1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Атина ќе ја слуша заклетвата на Сиљановска

10 мај 2024

Според грчки медиумски анализи, интересно е да се види во која држава ќе се заколне Сиљановска. Oд тоа ќе се види и дали односите со Атина ќе продолжат во умерена клима или ќе се променат.

https://p.dw.com/p/4fgtu
Гордана Силјановска-Давкова
Свечерна изјава на Гордана Сиљановска-Давкова ќе биде првиот лакмус за насоката во која ќе продолжат односите меѓу Атина и СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Еден збор може да смени сѐ. Неупотребата на географската одредница „Северна“, односно на новото уставно име на државата, може да ги промени односите меѓу Скопје и Атина, а Софија да добие на своја страна адут дека не е единствената што не може да се разбере со Северна Македонија.

Првиот лакмус за насоката во која ќе продолжат односите меѓу Атина и Скопје, ќе биде свечената изјава на идната претседателка на државата Гордана Сиљановска-Давкова на 12-ти мај, при нејзиното инаугурирање на функцијата, чин кој Грција ќе го следи со внимание.

„Со оглед на тоа што Уставот во Северна Македонија не предвидува зголемени овластувања на претседателот, во нормални околности заклетвата во недела не би била ништо повеќе од формална и можеби здодевна процедура“, пишува познавачот на грчко-македонските односи, Ставрос Ѕимас, во анализа за грчкиот весник „Катимерини“.

Во овој случај, сепак, нема да биде така.

Потпишување на договорот за името во Преспа

„Но, сега е интересно во која држава ќе се заколне Сиљановска: во Северна Македонија како уставно запишана со Договорот од Преспа, или во непостоечка држава ‘Република Македонија’, под чие знаме таа самата тргна кон високaта функција, и нејзината партија на власт, иако со ниски тонови за време на изборната кампања? Ако по утрото денот се познава, во недела со инаугурацијата на Претседателката ќе се види дали односите со Атина ќе продолжат да се движат во умерена клима или ќе започне нов период на превирања, Скопје да отвори нов фронт со Грција во моментот кога раздорот со Бугарија ја загрозува европската перспектива на Северна Македонија“, се вели во анализата.

Дали некаде во Грција пишува Северна Македонија?

Сиљановска досега во повеќе наврати изјави дека нема да ја употребува придавката Северна, со објаснување дека тоа не значи оти ќе отстранува табли или натписи со тоа име.

„Јас кога реков дека нема да го употребувам зборот ‘Северна’ не мислев дека ќе ги тргам таблите пред институциите, на меѓународните конференции или во билатералните средби и така натаму. Далеку од тоа“, рече Сиљановска во дуел пред вториот претседателки круг.

„Јас говорам за себе. Кој не го знае тоа, дека правото на самоопределување е и лично право, и никој не може да ви нареди да употребувате нешто што не ви го прифаќа умот и срцето. Ќе го почитувам, но нема да го употребувам ‘Северна’. Ќе употребувам Македонија и никогаш нема да создадам конфузија бидејќи нема да треба да правам дистинкција меѓу Република Јужна Македонија. Таква нема. Значи, кога ќе зборувам, јас ќе си зборувам Македонија, македонски, македонско... ‘Северна Македонија’ нека стои пред мене. Но јас кажувам за мене, тоа прашање нема да биде никогаш затворено“, рече Силјановска.

На прашањето - што ако заради тоа добие нота од Грција, одговори дека никој не може да и каже што ќе употребува лично.

„Нота не може лично за говорот, правото на мислење и слободно изразување на мисла, од Сократ до денеска... А Грција нека направи нешто за да го спроведе Преспанскиот договор - меморандумите, па некаде и нека напише... Дали некаде во Грција пишува Северна Македонија, да ве прашам? Никаде“, рече Сиљановска на ТВ Телма.

Македонското малцинство во Грција

Без трикови

Според анализата во „Катимерини“, весник кој важи за близок до владејачката Нова демократија, Атина нема да толерира трикови за неупотребување на уставно име кај северната сосетка.

„Грчката страна, сепак, изгледа е решена да не толерира де факто операција на неспроведување на договорот во земјата со трикови на новото раководство. Во моментов Грција и Бугарија се во став на чекање и ги чекаат пораките на новата реалност во Скопје, а исто така и сојузничкиот фактор, односно Американците и Европејците“, се вели во анализата во „Катимерини“.

Во неа се потсетува и и на првата реакција во кругови на грчкото МНР кои неофицијално потенцирале дека новото раководство во Скопје „има обврска строго да го почитува Договорот од Преспа, кој е меѓународен договор кој произведува обврски за соседната земја и е предуслов за развој на нејзиниот европски пат“. Се посочуваат и последните изјави на бугарскиот службен премиер Димитар Главчев, дека Бугарија нема да отстапи од претходните барања, како и на претседателот Румен Радев дека брзо ќе стане јасно дали новиот претседател и партијата што победи на изборите во РСМ ќе работат за европскиот пат на земјата или ќе се свртат во друга насока.

Македонскиот јазик во Грција