1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Деца од Украина се депортираат во Белорусија?

Татсијана Хархалик
29 април 2023

Деца од окупирани територии во Украина се носат нелегално не само во Русија, туку и во Белорусија - така гласи обвинувањето. Властите од Минск велат дека целта е децата да се „рехабилитираат”. Кои се вистинските цели?

https://p.dw.com/p/4QgG6
Деца во автобус за Белгород, Русија
Деца во автобус за Белгород, Русија (20 април 2023 година)Фотографија: Mikhail Voskresenskiy/SNA/IMAGO

„Гледаме како со поддршка на Лукашенко деца од Украина се носат во Белорусија и Русија“, вели белорускиот опозициски политичар Павел Латушко за ДВ. Поради заканите од Лукашенко, тој денес живее во Полска. Во март годинава белоруски суд во отсуство го осуди на 18 години затворска казна. Според податоци на ЕУ и на специјалниот пратеник за деца на украинскиот претседател, околу 16 илјади деца под различни околности се депортирани од окупираните територии во Украина, меѓу другото и деца од детски домови. Во март, Меѓународниот трибунал поради осомничената депортација на деца распиша потерница за рускиот претседател Владимир Путин и неговиот специјален пратеник за заштита на децата, Марија Лвова-Белова.

Според Латушко, и транспортот на малолетни лица во Белорусија е спротивен на Женевската кинвенција од 1949 година. Опозицискиот политичар нагласува дека Белорусија ја става на располагање својата територија за руската агресија против Украина и затоа не може да биде третирана како „неутрална држава”. Сето тоа Латушко го навело да прибира материјални докази кои сака да му ги стави на располагање на јавниот обвинител на Украина, но и на главниот обвинител од Меѓународниот трибунал во Хаг.

Павел Латушко Белорусија
„Може ли шестгодишно дете да одлучува за себе?“: Опозицискиот политичар Павел Латушко покренува сериозни обвинувањаФотографија: DW

За престојот на украинските деца во Белорусија се пишува во белоруските државни медиуми. „Пропагандистите велат дека децата се пратени на рехабилитација во Белорусија. Но, дали шестгодишно дете може самостојно да одлучи да напушти една земја, во случајов Украина? Не, тоа не е возможно”, вели Латушко. Друго би било семејствата доброволно да заминат или за тоа да има дозвола од украинските власти, но случајот не е таков.

„Помош за децата од Донбас“

Според Латушко, во рамки на Белорусија и Русија има специјални проекти со цел во Белорусија да се донесат украински малолетници на возраст од 6 до 15 години. „Таквите заклучоци се донесени од Владимир Путин и Александар Лукашенко", нагласува тој. Па така, заклучок за „Помош за децата од Донбас” од 16 септември 2022 година предвидува транспорт на 1050 украински деца во Белорусија.

Финансиски ваквите проекти ги поддржува државната компанија „Беларускали“, еден од најголемите производители на ѓубрива во светот. „Парите се влеваат во фондацијата на Алексеј Талај, која на украинска територија го организира транспортот на децата”, вели Латушко. Според него, во Белорусија ги носат и попови од Белоруската православна црква, која е дел од Московската патријаршија.

Државниот секретар на Белоруско-руската унија, Димитриј Месензев кон крајот на октоври минатата година го посети детскиот камп „Дубрава“ кој е во сопственост на „Беларускали“. Таму изјави дека „за проектот ставил на располагање повеќе десетици милиони рубљи“ и дека работата ќе продолжи. „Драго ни беше да го поддржиме патувањето на децата до Белорусија”, рече Месензев и додаде дека сакаат да им помогнат на децата „да ги заборават тешките доживувања и да си ги остварат соништата за да станат стабилни граѓани на нивната земја”.

Кој е Алексеј Талај?

Во април и мај фондацијата Талај сака да донесе преку илјада украински деца во Белорусија. ДВ го замоли шефот на фондацијата Алексеј Такај да ја објасни улогата на неговата организација, но одговор не доби. Талај е член на параолимпискиот пливачки тим, бизнисмен и редовен учесник во настани за поддршка на Лукашенко. Како одговор на обвинувањата од Латушко, Талај на неговиот Телеграм канал пишува дека „ниту Хаг нема да нѐ спречи да работиме хуманитарно и да им помагаме на децата од Донбас“.

Русија евакуација на деца
Слатки за деца од Украина кои се донесени во Русија - зошто се таму е нејасноФотографија: RIA NovostiI/SNA/MAGO

И тој месецов посети преку 300 деца од Украина кои се наоѓаат во кампот „Дубрава“. Таму делеше и алки во боите на руското и белоруското знаме. Кампот го посети и провладиниот политиколог Александер Шпаковскиј, првиот секретар на Белоруската републиканска младинска унија Александер Лукјанив, како и членови на воениот клуб „Родник”.

Латушко вели дека сето тоа според одредбите на меѓународното право може да се означи како воено злосторство со целта да се воспитуваат деца со антиукраински став. Латушко тврди и дека шефот на Градското здружение на синдикатите на рударите и хемичарите од Минск, Димитриј Швајба, признал оти Белорусија сака на децата од Украина да им понуди школување на стручни училишта и потоа и работни места. „Тие си носат работна сила во Белорусија“, обвинува Латушко.

Што велат Украина и УНИЦЕФ?

Поранешниот специјален пратеник на украинскиот претседател за заштита на децата, шефица на фондацијата „Спаси ја Украина”, Микола Кулеба, за полската телевизија Белсат вели дека украинската страна сѐ уште не располага со документирани факти за транспортот на децата во Белорусија, но и дека е потребно да се направат нужните истраги. Ако се соберат доволно докази, не е исклучено да се распише налог за апсење на Лукашенко и други вклучени лица. Дури и ако децата во случајот со Белорусија можеби само ги возат наваму-натаму, тоа може според Кулеба да биде сумирано како воено злосторство.

Според Арон Гринберг, регионален советник на Уницеф за заштита на децата во Европа и Централна Азија, неговата организација дошла до извештаи според кои „некои украински деца за кратко време биле однесени од Руската федерација во Белорусија”. Од Уницеф за ДВ велат дека се „и натаму длабоко загрижени за извештаите за евакуација на деца кои се одвиваат без соодветни гаранции и за избрзани враќања на деца при кои не се зема предвид доброто на децата”. Од Уницеф се загрижени и поради скратени постапки за промена на државјанството на деца.