1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФЗО на штрајк - граѓаните во небрано

ДТЗ
5 февруари 2024

Рецепти и упати се издаваат, но нема исплати за породилно и за боледувања. Се работат само итни предмети. Се друго е ставено во мирување.

https://p.dw.com/p/4c3ey
ФЗО
Нема исплати за породилно и за боледувања. Се работат само итни предмети. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) стапија во штрајк. Рецепти и упати се издаваат, но нема исплати за породилно и за боледувања, како и плати за јавното здравство. Се работат само итни предмети. Се друго е ставено во мирување.

Од синдикатите велат дека револтот кај вработените е огромен. Се бара да не се „чепкаат“ платите, по најавите дека е планирана нивна корекција. „Сакаме да останат оние плати што ги добивме со декемвриската. Не бараме ништо повеќе. Штрајкот нема да престане, дури и по цена да не земат плата, како што е сега случајот. Во моментов, вработените во ФЗО немаат плата“, порача претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски. 

Допис до Владата 

Тој апелираше до Владата, на седницата во вторник (06.02), за што веќе пратиле допис до техничкиот премиер Талат Џафери, да се разгледа нивното барање. Синдикатот смета дека како што е донесена препорака да се намалат платите, така треба да се донесе нов заклучок со препорака да останат истите плати на вработените до крајот на годината. Според синдикатите, ФЗО е институција со највисок буџет во државата и секогаш има пари.

„Направивме иницијатива потпишана од сите директори на подрачни единици, каде гарантираат дека ќе се извршуваат сите работни задачи и дека ќе останат и дека ќе има пари во Фондот за исплата на платите, како што се сега и граѓаните да бидат спокојни, дека ќе има лекови и помагала за сите“, информираше Деаноски.

Бранко Аџигогов, претседател на Синдикалната организација на ФЗО, вели дека досега нема пријавено никакви инциденти, ниту проблеми. 

„Врз болни лица нема да тераме правдина“ 

Според најавите од синдикатот, шалтерите на Фондот за здравствено осигурување ќе бидат отворени само за пријава на малолетно лице како член на осигурување, за регулирање на осигурување на хоспитализирано лице и за лекување во странство на итни случаи. Лекарските комисии што ги продолжуваат боледувањата на вработените продолжуваат непречено да работат. 

„Не ни е идејата врз болни лица да тераме правдина во овој момент“, рече Аџигогов. 

лекови
Рецепти и упати се издаваат и за време на штрајкотФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Нема исплати за породилно и боледувања 

Но, додека трае штрајкот стопирани се барањата за рехабилитација, за ортопедски помагала, заверка на ортопедски помагала, за надомест за породилно, за надомест за исплата на боледување, за осигурување во странство и слично.

„Дополнително во моментов не се врши никаква исплата, ниту се обработуваат податоци за цело здравство за сите што имаат договор со нас. Тоа е јавно и огромен дел од приватното здравство. Прекинати се сите активности за договорите за вработување во јавно здравство, префрлувањата на договорите за јавно здравство и тие што се со одлука донесени што треба да им се трансформира работниот однос“, рече Аџигогов.

Вработените во Фондот се одлучија да го активираат штрајкот кој беше во мирување, откако Владата препорача да се намалат платите за 21 отсто. Иако Владата го препорачува тоа како усогласување согласно донесениот буџет, согласно пресметките на стручните служби тоа значи дека платите на сите вработени треба да се намалат за 21 процент, сметаат од синдикалните организации.

Со одлуката би можеле да бидат засегнати над 830 вработени во ФЗО и ако има намалување на платите, 25 проценти ќе добиваат плата под минималната, а 25 проценти колку минималната плата. Министерството за финансии тврдеше дека не станува збор за намалување на платите на вработените во ФЗО, туку дека се прави обид за нивно повторно зголемување кое ќе има фискални импликации врз буџетот на Фондот. 

„Во моментот ниту еден вработен во ФЗО не бара вина ниту од вработените во ФЗО што се на раководни структури, ниту од Министерството за финансии. Едноставно сакаме да ни се реши проблемот и да ни останат истите плати“, дециден е Аџигогов.