки

Легендарни се ручеците на кои професорот Кант секојдневно поканувал гости - секогаш точно во 1 часот попладне. На нив секогаш имало омилени јадења и омилени вина (Кант не сакал пиво), омилени гости и омилени теми. Ако атмосферата била весела и опуштена, ручекот траел и по неколку часа.

Дело на Емил Дерстлинг
Дело на Емил ДерстлингФотографија: Leihgabe Stiftung Königsberg / Ostpreußisches Landesmuseum, Lüneburg

„Еден од принципите за овој собир на трепезата бил овој: бројот на поканети не смеел да биде помал од бројот на божици и не поголем од бројот на музите, односно не помалку од три и не повеќе од девет. Никогаш немало жени. А, разговорите на оваа маса никогаш не биле за филозофијата“, пишува Штефен Диц, германски филозоф.

Точно во седум часот навечер, Кант тргнувал во својата позната прошетка секој ден, секогаш по истата рута. Има многу анегдоти за тоа. Тој тоа го правел со толкава редовност и точност што жителите на Кенигсберг можеле да ги подесат своите часовници, а за неговите обожаватели „кантисти“ тоа било можност да го видат и поздрават славниот професор, доколку веќе не ја имале честа да бидат поканети на неговата маса. Кант секогаш возвраќал на поздравите, но не сакал да зборува на улица.

Гробот на Кант во Калининград, Русија
Гробот на Кант во Калининград, РусијаФотографија: Bastian/Caro/picture alliance

Кант починал на речиси 80-годишна возраст, на 12 февруари 1804 година. Илјадници луѓе дошле на погребот на големиот професор. Неговиот гроб, таканаречената Стоа Кантиана, го краси задниот ѕид на познатата Кенигсбершка катедрала. Готската црква е една од ретките историски градби кои го преживеаја британското бомбардирање во Втората светска војна и бранот на уривање што следеше во советската држава. Калининград е руска ексклава од крајот на Втората светска војна. Се наоѓа меѓу Полска и Литванија и денес има околу половина милион жители. 

Дали Кант бил расист, мизогинист, изрод...?

„Кант не е светлината на светот, туку цел блескав Сончев систем“ - е комплиментот кој на својот современик му го даде писателот Жан Пол (1763-1825).

Но, на другите големи мислители им беше тешко да ги сварат делата на Кант. Филозофот Мозес Менделсон рекол дека читањето на Кант го исцедува мозокот и дека тој не може да го поднесе тоа.

За Кант сè уште кружат бројни предрасуди. Со некои од нив се занимава германскиот филозоф и истражувач на Кант, Отфрид Хефе во својата нова книга „Граѓанин на светот од Кенигсберг“, вклучувајќи ги и прашањата - дали Кант бил „евроцентричен расист“ или дали Кант ги дискриминирал жените. Во двата случаи, неговиот одговор е: „Да, но...“.

Кант не е расист во денешна смисла, напротив: тој ги осудувал колонијализмот и ропството.

Споменикот на Кант
Споменикот на Кант пред универзитетот што го носи неговото име во КалининградФотографија: picture-alliance/dpa/TASS/V. Nevar

Во оваа јубилејна 2024 година ќе бидат објавени цела серија книги за големиот филозоф, на германски и на други јазици, а многу настани ширум светот ќе го одбележат 300-тиот роденден на Имануел Кант.