1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБлиски Исток

Дали германската политика кон Блискиот Исток е еднострана?

Кристоф Хаселбах
12 јануари 2024

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок повторно беше во посредничка мисија на Блискиот Исток. Од нејзиното последно патување, ситуацијата значително се влоши.

https://p.dw.com/p/4b9pe
Израелскиот претседател Исак Херцог доби поддршка, но и критики од германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок
Израелскиот претседател Исак Херцог доби поддршка, но и критики од германската министерка за надворешни работи Аналена БербокФотографија: Dominik Butzmann/AA/photothek.de/picture alliance

По нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, во кој загинаа околу 1.200 луѓе, германската министерка за надворешни работи трипати по ред го посети Блискиот Исток. Целта: да се поддржи Израел во неговата војна против Хамас во Појасот Газа, но и во исто време да се предупреди земјата да биде умерена за да го заштити палестинското цивилно население. А, со соседните арапски држави таа првенствено разговараше за спречување на регионален конфликт.

Аналена Бeрбок сега повторно беше во регионот, како и нејзиниот американски колега Ентони Блинкен. Меѓутоа, тензиите значително се зголемија. Од една страна, сѐ повеќе расте меѓународната критика кон Израел за пречекорување на целта за уништување на Хамас.

Пустош во Газа по израелските воздушни напади: Расте критиката кон Израел
Пустош во Газа по израелските воздушни напади: Расте критиката кон ИзраелФотографија: AFP

Во исто време, конфликтот се прошири. Особено откако Израел го уби командантот на либанскиот Хезболах. Организацијата поддржана од Иран потоа ги засили нападите врз северен Израел.

Напади на Хутите врз меѓународни бродови

Покрај тоа, Хутите, бунтовници во Јемен, кои, исто така, се поддржани од Иран, напаѓаат странски бродови во Црвеното Море на патот кон и од Суецкиот канал. Неколку бродски компании сега го избегнуваат тој најкраток пат од Азија до Европа и се движат по многу подолгиот и значително поскап поморски пат околу Африка.

Ханс-Јакоб Шиндлер, експерт за Блискиот Исток од меѓународната организација Проект за борба против екстремизмот, предвидува „сериозен глобален економски проблем“ доколку продолжи ваквата ситуација. „Не можеме без Суецкиот канал една година“, вели Шиндлер за ДВ.

Германската влада ја препозна сериозноста на ситуацијата. Се очекува Германија наскоро да се приклучи кон поморската мисија предводена од САД во Црвеното Море против нападите на Хутите.

Бербок, исто така, навести дека германската влада повеќе нема да стои на патот на испораките на британските борбени авиони „Еурофајтер“ во Саудиска Арабија. Бидејќи „Еурофајтер“ заеднички го  произведуваат Велика Британија, Италија, Шпанија и Германија, и владата во Берлин мора да даде зелено светло.

Хеликоптерски напад на Хутите на товарниот брод „Галакси Лидер“ (видео објавено од бунтовниците Хути)
Хеликоптерски напад на Хутите на товарниот брод „Галакси Лидер“ (видео објавено од бунтовниците Хути)Фотографија: Houthi Military Media Center/picture alliance/dpa

Во владиниот коалициски договор, владејачките партии во Берлин, социјалдемократите (СПД), Зелените и либералите (ФДП), всушност се договорија да не извезуваат оружје во земји како Саудиска Арабија, односно земји вклучени во војната во Јемен. Има и критики за состојбата со човековите права во Саудиска Арабија. Но, со оглед на тоа што земјата сега пресретнува ракети на Хутите врз Израел, германската влада веројатно ќе ја остави настрана својата загриженост.

Германска критика на Израел

Кога станува збор за суштинскиот конфликт меѓу Израел и Хамас, германската министерка за надворешни работи останува на својата претходна позиција: од една страна, да го увери Израел дека може „да се потпре на нашата солидарност во борбата против слепиот терор кој сака да го избрише Израел од картата“.

Но, за воената акција на Израел во Појасот Газа со многу мртви палестински цивили, таа вели: „Страдањето на многу невини луѓе не може да продолжи вака. Потребна ни е помалку интензивна операција“.

Бербок, исто така, повторно го критикуваше насилството на израелските доселеници врз Палестинците на Западниот Брег и за време на посетата рече дека изградбата на израелски населби е „илегална“.

Кој треба да управува со Појасот Газа во иднина?

Во однос на иднината на Појасот Газа, Бербок јасно се спротивстави на мислењата на одредени ултрадесничарски израелски министри кои претпочитаат да го протераат палестинското население од областа. „Газа им припаѓа на Палестинците“, рече таа во Израел - и во тоа целосно се согласи со нејзиниот американски колега Блинкен. 

Како изгледа Газа по речиси три месеци војна?

„За жал, не постои единствен став на израелската влада со кој би можело нешто да се направи“, вели Ханс-Јакоб Шиндлер. На израелска страна, се чини дека се појавува основен консензус дека „некаков вид израелска безбедносна структура треба да продолжи да постои (во Појасот Газа) на среден и на долг рок“.

Овде се поставува прашањето: „Тогаш кој треба да управува со Газа? (...) Нема доброволци. Обединетите нации, кои би можеле да управуваат, ја загубија довербата на Израел, особено во последните неколку месеци. Арапските држави направија огромен чекор назад. (...) Кој друг би го направил тоа? Секако не Европејците. Нема добра идеја“, вели Шиндлер.

Со својата воена акција во Појасот Газа, Израел само „купи време да ја реорганизира Газа“, предупредува Шиндлер. Можеби цела деценија. Ако Израел не најде подобро решение, тогаш ќе се соочи со сличен безбедносен проблем како порано, без разлика дали тогаш непријателот ќе се вика Хамас или некако поинаку.

Вашингтон не сака да ги налути ниту Арапите ниту Евреите

Значи, каков простор за маневрирање останува за германската политика на Блискиот Исток? Од една страна, главната улога очигледно ја одиграа САД, а не Германија или ЕУ, вели Шиндлер.

Од друга страна, Германија има контакти со многу различни актери во регионот, особено со арапските држави. Покрај тоа, според Шиндлер, просторот за маневрирање на владата на Бајден е исто така ограничен, со оглед на почетокот на изборната кампања во САД. „Јасните позиции на Вашингтон имаат политичка цена. (...) Тие не сакаат да ги налутат ниту арапските, ниту еврејските гласачи во Америка“.

Реакциите во арапскиот свет

Во арапските медиуми, посетата на германската министерка за надворешни работи Аналене Бербок остана во сенка на патувањето на Блинкен во регионот, кое се случи во исто време. Но, телевизискиот канал Ал-Арабија финансиран од Саудиска Арабија го спомена говорот на Бербок на Западниот Брег во кој министерката рече дека Израел е должен да ги заштити Палестинците во таа област. 

Аналена Бербок го осуди израелското насилство врз Палестинците на Западниот Брег
Аналена Бербок го осуди израелското насилство врз Палестинците на Западниот БрегФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Лондонскиот весник Ал Кудс ал араби, кој е финансиран од палестински инвеститори, е критичен кон политиката на Германија на Блискиот Исток - а со тоа и кон патувањето на Бербок. На прес-конференција во Каиро, германската министерка за надворешни работи испратила „пораки за поддршка на израелската окупација во нејзината агресија врз Појасот Газа“, оценува овој весник.

Општо земено, позицијата на Германија во војната на Израел против Хамас се гледа главно критички. Германската политичка елита ја оправдува својата поддршка за Израел со „наводно чувство на вина“ за холокаустот и потребата да се откупи со поддршка на Израел, се вели во коментар на интернет порталот на катарскиот телевизиски канал Ал-Џезира на англиски јазик. Оваа телевизија ја обвинува германската влада дека го нормализира антиарапскиот и антимуслиманскиот расизам и ја оправдува уште подраконската антиимиграциска политика.

Општо земено, германската позиција во војната се опишува како еднострана, а на Германија, како еден од најрешителните поддржувачи на Израел, се гледа негативно.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема