1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот за коридорите под превез на тајност

ДТЗ
12 април 2023

Владата го класифицираше договорот за кој расте притисокот да биде ставен на увид на јавноста. Изградбата на автопатиштата наскоро ќе започне, а ако нема доволно работници - ќе се увезуваат од странство.

https://p.dw.com/p/4Pwk0
договор Бехтел и Енка
Договорот за коридорите беше потпишан на 8 март 2023 годинаФотографија: Reg. Nordmazedonien

Договорот со компанијата „Бехтел и Енка“, која треба да ги гради автопатиштата нема да биде објавен во јавност, затоа што е класифициран како деловна тајна. Владата е решена со или без законските измени што се во собраниска процедура, да го истера стратешкиот договор за изградба на автопатиштата на коридорите 8 и 10д. „Наш интерес е да се гради побрзо и поевтино“, порача денеска првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби. Доколку нема доволно работна сила, таа ќе се увезува од странство, дециден е Груби, кој беше назначен за координатор за изградба на овие автопатски делници.

Дилеми

На брифинг со новинарите Груби одговараше на прашања околу дилемите коишто предизвикаа најголем интерес и реакции во јавноста - пред се за најавата дека работниците ќе бидат ангажирани и по 60 часа неделно. 

Според вицепремиерот, доколку работната недела на работниците биде 60 часа неделно, како што бара изведувачот „Бехтел и Енка“, проектот ќе се реализира за 4,7 години и ќе чини поевтино. Ако се работи 40 часа неделно, ќе трае над 6 години и ќе чини поскапо. Опозицијата деновиве тврдеше дека дури и да се донесат измените за 60-часовна работна недела, ако тоа се случи по утврдениот рок од 45 дена од потпишувањето на договорот, државата ќе мора да плати пенали од 53 милиони евра.

„Не се работи за плаќање пенали доколку работното време не биде 60 часа, туку за побавна реализација на проектот“, вели Груби. Според него, секаде каде што работеле „Бехтел и Енка“ работната недела била 60 часа, а работниците потпишувале согласност за тоа и им бил платен секој работен час. 

Во дебатата се вклучи и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска. Таа вели дека  со измените и дополнувањата на Законот за работни односи, поврзани со коридорите 8 и 10д, се предвидува ангажирање на работници за прекувремена работа со нивна согласност. Тренчевска рече дека понекогаш процесите за изградба на инфраструктура бараат итност, а некои не можат да се прекинат. Оваа одредба би била неуставна, додава таа, само доколку 60-часовната недела се однесува на сите работници.   

Артан Груби
Договорот за коридорите е класифициран и нема да се објавуваФотографија: DW/P. Stojanovski

Класифициран договор

Деновиве се почести се повиците во јавноста за објавување на детали од договорот. И вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, порача дека не гледа причини зошто договорот за изградба на коридорите да не биде објавен, освен, доколку тоа не е предвидено со клаузула во самиот договор. 

„Станува збор за стратешки договор од национален интерес, не сум сигурна во моментов, ќе проверам дали има евентуално некоја клаузула што би го спречувала тоа. Во спротивно тоа е договор од национален и стратешки интерес и не мислам дека треба да биде сокриен од јавноста“, изјави вицепремиерката Грковска на новинарско прашање пред промоцијата на проектот „Преосмислување на управувањето“.

Но, според Груби, договорот со изведувачот „Бехтел и Енка“ е класифициран на барање на конзорциумот и затоа не смеат да се објавуваат деталите. На истиот начин работеле и при изградбата на автопатиштата во регионот, поточно во Хрватска, Србија, Косово и Албанија. Договорот со „Бехтел и Енка“ веќе е испратен и во Јавното обвинителство, кое отвори постапка по допрен глас за проектот за изградба на коридорите 8 и 10д.

Според министерот за економија Крешник Бектеши, договорот е класифициран бидејќи е деловна тајна начинот на работа на конзорциумот, кој котира на берзите и со евентуално објавување на делови од договорот може да се влијае на неговото котирање на берзата. Такви договори земјава имала потпишано и за речиси сите инвестиции во ТИРЗ.

Повик до претседателот

Но, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е загрижен за договорот, и го повика претседателот на државата Стево Пендаровски да не ги потпишува законите поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д кои се во собраниска процедура. 

„Сега излегуваат со некакви соопштенија каде што велат дека не се плаќаат пенали, туку тоа биле дополнителни трошоци. Човек да не може да се изначуди на нивната глупост на отворена сцена. Затоа го имаме Пендаровски кој во улога на аналитичар се служи со народни мудрости, наместо да каже што ќе превземе. Јас го повикувам да не се крие зад Собранието и да излезе, да се одважи и тие законски решенија кои ќе дојдат кај него да не ги потпише. Да не го суспендираме правниот поредок во државата и Уставот и еднаш во овие пет години како претседател да одработи во интерес на граѓаните и државата“, изјави Мицкоски при посетата на општина Аеродром.

Ваквиот повик следи откако претседателот Стево Пендаровски во вторникот (11.04) во телевизиско гостување на „Сител“ изјави дека ќе ги чека финалните верзии на пакетот закони пред да одлучи дали ќе ги потпише указите. Тој вели дека предлог-измените на Законот за работни односи, кои предвидуваат зголемување на работната недела за работниците ангажирани за проекти од национален и стратешки интерес, се неуставни.

Осум закони треба да претрпат измени со цел да се овозможи и забрза реализацијата на проектот. Но, според Пендаровски, дел од овие предлог-измени се спорни. Тој потенцираше дека Уставниот суд веќе еднаш се изјаснил дека работна недела подолга од 40 часа, освен по одреди исклучоци, е неуставна.

Христијан Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го повика претседателот на државата Стево Пендаровски да не ги потпишува законите поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д кои се во собраниска процедура.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Ширење невистини

Опозицијата речиси секојдневно објавува документи за кои тврди дека се спорните клаузули од договорот. Премиерот Димитар Ковачевски тврди дека се лага и ширење невистини тоа што го кажува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во врска со Договорот за коридорите 8 и 10 д со конзорциумот „Бехтел и Енка“.

Тој ги повика владите на САД и на Турција да кажат дали во изминатите две години, откако се подготвува овој проект, некој од државата од нив или од нивни компании, побарал нешто. 

„Договорот со ’Бехтел и Енка’ е јавно потпишан врз основа на посебен закон, одобрен во Собранието од сите пратеници. Ги има поминато сите законски процедури за склучување. Договорот во над 400 страници ги дефинира условите за изградба на автопатот. Има и измени на неколку закони за обезбедување услови за забрзување на постапката за изградба на овие две големи делници. Намерата е да се изгради модерен автопат за пет години, со сума соодветна за таков проект. Пратениците имаат можност да ги одобрат тие одредби според процедурите. Сите други одредби во законот се согласно специјалниот закон што е донесен“, дециден е Ковачевски.

Постепена експропријација

На 22 април официјално почнува изградбата на коридорот 8, а на 12 мај на коридорот 10д. Изведувачот „Бехтел и Енка“ ќе изготвува проекти на дел по дел од автопатиштата, а паралелно ќе се врши и експропријација на земјиштето. 

Пресметката дека проектот ќе чини 1,3 милијарди евра е направена врз основа на предложената траса од „Бехтел и Енка“ на која се предвидува да се градат автопатиштата за која е направена физибилити студија од „Грант Тортон“, која покажува дека 55 проценти од земјиштето на трасата е во приватна сопственост, а 45% во сопственост на државата.  

Доколку се донесат законските решенија, од „Бехтел и Енка“ предвидуваат да градат по 23 километри автопат годишно. За изведувачот се предвидени дополнителни плаќања, доколку не го запази рокот на градба. На коридорот 8 прво ќе стартува изградбата на автопатот Тетово - Гостивар, а потоа на Гостивар - Букојчани и делот од автопатот Кичево - Охрид, што ќе води кон новиот граничен премин со Албанија.