1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа е опасно зависна од лекови од Кина

Инза Вреде
10 мај 2024

Европа е зависна од Азија и кога се во прашање лековите. Ова треба да се промени во иднина. Планирано е зголемување на производствените капацитети во Европа. Како напредува тој процес? И дали тоа воопшто има смисла?

https://p.dw.com/p/4fhGN
Лекови
Европа е зависна од Азија и кога се во прашање лековите Фотографија: Jan Woitas/dpa-Zentralbild/picture alliance

Улрике Холцграбе вели дека не е потребна атомска бомба за да ѝ се нанесе голема штета на Европа. Оваа експертка за производство на лекови вели дека Кинезите би можеле да му зададат тежок удар и на Стариот континент - со прекин на  снабдувањето со антибиотици.

„Кина уште во 80-тите години на минатиот век сфати колку е важно да има сопствени капацитети за производство на антибиотици“, вели Јасмина Кирхоф од Институтот за германска економија во Келн. „Масовно се инвестираше во фабрики кои произведуваат релативно евтино, пред сѐ за домашниот пазар. А ‘вишокот' Кина потоа го извезува“, додава Кирхоф.

Во Кина се произведуваат и голем број хемиски полупроизводи, кои се од суштинско значење за фармацевтската индустрија.

Освен Кина, и Индија во меѓувреме се позиционираше како еден од главните снабдувачи на  фармацевтски производи.  Таму се произведуваат првенствено генерички лекови, тоа се фармацевтски производи кои се идентични или еквивалентни на оригиналниот лек. Но, Индија е исто така зависна од Кина, бидејќи многу индиски фармацевтски компании исто така увезуваат стоки од Кина.

Зависност од Азија

Европскиот парламент пред неколку години го увиде овој проблем, поради што на ниво на Европската унија беше направен список на оние лекови за кои Европа не треба да зависи од Азија. Следниот чекор треба да биде да се најде одговор на прашањето каде би можеле да се произведуваат овие лекови и состојки за нив, односно да се открие колку навистина е голема зависноста од Кина, вели Улрике Холцграбе, професорка на Универзитетот во Вирцбург.

И тука почнуваат проблемите. Според Кирхоф, тешко е воопшто да се дојде до таква информација, особено кај одредени лекови: „Кој производител, кои полупроизводи, кои состојки, каде да се набават, сето тоа е дел од деловната тајна и затоа овие работи дури и не се објавуваат".

Кина призводство на лекови
Во 2000 година во Азија биле произведувани една третина од состојките за лекови, во 2020 повеќе од две третини Фотографија: DreamstimexZhanglian/Panthermedia/IMAGO

А колку е важно да се води грижа за навремено снабдување со лекови на пазарот, тоа во последните години веќе го покажаа проблемите поврзани со  недостигот на некои производи. Ова веќе беше навестено за време на пандемијата на коронавирус, а темата „зависност“ се најде во фокусот по прекинот на дотокот на руски гас во есента 2022 година.

Германија сака да ги зајакне сопствените капацитети

Во Германија, сојузната влада ја усвои Националната фармацевтска стратегија минатиот декември. Меѓу другото, со неа се предвидува и зајакнување на производството на лекови во Европа. А германската влада сака да го постигне тоа со укинување на некои бирократски правила, односно субвенции за инвестиции во производствени капацитети.

Лекови секако се произведуваат во Европа, европската фармацевтска индустрија првенствено произведува иновативни лекови заштитени со патенти. Се инвестира и во овој сектор, вели Холцграбе. „Германија е навистина на врвот во областа на фармацевтската индустрија, медицината, истражувањето и развојот“, вели сојузниот министер за економија Роберт Хабек (Зелените) во изјава за ДВ.

Но, кога-тогаш и кај  иновативните лекови  истекува периодот во кој тие се заштитени со патенти, така што тие се наоѓаат на слободниот пазар - и стануваат генерички, што значи дека можат да бидат произведени од други играчи, но не под истото име. Маржите во секторот за генерички лекови се релативно мали, така што нивното производство во Европа не е навистина профитабилно. А генеричките лекови се многу важни за здравствениот систем, покриваат околу 80 проценти од  основната понуда на лекови. Меѓу нив има и бројни антибиотици.

И затоа е толку важно да се градат структури благодарение на кои би било профитабилно за компаниите да ги произведуваат своите лекови дури и по истекот на патентите, смета Кирхоф. Клучната работа во ова не е поттикнување инвестиции, туку пред сѐ воспоставување поинаков систем на цени, забележува Борк Бретауер, директор на Про Генерик. „Не ни требаат зомби-фабрики во Европа, кои треба трајно да се субвенционираат“, вели тој како претставник на здружението кое ги застапува интересите на компаниите кои произведуваат  генерички лекови.  Со други зборови: за европски лекови од Европа, а со тоа и поголема доза независност, Европа би морала да биде подготвена да плати повисоки цени за нив.

Бајер нов погон за лекови во Леверкузен
Бајер инвестира 275 милиони евра во нов погон за лекови во Леверкузен, кој треба да биде завршен во 2024 година - тука ќе се произведуваат лекови против рак и срцеви заболувања Фотографија: Bayer AG

Што го „кочи“ производството во Европа?

Како што стојат работите, повисоките цени се неизбежни - под услов Европа навистина да сака поголема безбедност и независност. Затоа што во Европа едноставно не може да се произведува толку евтино како во Азија. „Кај нас пости тој лош квартет кој се состои од бујна бирократија, недостаток на квалификувана работна сила, прекумерни трошоци за енергија и распаднувачка инфраструктура“, изјави на крајот на април Волфганг Гросе Ентруп, директор на Здружението за хемиска индустрија во Германија.

Во Кина компаниите профитираат од ниските трошоци за работна сила и енергија, но и од тоа што државата им дава на располагање земјиште на компаниите за да можат таму да градат производствени капацитети, вели Холцграбе. А освен тоа, компаниите не мора да се придржуваат до толку строги упатства за заштита на животната средина како во Европа, што е голема пречка особено за производителите на генерички лекови.

Сето тоа го отежнува „враќањето“ на производството на лекови во Европа, заклучува Холцграбе. „И во иднина ќе има зависност од Кина“, смета таа. И додава дека треба да биде многу поважно да се задржи постојното производство во Европа. Особено ако се земе предвид фактот дека европската фармацевтска индустрија не е важна само за да им се помогне на луѓето кои се болни. Холцграбе е убедена дека за време на пандемијата на коронавирус, нови лекови можеа да се произведуваат толку брзо на Стариот континент токму поради тоа, односно поради постоечката европска индустрија која инвестира во истражување и развој.